Политичката криза и протестите ги бркаат инвеститорите

Домашните фирми се навикнати на „функционирање во криза“, но политичката нестабилност може да ги одврати странските инвеститори, вели претседателот на бизнис-конфедерацијата на Македонија Миле Бошков.

Политичката криза чие решение, судејќи по вчерашните изјави на Груевски и на Заев, не е на повидок, негативно ќе се одрази на состојбите во економијата. Нарушувањето на безбедноста поради протестите поврзани со случајот Монструм дополнително ја влошуваат ситуацијата.

Претседателот на бизнис-конфедерацијата на Македонија Миле Бошков, во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе се емитува в недела, вели дека домашните фирми се навикнале на „функционирање во криза“ и оти актуелната состојба нема влијание на нив, но оти политичката нестабилност може да ги одврати странските инвеститори.

„Пораките кои ги праќаме до меѓународните организации, до меѓународниот фактор, до регионалните партнери, до новите или идни партнери или инвеститори, можеби ќе ги предомисли или на некој начин ќе ги натера некои од сериозно донесените одлуки да се одложат“, вели Бошков.

Тој посочува дека статистиката на крајот на годината ќе покаже дали и колку се одразила политичката криза на економијата.

Народната банка на Република Македонија пред неколку дена објави дека во првите четири месеци од годинава во земјава влегле 109,5 милиони евра странски инвестиции. Само во април инвестирани се 16,4 милиони евра странски капитал во земјава.

Економскиот аналитичар Висар Адеми неодамна изјави дека нестабилноста на институциите и кризите што тие ги предизвикуваат, во голема мера влијаат на одлуката на странските инвеститори да дојдат во Македонија.

„Ако не му е загарантирано правото на имот, или ако имате криза, тогаш ниедна голема компанија не презема таков голем ризик за да дојде да инвестира во Македонија. Големите компании, било да се странски, било да се домашни, сакаат да соработуваат со стабилни институции“, вели Адеми.

Гувернерот на Народната банка Димитар Богов уште на почетокот на опозицискиот бојкот на Собранието, во интервју за нашето радио пред месец и половина предупреди на зависноста на економските текови од политичкиот амбиент во земјава.

„Економијата бара мирен амбиент, бара стабилни и предвидливи услови за работа и стабилни институции коишто функционираат. Така што најдобро е сите политички битки да се водат во рамките на институциите, бидејќи кога не е така странските инвеститори не се чувствуваат толку сигурни“, рече Богов.

Пред неколку месеци, директорот на Стопанската комора на Германија Мартин Кнап сликовито предупреди дека странските инвеститори бараат стабилна клима за инвестиции, зашто во спротивно ќе го преселат капиталот во друга земја.

„Капиталот е како срна, на првиот шум знае да избега“, рече тогаш Кнап.

Премиерот Никола Груевски вчера рече дека не го прифаќа барањето на опозицијата за формирање техничка влада и оти ако е тоа услов за продолжување на разговорите за надминување на актуелната политичка криза, тогаш разговори нема да има, дури и по цена губење на препораката за преговори со ЕУ.