Ќе се откриваат загубите на вода во Дебар

Со Скада систем ќе се откриваат загубите на водата од водоводот во Дебар. Надлежните се надеваат дека на тој начин ќе се решат проблемите со водоснабдувањето присутни особено во летниот период.
Во Дебар започнаа активностите за балансирање на системот за водоснабдување со кој се откриваат и локациите каде се врши злоупотребата на водата за пиење за други цели. Со овој проект кој е подржан од страна на Регионалниот Еколошки Центар – канцеларија во Скопје ќе се надминат проблемите со водоснабдувањето во градот, кои се присутни особено во летниот период и покрај тоа што од изворот во Росоки потекуваат кон Дебар над 130 литри вода во секунда.
Сега се работи на две точки и тоа на излезот од главниот резервар, а во идниот период со поставувањето на врските на системот ќе се врши мерење и на шест други точки каде ќе има и систем за регулирање и балансирање на целокупната градска мрежа.
Фатмир Алили, ЈКП Стандард.


„Се работи за Скада систем кој ги насочува позициите од каде се загубите на водата во водоводната мрежа. Тоа е систем за откривање на загубите на водата од водоводот. Сега се работи на две точки и тоа на излезот од главниот резервар, а во идниот период со поставувањето на врските на системот ќе се врши мерење и на шест други точки каде ќе има и систем за регулирање и балансирање на целокупната градска мрежа“, вели техничкиот директор на ЈКП Стандард Фатмир Алили.

Според него со овој значаен проект дефинитивно се решава проблемот со водоснабдувањето. Алили додава дека свое значење во оваа активност имаат и дигиталните водомери.

„Оваа ќе значи многу за Дебар. Во рамките на овој проект со поддршка на надлежното министерство покрај веќе поставените 12 илјади дигитални водомери ќе се постават уште други 1.400 водомери, како и софтвер за автоматско фактурирање. Исто така наскоро ќе се реализира и санација на 26 командни шахти со замена на шивери и затворачи. Сето ова ќе значи можност за целосно балансирање на системот на водоснабдување во градот. Исто така сметам дека има потреба и една голема кампања за населението во однос на намалување на потрошувачката на водата и таа ќе се користи рационално.“

И покрај тоа што регионалниот водовод Росоки–Дебар,има доволни количини на вода и од него без проблеми се снабдуваат и неколку селски населби од регионот, сепак масовната злоупотреба на вода за наводнување на зелени површини во периферијата на Дебар од страна на несовесни граѓани го нарушува системот за водоснабдување. Локалната власт и ЈКП веруваат дека системот за балансирање ќе стави крај на овој голем проблем за жителите на Дебар.