Достапни линкови

Турчинов: Русија е во војна со Украина


Олександр Турчинов
Олександр Турчинов

Украинскиот привремен претседател Олександр Турчинов оцени дека Русија е во војна со неговата земја. Тој додаде дека главен проблем е тоа што Москва дава голема институционална поддршка за источна Украина.

Говорејќи на телевизијата Канал 5, привремениот украински претседател Турчинов ја обвини Москва за обид за дестабилизација на целата ситуација во источна и јужна Украина.


„Руската Федерација е во војна со Украина. И на истокот и на југот тие се обидуваат целосно да ја дестабилизираат ситуацијата. Иако тоа им успеа на истокот, да бидеме отворени, кога станува збор за регионот на Одеса кој е една од главните цели на Руската федерација, како што е и регионот на Харков, тогаш тие наидоа на вистински отпор“, рече тој.
Руската Федерација е во војна со Украина. И на истокот и на југот тие се обидуваат целосно да ја дестабилизираат ситуацијата. Иако тоа им успеа на истокот, да бидеме отворени, кога станува збор за регионот на Одеса кој е една од главните цели на Руската федерација, како што е и регионот на Харков, тогаш тие наидоа на вистински отпор.
В.д. претседател на Украина.

Според Турчинов, украинските патриоти ги блокирале ваквите напори на локалните провокатори и сепаратисти кои ги обвини за организирање на насилствата во обид, како што рече, да го потклекнат градот Одеса.

Турчинов додаде дека насилствата во Одеса во текот на изминатиот викенд биле испровоцирани и организирани од многу луѓе кои имале руски пасоши или пак кои биле од молдавскиот проруски регион Придњестровје.

Според Турчинов, повеќето полицајци во источна Украина ги симпатизираат сепаратистичките групи, особено во Луганск и во Доњецк. Тој прецизира дека руските специјални сили имале за цел да дестабилизираат многу региони во југоисточниот, па дури и во централниот дел на Украина, но оти тоа им успеало само во регионите на Луганск и на Доњецк.

Турчинов призна дека напорите на официјален Киев да покрене воени операции против проруските сепаратисти во источна Украина биле забавени главно поради големиот број луѓе кои, како што рече, се жители на тие региони кои ги поддржуваат сепаратистите.


„Вториот проблем е што самата полиција 20 години беше обучувана да извршува други задачи, како на пример да ги заштитува тие што се на власт. Сега тие не се во состојба да ја преземат уставната задача да ги штитат животите на луѓето. Тоа е колосален проблем“, рече тој.

Турчинов ова го оцени по уличните битки во Одеса меѓу проруските сепаратисти и украинските националисти во кои загинаа над 40 лица. Повеќето од жртвите загинаа во подметнатиот пожар во зградата каде што проруски сепаратисти побарале засолниште.

Украинскиот премиер Арсениј Јацењук вчера ја посети Одеса каде што ја обвини Русија за провоцирање на тамошните насилства.

Во Москва, пак, заменик шефот на руската дипломатија Григориј Карасин оцени дека настаните во Одеса покажале оти украинските власти не биле способни да воспостават дијалог со проруското население во Украина. Според него, убиствата во Одеса би требало да послужат како предупредување за целиот свет.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG