Големиот канадски балет од Монтреал премиерно во Македонија

Балетот „Минус еден“ на Големиот канадски балет од Монтреал.

„Минус еден“ е насловена претставата која утревечер во Македонската опера и балет, ќе ја изведе Големиот канадски балет од Монтреал. Се работи за врвен ансамбл со интензивна меѓународна агенда чиј уметнички директор е прославениот балетски уметник од македонско потекло Градимир Панков, а неговото прво гостување во Скопје е во рамките на актуелната балканска турнеја.
Градимир Панков го отсонува својот сон. По само две години откако на „Танц фест“ ја прими наградата „Менада“ и потем беше избран за промотор на земјава во рамките на проектот „Македонија те љуби“, тој се враќа дома носејќи го по прв пат во Република Македонија - Големиот канадски балет од Монтреал, каде што е уметнички директор во последниве деценија и половина. Од таму, нималку не треба да чуди, кога во пресрет на изведбата на балетската претстава „Минус еден“ на својот одличен пријател и славен кореограф Охад Нахарин (со кого патем другарува од 1980-те кога заеднички твореа во Женевскиот балет) во МОБ, тој знае да каже дека на овој начин затвора еден круг од своето креативно патување во уметноста.
Се затвора еден круг од моето патување. Јас не можам да се споредам со Одисеј, со неговите патешествија, меѓутоа на извесен начин и ова моево е навистина големо патување по светот.
Градимир Панков,Канадски балет од Монтреал .


„Се затвора еден круг од моето патување. Јас не можам да се споредам со Одисеј, со неговите патешествија, меѓутоа на извесен начин и ова моево е навистина големо патување по светот.“

Чисто за потсетување, истакнатиот балетски уметник има импресивна меѓународна кариера и соработка со најпознатите имиња од светските и европските танцови компании. Панков како танчер дебитирал во Скопје, потем имал успешна кариера во поранешна Југославија и во Германија, а потем бил уметнички раководител на познати танцови театри како Холандскиот танцов театар II, Националниот балет од Финска, Кулберг балетот од Шведска и Балетот на големиот театар во Женева.
Уметнички директор на оваа креативна компанија е Градимир Панков кој потекнува токму од Македонија. Благодарение на неговата посветеност и работа со младите танчари, Големиот канадски балет прераснува во вистински инкубатор за млади таленти.
Роман Вашчук, канадскиот амбасадор во Србија.

Инаку, балетската претстава „Минус еден“ Нахарин во Големиот канадски балет од Монтреал премиерно ја поставил во 2002 година и во неа настапуваат 25 врвни танчери, а говорејќи за проектот уметничкиот директор знае да каже дека станува збор за едно од најиновативните дела на компанијата и за перформанс кој, во практика, редовно остварува близок контакт со публиката.

Градимир Панков, уметнички директор на Големиот канадски балет од Монтреал.


„Не е наративна претстава, туку се работи за фрагменти кои кореографски се фантастично поврзани. Едноставна е зашто костимите се без боја, црно-бели, сценски е решено како коцка. Има нови аспекти, наоѓам нови кореографски елементи на изразување на телото, со различни движења и користење на класичната техника, но нема многу поврзаност со класиката. Претставата имаше голем успех низ светот. Македонија има фантастичен фолклор и во душата на македонскиот народ тој е многу важен. Како директор на компанијата, гледам извесна поврзаност, а вие поврзаноста ќе ја почувствувате токму по самиот избор на музиката“, потенцира Панков.
Од една страна тоа е можност да видиме како се работи во светот, од друга страна можност да се видиме и споредиме себе си со останатиот дел од уметничките проекти.
Дејан Прошев, директор на МОБ.

Ова подразбира дека направен е микс на латино ритмите (мамбо и ча-ча-ча) со сурф-звуците од гитарата на Дик Дејл, па преку израелските традиционални напеви како Hava Nagila и Ehad Mi Yodea, е дојдено до творештвото на Арленд Харолд и феноменалниот Арво Парт.

Од своја страна, пак, Роман Вашчук, Канадскиот амбасадор во Србија, надлежен и за Република Македонија, говорејќи за балканската турнеја на Големиот канадски балет од Монтреал ( во рамките на која тој ќе настапи и во Атина, Белград и Нови Сад), вели дека станува збор за колектив со исклучителна репутација и дека неговите танчери се меѓу најдобрите во светот.

„Ќе имате можност и самите да се уверите на сцената на МОБ. Људмила Шараеф го основа Канадскиот балет во далечната 1957 година и од него произлегоа познати танчари и кореографи. Но постои посебна врска на овој балет со просторите на Балканот. Уметнички директор на оваа креативна компанија е Градимир Панков кој потекнува токму од Македонија. Благодарение на неговата посветеност и работа со младите танчари, преку неговата поинаква креативна визија за светот низ магијата на танцот, Големиот канадски балет прераснува во вистински инкубатор за млади таленти.“

Дејан Прошев, директор на МОБ, истакнува дека з нив ова гостување на Канадскиот балет не е само убава можност за размена на културните добра туку и прилика да се види како се работи во светот.

„Секогаш се чувствувам добро кога се случуваат размени на културни и уметнички добра. Од една страна тоа е можност да видиме како се работи во светот, од друга страна можност да се видиме и споредиме себе си со останатиот дел од уметничките проекти.“