Можен ли е политички дијалог со реална платформа?

Очекуваме дека двете страни ќе се обидат да создадат услови што ќе овозможат опозицијата да се врати во Парламентот, вели амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Ралф Брет.

Во насока на унапредување на демократските процеси во земјата сега е клучно да се постигнат резултати од дијалогот меѓу власта и опозицијата, потенцира во интервју за Радио Слободна Европа, амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Ралф Брет.

Очекуваме дека двете страни ќе тргнат од реална платформа, не само да разменат максималистички позиции и ќе се обидат да создадат услови што ќе овозможат опозицијата да се врати во Парламентот.
Ралф Брет. амбасадор на ОБСЕ во Македонија.

„Очекуваме дека двете страни ќе тргнат од реална платформа, не само да разменат максималистички позиции и ќе се обидат да создадат услови што ќе овозможат опозицијата да се врати во Парламентот бидејќи парламент без опозиција е нецелосен“, изјави Брет во интервјуто што во целост ќе го емитуваме в недела.

Сите инволвирани актери во државата мора да научат дека сè уште треба да се развива демократската култура за што, како што додава Брет, клучниот проблем за демократијата во државава го создава токму менталитетот на победници и поразени.

Мора да се слуша гласот на сите граѓани. Значи, гласот на граѓаните што ја поддржуваат власта, но и гласот на граѓаните што ја поддржуваат опозицијата. Мора да се слуша и гласот на граѓанскиот сектор. Демократското општество функционира врз што е можно поголемо единство на волјата на граѓаните.
Темелко Ристевски, универзитетски професор.

„Тенденцијата е победниците, оние кои освоиле мнозинство ја преземаат целосната моќ и преземаат силна контрола. Решението би било во тоа да се развие култура на поголема вклученост на опозицијата, поголема вклученост на одлуките, и поголема вклученост на правата на опозицијата“, изјави Брет.

Оценките на ОБСЕ/ОДИХР дадени во прелиминарниот извештај по изборите, деновиве во интервју ги поддржа и еврокомесарот за проширувањето, Штефан Филе потенцирајќи и дека во посочените области како што се слободата на медиумите, партизираноста на државата и останатите очекува да види резултати.


Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во соопштението објавено по првата средба од дијалогот меѓу лидерите Груевски и Заев изрази спремност да разговара на темите поврзани со имплементација на препораките на ОБСЕ во македонското изборно законодавство, окулу потребните активности за зајакнување на довербата кон избирачкиот список и, како што се вели, понатамошна регулација на медиумската сфера во земјава согласно европските стандарди.

Од упатените забелешки за кои Филе потенцираше дека постојат неколку години наназад, досега властите се држат само за декларативни заложби, посочува професорот Темелко Ристевски, додека во реалноста работите се влошуваат. Типичен пример за тоа се медиумите каде што, како што вели, слободите само се уназадуваат.

„Мора да се слуша гласот на сите граѓани. Значи, гласот на граѓаните што ја поддржуваат власта, но и гласот на граѓаните што ја поддржуваат опозицијата. Мора да се слуша и гласот на граѓанскиот сектор. Демократското општество функционира врз што е можно поголемо единство на волјата на граѓаните“, додава Ристевски.

Повисоко ниво на единство на волјата на сите во државата, на дијалог и компромис е нешто што е неопходно за создавање елементарно демократски амбиент, додава Ристевски.