Проруските сепаратисти не го послушаа Путин

Проруските сепаратисти во источна Украина ќе го одржат референдумот за независност на 11 мај. Ова било решено и покрај вчерашниот предлог на рускиот претседател Владимир Путин за одлагање на референдумите планирани во Доњецк и Луганск.
Народниот совет денеска едногласно го поддржа датумот за одржување на рефендумот, изјави лидерот на самопрогласената Народна Република Доњецк Денис Пушилин.

„Ова не е одлука на нас политичарите. Ова е одлука на народот на областа на Доњецк. Народот доби шанса да напарави херојско дело и не можеме тоа да им го одземеме“, оцени еден од лидерите на проруските сеператисти Андреј Пургин.

Вчера рускиот претседател Владимир Путин предложи одлагање на референдумите во Доњецк и Луганск.

Веднаш потоа украинскиот премиер Арсениј Јацењук оцени дека рускиот претседател Владимир Путин со својот предлог за одлагање на референдумите за самоопределување на југоистокот на Украина продава магла.
Ова не е одлука на нас политичарите. Ова е одлука на народот на областа на Доњецк. Народот доби шанса да напарави херојско дело и не можеме тоа да им го одземеме.
Андреј Пургин, еден од лидерите на проруските сеператисти.

„Тоа што Русија бара да се одложи некој референдум на 11 мај, мислам дека рускиот претседател треба да биде информиран дека нема референдум планиран за 11 мај. Но, ако сепаратистите и терористите кои ги поддржува Русија добиле наредба за одлагање на она што ниту било предвидено, тоа е нивен меѓусебен договор“, изјави Јацењук.

Претходно, рускиот претседател Путин по средбата со швајцарскиот претседател Дидие Буркхалтер, чија земја претседава со ОБСЕ, побара референдумот да биде одржан подоцна.

Путин ги повика властите во Киев веднаш да ги запрат воените операции во источна Украина кои имаа за цел враќање на контролата од проруските сепаратисти врз неколку тамошни градови.

Според Путин, планираните претседателски избори во Украина на 25 мај се чекор во вистинска насока, но оти нема да помогнат за решавање на сегашните проблеми со кои се соочуваат граѓаните на источна Украина.

„Сметаме дека најважна работа е воспоставување директен дијалог меѓу сегашните власти во Киев и претстаници на украинскиот југоисток, со цел тие да бидат уверени дека нивните легитимни права ќе бидат гарантирани во Украина“, рече тој.

Путин ги отфрли обвинувањата дека Русија е клучна за обнова на стабилноста во Украина, оценувајќи дека тоа било, како што изјави, „трик на нашите западни партнери кој нема никаква основа“.


Во врска со неговиот предлог, Белата куќа со одговор дека референдумите би требало да бидат откажани, а не само одложени. Американската администрација и со тврдење дека немало никаков доказ за повлекување на 40 илјади руски војници кои се распоредени во близина границата со Украина. Тоа денеска во Варшава го потврди и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.

„Иако ние ги забележавме руските изјави дека го почнале повлекувањето на војниците, досега не видовме никакви индикации дека го прават тоа. Ве уверувам дека ќе бидам првиот што ќе го поздрави таквото повлекување“, рече тој.

Расмусен и порача на Русија дека со нејзината агресија врз Украина ги поткопува мирот и безбедноста во Европа. Затоа, како што додаде, НАТО ќе и се прилагоди на таа нова реалност и ќе размести трупи на нејзината источна граница.