Кампања обележана со корупциски афери

Опозицијата отвораше афери, власта стоеше на формулата - тоа што успева не треба да се менува. Албанските партии навлегоа во меѓусебни препукувања, но во кампањите изостана презентирањето на јасни визии, концепти и идеи за иднината на земјава.
Корупциските афери кои ги отвори опозицискиот СДСМ ја одбележаа кампањата за парламентарните избори. Владејачката партија се обидуваше да се задржи на пораката дека формулата која успева не треба да се менува, а партиите од албанскиот блок малку неочекувано навлегоа во меѓусебно препукување околу тоа кој ќе ја формира влада. Со овој генерален впечаток гледаат експертите на изборната кампања за парламентарните избори која е пред истекот.
Ние во нашата изборна историја не сме имале откривање на одреден ваков шокантен податок сред изборната кампања, така што на тој начин ја прави сета оваа ситуација специфична.
Здравко Савески, универзитетски професор.


СДСМ водеше кампања на нарушување на кредибилитетот на власта и според нив разобличување на премиерот, а пред се со намера да придобијат дел од неопределените гласачи, додека ВМРО-ДПМНЕ продолжи да ги промовира своите проекти и потроши одредена енергија на минимизирање на ефектите од објавените афери врз неопределените гласачи, анализираат експертите.

Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.



„Ние во нашата изборна историја не сме имале откривање на одреден ваков шокантен податок сред изборната кампања, така што на тој начин ја прави сета оваа ситуација специфична и останува да се види, дури и од научен аспект, ефектот врз граѓаните, од една ваква ненадејна информација со висок интензитет“, посочува професор Здравко Савески.
И двете страни беа внимателни да не искажат нешто што би можело да има негативен ефект кај граѓаните, но атакуваа на една неопределена група на граѓани кај Албанците.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.
Во здравите демократии текот на нештата при ваков случај би бил сосема поинаков, дополнува Савески, почнувајќи од понесување морална одговорност до очекувано однесување кај гласачкото тело свесно за својата моќ, што би било според него уште еден предмет на анализа кога станува збор за нашево општество.

Она што се случуваше во текот на кампањата сосема очекувано е дека ќе продолжи и по изборите, а може да биде и најава на тоа дека опозицијата ќе продолжи да ги темели своите активности на веќе започнатите во кампањата на отварање на темите за моралниот кредибилитет на актуелната владејачка гарнитура, анализираат експертите.

Во таканаречениот албански блок се следеше досегашниот курс, владејачката ДУИ се трудеше да се промовира себе си како заштитник на интересите на албанските граѓани за на крајот да влезат во дебатата кој ќе стане дел од власта.

„И двете страни беа внимателни да не искажат нешто што би можело да има негативен ефект кај граѓаните, но атакуваа на една неопределена група на граѓани кај Албанците“, посочува аналитичарот Алберт Муслиу.

Притоа ДУИ се обидуваше да потсетува на принципот дека победникот ја формира владата, а ДПА од своја страна дека таа ќе биде таа што ќе победи. Во секој случај и во албанскиот, како и во македонскиот блок во изборната кампања за овој циклус парламентарни избори која истекува на полноќ изостана презентирањето на јасни визии, концепти и идеи за иднината на земјава.