Халими - Сметам на поддршка и од гласачите Македонци

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Интервју со Илијаз Халими

Граѓаните имале можност да се запознаат со мојот карактер. Имајќи го предвид односот на граѓаните Македонци кон мене, кои кога ме среќаваат ми честитаат, ми дава храброст да сметам на поддршка и од гласачите Македонци, вели кандидатот на ДПА за претседател на Македонија, Илијаз Халими, во интервју за Радио Слободна Европа.
Господине Халими меѓу гласачите има мислење дека функцијата Претседател е само формална и нема многу влијание. Како гледате на ваквото мислење?

Компетенциите на претседателот на државата се дефинирани со Уставот. Факт е дека претседателот нема такви ингеренции како што има на пример претседателот на Владата. На начинот на кој се избира претседателот на државата, преку непосредно гласање од гласачите во Република Македонија би требало да има повеќе ингеренции. Точно е тоа дека претседателот на државата со овие ингеренции кои ги има, најдобро е да се избира во Парламентот. Но тоа е друго прашање, треба да се менува Уставот и тоа е прашање на договор меѓу релевантните политички партии. Но, сепак, претседателот на државата во рамките на тие компетенции кои ги има има влијание во регулирањето на многу нешта во државата, а и надвор, но тоа зависи многу и од самата личност на претседателот на државата, колку тој може да влијае, односно колку може да ги координира работите, колку е подготвен да реагира во одредени моменти, нормално за работи кои се косат со Уставот и законите, така што ако се сака и ако претседателот на државата не работи под директиви на партијата која го предложила за претседател на државата, тогаш полесно е да ги спроведува тие компетенции кои ги има според Уставот, нудејќи го и своето влијание како личност.

Дали сметате дека во последно време претседателската функција е падната во сенка на владата?

Да, точно е. Затоа јас велам дека Претседателот треба да биде претседател на сите граѓани, да ги претставува сите етнички заедници, сите верски заедници, па и сите политички партии, здруженија, значи вкупно да биде претседател на граѓаните во Република Македонија. И ако смета дека еден закон е донесен спротивно на волјата на народот, односно не е хармонизиран со интересите на граѓаните, тогаш тој има право да не го потпише, сè со цел да се оди на еден пореален, пообјективен закон кој ќе ги регулира нашите внатрешни односи.

Дали повиците за бојкот на изборите од страна на ДУИ се потенцијална закана за гласовите од албанското гласачко тело?

Јас не верувам дека повиците за бојкот ќе ги спречат граѓаните да не излезат и да не гласаат. Дел од гласачите можеби нема да излезат да гласаат, тие што се милитантно поврзани со субјектот кој апелира за бојкот и евентуално некој кој има притисок од нивна страна за да не излеза да гласа, но ова е спротивно со демократските процеси, спротивно со правото на граѓаните да излезат и слободно да се изразат за кого ќе гласаат. Ова е директно спротивно со ставовите на меѓународната заедница, Европската унија, Советот на Европа, ОБСЕ, САД, кои не се сложуваат со бојкот. Таков став имаше и господинот Ховит, известувачот за Македонија во Европскиот парламент. Сметам дека граѓаните ги следат овие ставови и во духот и на тие ставови и на самата демократија тие ќе одлучат и нема да бидат послушници на оние кои им велат седете дома и не излегувајте да гласате на денот на избори.

Која е вашата стратегија за привлекување на гласови од македонскиот електорат и од другите заедници во Македонија.

Јас немам некоја посериозно стратегија. Илузорно е да мислам дека ќе бидам претседател само на една националност на која јас припаѓам, кога се знае дека Македонија е мултинационална, мултиконфесионална и мултикултурна држава,затоа сметам дека било кој да е претседател, факт е дека припаѓа на одредена националност, но тој како претседател на државата треба ист за сите и да не ги дели граѓаните врз етничка и верска основа. Јас сум работел во многу институции, сум извршувал многу функции, бев и потпретседател на Парламентот четири години, четири години пратеник и две години заменик министер за одбрана, така што граѓаните имале можност да се запознаат со мојот карактер, со моето јас. Имајќи го предвид односот на граѓаните Македонци кон мене, кои кога ме среќаваат ми честитаат и тогаш и сега, тоа ми дава храброст да сметам на поддршка и од гласачите Македонци.

