Достапни линкови

Молк на весниците за аферата „1,5 милиони евра во кеш за Груевски“


Претседателот на опозициската СДСМ Зоран Заев.
Претседателот на опозициската СДСМ Зоран Заев.

Со ретки исклучоци, весниците ја премолчуваат аферата што ја отвори претседателот на СДСМ Зоран Заев, дека премиерот Груевски зел 1,5 милиони евра црни пари во кеш од „Газда Нини“ при продажбата на Македонска банка.

Она што Заев го вети по првиот изборен круг, дека аргументирано и со документи ќе ги обелодени криминалните дејанија на партијата на власт, го остварува: „Газда Нини му дал 1,5 милиони евра кеш на Груевски од продажбата на Македонска банка. За сè имаме докази, вели Заев“. Утрински ја објавува истата информација. Во другите печатени медиуми за оваа опозициска „бомба“ нема ниту збор. Утрински го објавува и пишаниот демант од партијата на Груевски: „Заев халуцинира, ќе добие тужба“.
Газда Нини му дал 1,5 милиони евра кеш на Груевски од продажбата на Македонска банка. За сè имаме докази, вели Заев.
Утрински весник.

Печатените медиуми, инаку, главно објавуваат информации за првиот круг на претседателските избори во неделата. Утрински во крупен наслов напиша: „Триумфот на десницата влез кон победа и на 27 април“. Вечер, кој најдетално ги следи предизборните настапи на сите носители на листи на ВМРО-ДПМНЕ, насловува: „Експертите очекуваат двојна победа на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април“ и триумфално додава: „Убедливата победа на Иванов значи фијаско на СДСМ и на парламентарните избори“.
Етноцентричноста на ДУИ и на ДПА им штети на Албанците.
Нова Македонија.

„Сè е фалсификат кога губат“ - наслови Дневник за да додаде: „Пендаровски за, Заев против бојкот на изборите?“ Утрински со подетален наслов: „Расте притисокот врз Заев - Новото опозициско раководство падна на првиот изборен тест, ама најави продолжување на кампањата, очекувајќи подобри резултати на 27 април“.

Исто така, само истиот весник објави дека „Уставниот суд го одби барањето на новинарите за 24 декември - на новинарите не им била загрозена слободата на изразување, туку биле замолени да ја напуштат галеријата, заради нивна лична безбедност“, парафразира Утрински дел од образложението.

Дневник објави дека лидерот на ДПА, Тачи, имал средба со Груевски на која барал заштита на изборите од, како што пишува весникот, „теророт на ДУИ“. Од високи извори на ДПА Дневник дознава дека се разговарало и за соработка на двете партии по вториот круг на изборите.

Нова Македонија објавува сопствена анализа дека „Етноцентричноста на ДУИ и на ДПА им штети на Албанците“.

И како за крај на овој преглед, информацијата што ја објавува Слободен печат: „Се намалува интересот за државните хартии од вредност - на банките им здодеа да ја спонзорираат владата која пред два дена сакаше да позајми 30,8 милиони евра, но доби 28,5 милиони, што е за прв пат од почетокот на годинава банките да не ѝ удоволат на Владата“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG