Сред лето и преку викенд одекна идејата на владата за осум измени на Уставот. И очекувано, вториот предлог од листата што ја престави лично Груевски, односно дефинирањето на бракот како заедница меѓу маж и жена почетно предизвика најмногу внимание. Истиот предлог за уставни измени и лани беше поднесен во парламентот од ВМРО-ДПМНЕ, но тој не помина оти за него гласаа само пратениците од владејачката партија и не е јасно дали Груевски сега обезбедил поддршка за дефинирањето на бракот исклучиво како заедница меѓу маж и жена.
Јас сум приврзаник на ниски дефицити, но да се пропише со Устав едно такво ригидно ограничување за да и се врзат рацете на државата за нужни потреби, мислам дека е многу цинично.Никола Поповски, поранешен министер за финансии.
Но без разлика на почетниот интерес и партиските калкулации, аналитичарите велат и дека сериозно проблематични се предложени измени во економскиот дел. Некои од нив, вели поранешниот министер за финансии Никола Поповски, ако се донесат ќе ја одбележат ерата на владеењето на Груевски и за секоја нова власт.
Конкретно во врска со предлогот во Устав да се зацрта дека дефицитот на буџетот може да биде најмногу до три отсто од БДП, а јавниот долг да е најмногу 60 отсто од БДП, Поповски оценува дека е најнепотребна мерка и како што вели многу цинична од оваа власт бидејќи сакала да го ограничи со Устав тоа што таа го пречекорувала постојано. Дополнително, вели тој, иницијативата предвидува тоа да се спроведе после три години што значи дека во меѓувреме актуелната влада ќе може да има дефицит и над 4 отсто како што е и сега прави.
Веројатно тука се кријат сосема други работи, да се искористи прилика сега да ги постигнат сега кога нема активна опозиција на политичката сцена.Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.
„Во Устав да се пропише дека дефицит е максимум 3 отсто, значи дека во било која година кога на некоја власт ќе и биде потребен заради нужни причини: економски, политички, безбедносни, природни итн., повисок дефицит не ќе може да го имплементира тоа и ќе биде со врзани раце. Јас сум приврзаник на ниски дефицити, но да се пропише со Устав едно такво ригидно ограничување за да и се врзат рацете на државата за нужни потреби, мислам дека е многу цинично“, вели Поповски.
Тој додава дека проблематично е и уставна можност за формирање на финансиска зона која би развивала посебна правна и финансиска регулатива по највисоките меѓународни стандарди.
„Македонија за странските инвеститори веќе е доночен рај, но сега може да се претвори во „финансиски рај“, каде што големите финансиски институции од светот ќе можат не во доночна, туку во финансиска смисла да ги обавуваат своите трансакции на начин на кој не можат на други места, и мислам дека тоа ќе ја сврсти Македонија во делот на оние островски држави во светот кадешто тоа е овозможено“, објаснува Поповски.
Според поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини тајмингот на иницирањето на измените е проблематичен, односно по избори, без опозиција во парламентот и пред извештајот на Европската комисија.
„Веројатно тука се кријат сосема други работи, да се искористи прилика сега да ги постигнат сега кога нема активна опозиција на политичката сцена“, вели Хајредини.
Покрај овие три измени владата предлага и промена на називот на Народната банка,воведување на институтот Уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет и дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.