Господине Бошков, како претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија, гледано од ваш агол, кој има поголеми права во земјата, работниците или работодавачите?
Мислам дека правата се поделени, исто како што се поделени и обврските, бидејќи на некој начин Законот за работни односи точно ги регулира правата и обврските и на едните и на другите. Но, навистина, последниот збор е напишан и во законот и во колективните договори, меѓутоа сепак го креираат претставниците на синдикатите на работодавачите. Сите ние се бориме за своите права, така што мислам дека се балансирани.
Но, незадоволство веројатно постои и од двете страни?
Јас зборот незадоволство ги го прекрстил во „потреби кои треба да се усогласат“, бидејќи доколку имаше незадоволни страни континуирано ќе немаше колективен договор и Закон за работни односи, иако сметаме дека може и да се промени, досега ги регулира на некој начин работните односи.
Сметате ли дека работодавачите го почитуваат Законот за работни односи и во колкава мера?
Во однос на трудовата легислатива каде што се почитуваат човековите права, договорите за работен однос, минималната плата, на некој начин, гранковите, секторските колективни договори се почитуваат и мора да се почитуваат, меѓутоа во однос на безбедност и здравје при работа, во однос на породилното отсуство, во однос на начинот на вработување, објавата за вработување итн., сметаме дека сè уште работодавачите мора да учат, како се почитуваат и како се спроведуваат тие постапки.
Начнавте некои проблеми. Работникот во Македонија, во некои сектори, сè уште се соочува со проблеми од типот на неповолни, на некои места и нехумани услови за работа, неисплатени прекувремени работни часови, нередовни и ниски плати итн. Што вие правите во конкретниов случај за да ги заштитите работниците? Колку вие имате надлежност за да им помогнете на работниците кои се соочуваат со вакви проблеми?
Пред сè како организација наша обврска не е да ги заштитуваме работниците, туку да ги обезбедуваме минималните права и услови за водење бизнис за работодавачите. Но, како организација која многу вложува во знаењето на работодавачите за општествената одговорност, една од категориите за општествено одговорни практики е и односот кон вработените, така што, да не бидам контрадикторен, но индиректно многу ни е значајно компаниите да ги почитуваат човековите права, да го почитуваат Законот за работни односи, трудовата легислатива за да може да ги заштитат своите вработени во однос на долготрајно живеење на компанијата, бидејќи за мене и за нашиот управен одбор на Бизнис конфедерација на Македонија, човечкиот капитал е најголемиот капитал на компанијата. Без работната сила, без доброто управување, без вештите работници едноставно, и најсофистицираната опрема не може да работи.
Од друга страна кои се проблемите со кои се соочуваат работодавачите? На што најмногу ви се жалат?
Најповеќе се жалат на корупцијата и на нелојалната конкуренција, потоа на пристапот до финансии, потоа на пристапот до инфраструктурата, на влијанието на економската криза. Параметрите за да можат работодавачите непречено и мирно да го водат бизнисот не е само во трудовата легислатива и најмалку е во начинот на кој соработуваат со своите вработени. Оние параметри и оние прашања кои сега ги истакнав мислам дека се дел од потешкотиите за водење бизнис.
Има ли државата слух за овие проблеми?
Сите напори што ги прави државата не некој начин покажуваат слух, меѓутоа работодавачите најдобро знаат како е да се води бизнис и како е да се исполнуваат условите. Ние низ дијалог со владата, со државата, преку Економско-социјалниот совет, преку локалните Економско-социјални совети , преку Националниот совет за претприемништво и конкурентност итн., настојуваме да обезбедиме поволна бизнис клима за работодавачите. Меѓутоа нормално дека се важни и политичките одлуки, така што имаме дијалог, но секогаш може да биде и подобро.
Како од денешен аспект гледате на зголемувањето на минималната плата во услови на постојан бран на поскапувања?
Од позиција на лидер на работодавачи којшто треба да ги брани и да ги штити правата на работодавачите, го гледаме како дополнителен трошок. Од социо-економска политика, сметаме дека зголемената куповна моќ на работникот изразена низ платите и минималната плата е на некој начин влијание на заживување на потрошувачката економија, која кај нас во Македонија и не е толку силна. Од страна на социјален партнер кој внимава во односите со работниците, сметаме дека оваа мерка е добредојдена, затоа што работниците секогаш треба да бидат мотивирани и задоволни, иако платата, мора да бидеме начисто, не е основната мотивација за вреден работник. И од страна на, дури и демографска слика, сметам дека минималната плата мора да биде повисока, затоа што ние треба да испраќаме економска порака до работодавачите, до работниците, до странските инвеститори, во рангирањето во регионот итн., а не социјална порака, така што од повеќе гледни точки минималната плата се гледа поинаку.
Во споредба со соседите каде сме во однос на минималната плата?
Среќа што Бугарија минималната плата ја договори над 215 евра, нашата е скоро 140 евра, така што од економска гледна точка за привлекување странски инвеститори сè уште сме најевтини. Од гледна точка на стандардот во општеството, сепак имаме најниска минимална плата, пониска и од Србија. Многу е важно каква порака ќе оставиме, затоа што не секогаш најниското или најевтиното, така што, иако претставувам дел од бизнис заедницата, сепак ова мора да биде порака дека што подолго време ја одржуваме минималната плата на ова ниско ниво, сè повеќе и повеќе ќе се соочуваме со фактот дека нашите работници сè повеќе и повеќе ќе размислуваат да ги напуштат нашите работни места во Македонија и за истиот труд да имаат многу поголема плата на друго место.
Реагиравте на законската обврска за исплата на К-15 од први јули.
Да.
Зошто сметате дека ваквата мерка не е добредојдена?
Бидејќи од природата на мојот карактер пред сè, и од природата на Управниот одбор и од начинот на кој функционира Бизнис конфедерацијата во Македонија, она што мора и она што е наредено без договор и без согласување нас нè повредува. Од друга страна, колективниот договор во кој се одредува 40 отсто од просечната плата е поголем износ од минималната плата во некои случаи. И на крајот на краиштата, има компании кои може да си дозволат и да исплатат и 13 и 14 плата и бонус и награда, меѓутоа што ќе прават оние што не можат да го направат тоа, а што имаат законска обврска. И ние, на крајот не сакам да звучам контрадикторно, ги охрабруваме компаниите да платат регрес, дури и на рати да го направат тоа, отколку да не го почитуваат законот и своите вработени, меѓутоа реагираме негативно затоа што тоа треба се прави на начин на кој сам ќе одлучи работодавачот за начинот на кој тој ќе го мотивира и награди работникот.
Дали доколку тоа не беше законска обврска работодавачите, односно компаниите тоа ќе го правеа или сепак можеби ќе го избегнеа тоа на некој начин?
Доколку не се случеше тоа, можеби и ќе ги оставевме работодавачите да не размислуваат повторно како да им ги земат тие пари на работниците откако ќе им ги исплатат. Имаме претпоставки, иако ова не е моја задача да го кажувам, ниту, пак, од една страна е етички од еден претставник на работодавачите, дека повторно ги внесуваме во лоши размислувања, во непочитување на законите и во изигрување на своите вработени, бидејќи ќе има и такви, како што има плата во плико, како што има сива економија, како што има непотполно функционирање во платниот систем итн.
Господине Бошков во последно време се актуелни протестите коишто на некој начин ја влошија политичката ситуација во земјата, па логично се јавува и страв во однос на безбедносната клима. Дали и колку овие настани можат да предизвикаат последици врз домашната економија, врз стопанството?
На локално ново нашите компании знаеја да функционираат и многу подбор и во време на конфликтот во 2001 година, така што менталниот склоп на бизнис заедницата веќе го смета ова како уште еден дел од општественото функционирање на земјата. На некој начин нас повеќе ни пречат честите избори кога се случуваат, без разлика дали се тоа локални или парламентарни, отколку политичката криза која во моментот воопшто не влијае на домашната економија. Е сега, иако политичките прашања не се наша цел, ниту се на некој начин дел од нашето стратешко функционирање, сметаме дека во политички стабилна управувана држава дека пораките кои и праќаме до меѓународните организации, до меѓународниот фактор, до регионалните партнери, до новите или идни партнери или инвеститори, можеби ќе ги предомисли или на некој начин ќе ги натера некои од сериозно донесените одлуки да се одложат.
Во однос на странските инвестиции, колку во вакви услови може да се очекуваат странски инвестиции, затоа што секоја фирма како потенцијален инвеститор се одлучува да го вложи капиталот во место коешто е сигурно. Колку ова може да ги предомисли и да почувствуваме некакви ефекти?
Оние договори што се прават за инвестирање или за пренасочување на капитал во Македонија се во насока на обезбедување на сигурност. Повторно ќе ја споменеме политичката состојба која испраќа информации, меѓутоа и точно навремено доаѓа до сите тие потенцијални инвеститори во Македонија. На некој начин глобалната математика или глобалната анализа односно бруто домашниот производ, странските директни инвестиции, на некој начин ќе бидат параметри или показател дали ова било погрешна политика или не. Во овој момент без анализи нема да се осудиме да кажеме колку влијае и како влијае и кои се бројките, резултатите.
Се подобри ли ситуацијата со раздолжувањата во стопанството? Доцнат ли сè уште фирмите во исплатата на меѓусебните долгови?
Законот за финансиска дисциплина почнува да ја разбудува легалната економска или менаџерска свест кај работодавачите. Секако дека постојат долгови, не можеме да кажеме дека се исчистени само со донесување на еден закон овие односи. Постојат должничко-доверителски односи кои влијаат на економијата, меѓутоа ние сметаме дека овој закон и овој тренд на некој начин ќе замира полека.
Дефицитот во трговската размена на Македонија со странство во првите пет месеци од годината веќе надмина една милијарда американски долари. Како да се дојде до посакуваното зголемување на извозот?
Тоа е долг процес. Тоа не е само заради бројката над една милијарда дефицит, многу мал број на македонски фирми и многу мал број на македонски производи излегуваат повеќе од 500 километри радиус од Македонија, тоа е првиот проблем. За да го зголемиме радиусот ќе треба да го зголемиме и капацитетот и квалитетот, безбедноста, на која било услуга и на кој било производ. Во безбедност дури сметам и начинот на кој се произведува и начинот на кој се пакува, на кој се обележува, на кој се брендира и начинот на којшто се покажуваат сите хранливи вредности и не вредности. За нас е важно пред сè нашите производи да добијат традиција на македонскиот народ, од македонскиот пазар да почнат да се прошируваат на регионалниот пазар, па понатаму да станат дел и од поголемиот светски пазар.