Најмногу коментари за аферата „Македонска банка“

Од „се докажа криминалот на Груевски“ до „Заев е аболициран криминалец и не може да обвинува друг“. Најмогу коментари од читателите има за темите поврзани со аферата „Македонска банка“.
И покрај молкот на поголемиот дел печатени медиуми, за што информиравме во нашиот минатонеделен преглед на печатот, граѓаните сепак разбраа за аудио-снимката што ја презентира лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со гласот на премиерот Груевски и неговиот посредник во пазарот околу Македонска банка со српскиот бизнисмен, таканаречениот Газда Нини.
Заев со тапија го соголи Глобал, а сега и местенки ќе прави.
Коментар од читател.

Првиот коментар е на некој Срп кој напишал дека веќе никој не се занимава со измислиците и глупостите на Заев. „Заев со тапија го соголи Глобал, а сега и местенки ќе прави, не го бива, како и цело СДСФИРОМ!“ - напишал луто Срп. Џоко од Кичево смета дека работата мора да се расчисти до крај за да не остане никаква флека, со оглед дека станува збор за функционер со најдолг премиерски стаж во Македонија, а Иле од Скопје мисли дека со Македонија владее партија создадена од илуминати и масони која се крие под името ВМРО-ДПМНЕ и има само една цел: растурање на Македонија по сите основи. Бургија од Зрзе вели: „Епа, тие се тие ’објективни‘ медиуми кои не смеат да писнат. Дали овие напади од опозицијата се вистинити или не, медиумите се должни да информираат, а ние, граѓаните, мора да имаме пристап до сите информации“.
Сега гледаме зошто во Македонија нема мафија, па сите криминалци се во владата.
Коментар од читател.

По неделното интервју со лидерот на СДСМ, Заев, МКД револтирано искоментирал дека „Заев е криминалец со тапија, помилуван од тогашен претседател – сопартиец“ и прашува дали Заев знае дека докази добиени по нелегален пат не се валидни докази. Пиле смета дека аудио-снимката со гласот на Груевски била само борба за политички поени на СДСМ, а не сериозна понуда до неопределените околу 30 отсто гласачи за да се направи радикален пресврт на политичката сцена. Во друг коментар, истиот Бургија од Зрзе додава дека јавниот обвинител „треба да го разгледа случајот зашто е обвинет премиер на една држава и така би постапил секој јавен обвинител во секоја нормална правна држава. Не само да се слика и да дава смешни изјави“ - напишал. Александар од Пела заклучува: „Сега гледаме зошто во Македонија нема мафија, па сите криминалци се во владата!? Очајно е тие лица да зборуваат за морал, чесност, доблесност“.