Доста ни е од политиканти и арамии!

Стефан Богоев, претседател на СДММ.

Претстојните избори, претседателски и парламентарни, треба конечно да донесат промена заради квалитет. Партиските послушници и аматери во водењето држава од ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат заменети со нови луѓе со визија, пишува претседателот на подмладокот на СДСМ, Стефан Богоев, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.
Натопорени во луксузен автобус со натпис Тим Македонија вмровската елита (професори, доктори, артисти, пејачи, министри, пратеници, директори...) гордо крстарат по мојата земја и го убедуваат од нив напатениот македонски народ дека тие се избраните преку кои повторно ќе дојде светлата иднина!
Претстојните избори, претседателски и парламентарни, треба конечно да донесат промена заради квалитет. Партиските послушници и аматери во водењето држава од ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат заменети со нови луѓе со визија.

Сите од прв до последен уживаат во возењето и се тепаат кој поубаво ќе го нашминка нивниот блед и безгласен претседателски кандидат, кој подлабоко ќе му се упика на неприкосновениот лидер. Возач на автобусот е еден и единствениот Никола Груевски. Само лидерот го знае вистинскиот пат!!!

Ѓорге Иванов, кондуктерот на автобусот Тим Македонија, кој во слободното време е ангажиран да глуми претседателски кандидат, деновиве од еден предизборен митинг на кој што му беше дозволено да зборува, целиот црвен од возбуда, гласно порача дека ќе направи сè да ги врати 250.000 млади кои избегале од нашата земја во потрага по парче леб во белиот свет.

Без нималку образ и без срам, претседателскиот кандидат на ДПМНЕ заборави дека токму во изминатите осум години од владеењето на неговиот шеф Груевски и петте години од неговото шефување со државата се случи најголемиот егзодус на млади луѓе од нашата земја. Каква иронија - истите оние кои ги избркаа армија млади сега ќе создаваат услови за нивно враќање дома!

Господине Иванов, бадијала упатувате апели и ветувате планини и долини зашто никој нема да ви се врати во Македонија. Причината е едноставна - вам, на Груевски и компанијата од поодамна веќе никој во државата не ви верува. Младите во Македонија не се овци како вас па да одат каде што ќе им каже пастирот.

Претстојните избори, претседателски и парламентарни, треба конечно да донесат промена заради квалитет. Партиските послушници и аматери во водењето држава од ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат заменети со нови луѓе со визија. СДСМ може и знае како од Македонија да направи пристојно место за живеење и држава за гордеење.
На македонските граѓани им е преку глава од лажните ветувања, лажните странски инвеститори и вистинските домашни арамии... Доста беше глумење држава! Време е за нова понуда, промена и подобра и посветла иднина!

Македонија во професорот Стево Пендаровски ќе добие претседател на кој му се верува, искрен лидер кој има кредибилитет кај сите граѓани на земјава без оглед на етничката и партиската припадност. Човек кој живее со проблемите на луѓето и помага во нивното решавање.

Вмровската елита која ја води државата осум години глуми најголем душегрижник, а за проблемите на обичниот граѓанин се сеќава само тогаш кога треба да се сними некој ПР прилог на некоја од нивните телевизии.

На македонските граѓани им е преку глава од лажните ветувања, лажните странски инвеститори и вистинските домашни арамии... Доста беше глумење држава! Време е за нова понуда, промена и подобра и посветла иднина! Македонија тоа го заслужува, Македонија заслужува претседател!

П.С. Дуел не е само вид на прашок, дуел е нешто што е нормално, вообичаено и очекувано во секоја кампања! Ве очекуваме!