Дали сте се соочиле со предрасуди во текот на вашата кампања?

Јас не сум се соочил со предрасуди. Предрасудите кај граѓаните можеби влијаат во моментот кога треба да гласаат, но зависи и од човекот како е изграден, колку е образован, културен, дали е космополит и на таков начин човекот има најмалку предрасуди и не гледа кандидатот за претседател да биде единствено од својата националност. Има граѓани за кои е битно претседателот на државата да е човек и да има способности успешно да ја води државата и да ги претставува граѓаните.

Се придвижува ли Македонија во евро-атланските интеграции. Како може претседателот да помогне во придвижување на овој процес?

Стратешка цел на Република Македонија е вклучување во Европската унија и НАТО. Ова е многу битно затоа што се отвораат пошироки перспективи за граѓаните, а исто така и Македонија може да има друга улога воопшто во светот, затоа што ќе ѝ се даде прилика да се истакне како држава која ќе биде интересна за привлекување на инвеститори од другите држави. Ако Македонија биде членка на НАТО, тоа ќе биде многу битно за сигурноста на државата, затоа што имаме колективна одбрана од евентуално некакви претензии кон Република Македонија. А како членка на ЕУ ќе се отворат можности да ги искористиме средствата од разни фондови, исто така границите ќе бидат поотворени, ќе може да се развие повеќе трговијата, туризмот и другите важни гранки во општеството.

Процесот е закочен поради билатералниот спор со Грција. Како можат да се придвижат работите?

Пречка за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО е проблемот со името што го имаме со Грција и ова треба да биде приоритет кој и да биде претседател на државата. Тоа и за мене би било приоритет и би се нафатил што поскоро тоа прашање да се симне од дневен ред, да се реши и да зачекориме напред, да влеземе во НАТО и да добиеме датум за почеток на преговори за влез во Европската унија и на ваков начин Македонија би имала сосема друг статус кај меѓународната заедница.

Како може шефот на државата да придонесе за откочување на процесот?

Јас не сум слушнал досега шефот на државата да свика средба на сите најрелевантни политички партии, колку што знам јас досега претседателот на државата имал контакти со претседателот на Владата, со нашиот претставник во ОН, кој заедно со Нимиц поседуваат да се реши проблемот со името, но тука оваа прашање треба да се гледа пошироко и да се дојде до еден заеднички заклучок за решавање на името што би било прифатливо за граѓаните. Нормално, компромисот треба да биде прифатлив и за грчката страна. Јас би постапил така што би свикал состанок со сите претседатели на релевантните политички партии, би формирал работна група, стручна група, каде би членувале најистакнати историчари, археолози, правници, стручњаци по меѓународно право за детално да се анализираат предлозите на Нимиц, па евентуално и некој наш предлог што би произлегол од една стручна анализа за решавање на овој проблем и да се најде прифатливо решение за името што нема да влијае негативно врз идентитетот не само врз македонскиот народ, туку и врз другите националности кои живеат во Македонија.

Господинот Мендух Тачи во 2011 изјави дека проблемот со името е само на Македонците. Дали албанскиот политички фактор треба да се држи понастрана во овој процес?

Тоа нашиот претседател го рекол имајќи доверба во македонската страна дека во преговорите ќе внимава кое било решение за името да не ги допира чувствата на Албанците и да не се оди на некое решение со кое Албанците не би се согласиле. Јас како иден претседател би свикал состанок, дали ќе дојдат или не, тоа е друго прашање. Досега таков состанок не е свикан, за да се провери дали се подготвени заедно да се договориме за името или не или, пак, уште еднаш ќе се потврди тоа дека имаме целосна доверба во преговарачите, кои било и да се, но сепак важно е да се почитуваат сите релевантни фактори кои се многу битни за да се донесат стратешки важни решенија.

Како гледате сега на медиумите во текот на самата кампања, во пресрет на избори?

За жал медиумите не се независни, ретко наоѓаме медиум кој е независен, што значи дека многу медиуми на некој начин се поврзани со некоја политичка партија, а сето тоа се прави поради финансиската поддршка што ја добиваат од одредени субјекти. Тоа не допринесува за правилно и објективно информирање за да можат граѓаните правилно да се определат како воопшто да пристапат, а тоа влијае да имаме едно поздраво општество.