Партиските сметки во минус и никому ништо

И овие избори, најголем дел од партиите ги завршија со големи минусни салда, односно повеќе трошеле, отколку што успеале да соберат по основ на донации и други приходи. И што кога надлежните не си ја вршат работата?
Ненадлежни институции, арогантна власт, некадарна опозиција, невладини кои само нотираат забелешки, но никој не ги слуша и како продукт на сето тоа партиските сметки за време на изборите останува неразјаснета тема, заклучуваат познавачите на оваа проблематика.
Ние имаме проблем со тоа дека институциите се контролираат од страна на партиите на власт и тие не можат да постапуваат доколку не добијат наредба или овластувања.
Слаѓана Тасева, Транспаренси интернешнл – Македонија.


И овие избори, најголем дел од партиите ги завршија со големи минусни салда, односно повеќе трошеле, отколку што успеале да соберат по основ на донации и други приходи. Но тоа ништо ново, парите за кампањите се проблем години наназад, но досега институциите останеле неми и ниеден случај не е разрешен. Прашањата како - Каде се парите, од каде се, дали донаторите се вистински или не, како се потполнуваат милионските минуси на сметките, остануваат неодговорени.


Невладината Транспаренси интернешнл најави кривични пријави за организаторите на кампањите на ВМРО -ДПМНЕ и за ДУИ за изборни злоупотреби. И други невладини за овие избори, но и за изминатите поднесувале приговори, пријави, нотирале забелешки, но се останало на тоа, правен епилог нема.
Подносителите овластени на кривичните пријави ќе можат да бараат правни „лекови“ и пред Европскиот Суд за човекови права, но за да се стигне до таму и според европскат аконвенција и според нашата регулатива, се бара да бидат исцрпени сите правни „лекови“ во редовна и правна постапка пред нашите судови.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнл – Македонија, вели дека проблемот лежи во надлежните институции.

„Проблемот е во институциите кои не си ја работат до крај работата за која имаат обврска и надлежност согласно закон, значи законите постојат, во законот овие работи се уредени, но ние имаме проблем со тоа дека институциите се контролираат од страна на партиите на власт и тие не можат да постапуваат доколку не добијат наредба или овластувања.“

Судовите мора да постапуваат по кривичните пријави, затоа што така ги задолжува законот, вели професор Осман Кадриу. Тој додава дека за жал досега институциите во сите изборни циклуси не си ја завршија работата, или пак ја вршеа парцијално, со што се добива доем дека се работи за некаков политички реваншизам. И начинот на финансирање и злоупотребите од страна на партиите одат во контекст на она што се нарекува законски, регуларни, демократски избори, вели Кадриу.

За ваквите девијации и аномалии се надлежни нашите судови и постапките мора да се спроведуваат во земјата, па дури потоа потоа правдата да се бара надвор, вели Кадриу.

Тој додава дека и народот негодува за финансиите на партиите и доколку тие не се решаваат по правен пат не би било чудо као луѓето протестираат против тоа, оти тие девијации претставуваат директен напад врз уставниот поредок на земјата.

„Подносителите овластени на кривичните пријави ќе можат да бараат правни „лекови“ и пред Европскиот Суд за човекови права, но за да се стигне до таму и според европскат аконвенција и според нашата регулатива, се бара да бидат исцрпени сите правни „лекови“ во редовна и правна постапка пред нашите судови и дури тогаш во рок од шест месеци по правосилноста на одлуката може да се иницира постапка во вид на апликација пред Европскиот Суд.“

Партиите со минус на сметките

Партиските извештаи за финансирањето на изборите доставени до Државната комисија за спречување корупција покажаа дека речиси сите политички партии трошеле отколку што собрале. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ потрошила најмногу пари, но има и најголем минус на салдото. Целата кампања за предвремените избори коалицијата предводена од ВМРО -ДПМНЕ ја чини 1.441.814 евра. Во периодот од 17 до 25 мај, партијата имала вкупни приходи од 135.390 евра, расходите изнесуваат 727.877 евра, што значи дека партиската сметка за изборите е во минус за повеќе од пола милион евра, односно 592.487.

Целата изборна кампања за нивниот кандидат за претседател Ѓорѓе Иванов чини 770.635 евра, но и тој има минус на салдото за последните 10 дена од кампањата и тоа за 89.767 евра.

ДУИ за изборната кампања за предвремените парламентарни избори потрошила 502.180 евра. И оваа партија најмногу трошела за реклами и пропаганда. И ДУИ во последните денови од кампањата потрошила повеќе отколку што собрале на сметка. Тие собрале 61.788 евра, а потрошиле 193.936 евра што значи дека сметката им е покуса за 132.175 евра.

Комисијата за спречување на корупција го нема финансискиот извештај на СДСМ за последните десет дена од кампањата, иако од партијата велат дека доставиле сметка. Врз база на претходните извештаи кампањата за кандидатот за претседател на СДСМ Стево Пендаровски чинела околу 100 илјади евра, а СДСМ во првите десет дена од кампањата потрошила 130.537 евра, а на сметката имале 130.959 евра.

И ДПА во вториот дел на кампањата повеќе трошела отколку што собрала. Од партијата потрошиле 4.097 евра, а собрале речиси 500 евра. За целата парламентарна кампања ДПА потрошила 6.217 евра, а за претседателската 8.280 евра.