Позитивни пораки и зајадливи закачки

Во првата недела од кампањата доминираат позитивни пораки од кандидатите Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски од СДСМ, Зоран Поповски од ГРОМ и Илијаз Халими од ДПА. Тие ја презентираат својата визија за Македонија, зборуваат за обединување и за темите што сметаат дека се важни. Сепак, не изостанаа зајадливите „закачки“.
Кампањата за претседателските избори трае веќе неполна недела, иако за волја на вистината аспирантите за претседателската фотелја многу порано се растрчаа по македонските градови и села на средби со граѓаните. Според дел од аналитичарите, предизборната кампања во Македонија никогаш не престанува за што сведочат милионите евра владини реклами.
Како претседател, нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.
Ѓорге Иванов, претседател на Македонија, кој бара втор мандат од граѓаните.


Сепак, Државната изборна комисија за преран старт на кампањата одлучи да покрене прекршочна постапка само против актуелниот претседател Ѓорге Иванов, кој со поддршка на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, бара доверба за втор мандат од граѓаните. Според мнозинството членови на ДИК, со отчетот објавен на 14 март, Иванов го прекршил Изборниот законик, зашто веќе бил потврден од ДИК како кандидат за претстојните избори. ВМРО-ДПМНЕ на оваа одлука реагира дека не ја разбира и не ја прифаќа логиката по која одлучуваше ДИК. Според нив, СДСМ се плаши од отчетноста.


Освен Иванов, во претседателската трка се кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, Зоран Поповски од ГРОМ и Илијаз Халими од ДПА. Сепак, во кампањата за претседателските избори се вклучи и владејачката ДУИ, која нема свој кандидат, туку на трибини и на средби ги убедува граѓаните да ги бојкотираат претседателските избори и така да се дојде до избор на „консензуален претседател“.
Не смееме да го тераме народот надвор од сопствената држава. Новата иселеничка голгота, може да биде спречена само ако спомениците не се поважни и поголеми од граѓаните.
Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ за претседател на Македонија.


Претседателот Иванов настапува со слоганот „Дражавата пред сè“, Пендаровски со „Македонија заслужува претседател“, Поповски со „Храбар човек, горда држава“ и Халими со слоганот „За претседател Албанец“. Во истовреме, и ДУИ е во кампања за бојкот на претседателските избори под мотото „Не за едностран претседател“.


Претседателот Иванов на почетокот на кампањата ги претстави неговите програмски цели: Европа во Македонија и Македонија во Европа, држава и економија кои создаваат нови работни места, Македонија дом во кој се гради благосостојба за сите. Тој ја нагласи добрата соработка со владата и зборуваше за економијата, евроинтеграциите и одбраната на идентитетот.
Противкандидатот на Ѓорге Иванов што ќе излезе со нас во трка, за него ќе кажам три збора. Ќе ви кажам што е работата, работата е „кисел купус“, нема јагнешка насмевка, не знае да се насмее.
Амди Бајрам, претседател на Сојузот на Роми.


„Македонија е признаена под уставното име од 136 држави во светот. Работите се менуваат и ќе продолжат да се менуваат, полека, но сигурно. Невистината се повлекува пред вистината, како што темнината се повлекува пред светлината“, рече Иванов на почетниот митинг во Охрид.


Претседателот Иванов во кампањата го нагласува неговиот став за спорот за името. За секое решение ќе се изјаснат македонските граѓани на референдум. Ниту едно собрание или влада не може да оди против волјата на народот, вели тој.
На Македонија не и треба нов Бранко или негов советник, нов сплеткарош и интригант, манипулант и човек со ставови исти како оние на Бранко.
Никола Груевски, премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.


„Како претседател, нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Нема да дозволиме Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени. Само како Македонија и како Македонци сме придобивка за Европа и за светот. Само како Македонија и Македонци, Европа е придобивка за нас“, рече Иванов во Охрид.


За разлика од претседателот Иванов, кој се пофали со автентична надворешна политика на отвореност кон сите, која, според него дава резултати, Пендаровски ја критикува токму таа политика. Македонија може да го реши наметнатиот спор од Грција за името, само под два услови: Прво, со внатрешна кохезија и второ, во сојуз со најголемите во светот, вели Пендаровски.
Како што 5 години немавме Претседател на Република Македонија, така и сега немаме кандидат од владејачката партија во претседателска кампања. Имаме асистент или курир или помлад помошник на премиерот кој ни кажува што тој ќе направи.
Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ за претседател на Македонија.


„Македонија не заслужува да биде окована во минатото. Македонија не заслужува да биде роб на нечии неразумни стравови и фрустрации. Силно верувам дека Македонија заслужува да оди напред. Погледнете што се случува околу нас. Новиот Балкан се крева веќе десет години пред нашите очи, каде што државите се или дел од Европа или цврсто чекорат на тој пат. Еден век по балканските војни најголемите непријатели од минатото соработуваат на дневна основа со само една мисла во главите: подобар живот за своите граѓани. Конечно, дома, иако власта поинаку, ние немаме внатрешни непријатели. Сите граѓани сакаат подобар живот, без разлика на етничкото потекло или политичките ставови“, рече Пендаровски на почетокот на кампањата во Скопје.
Ѓорге Иванов ќе сака да придобие дополнителни поени на сметка на партијата што го кандидира, значи ВМРО-ДПМНЕ, а Стево Пендаровски ќе сака да се издвои во однос на СДСМ за тоа евентуално да не му одземе поени кај неопределените гласачи.
Здравко Савески, универзитетски професор.


Toj ја презентира неговата визија за Македонија во која има еднаквост, слобода и правда. Главните теми на кои се осврнува тој се економијата, слободата, демократијата, евроинтеграциите, поделбите на народот и иселувањето од Македонија. Наш апсолутен приоритет број еден е да го сочуваме народот. Ниту една изборна победа нема да вреди, ако Македонија биде поразена, рече Пендаровски.


„Немаме повеќе македонски граѓани за губење. Не смееме да дозволиме ова раселување на младите да продолжи. Не смееме да го тераме народот надвор од сопствената држава. Новата иселеничка голгота, може да биде спречена само ако спомениците не се поважни и поголеми од граѓаните“, рече Пендаровски.

За разлика од неговиот противкандидат Иванов, кој ја нагласува добрата соработка со владата и нејзините успеси, Пендаровски жестоко ја критикува владината политика.
Пекаме за влегување во ЕУ, за влегување во НАТО, а внатре состојбите не ни се добри. Македонија сè уште не е демократска држава, сè уште луѓето шепотат, не смеат да си го кажат своето мислење.
Зоран Поповски, кандидат на ГРОМ за претседател на Македонија.


Сепак, во првата недела од кампањата доминираат позитивни пораки од кандидатите. Тие ја презентираат својата визија за Македонија, зборуваат за обединување и за темите што тие сметаат дека се важни. Сепак, не изостанаа зајадливите „закачки“.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го нападна Пендаровски, но преку говорите на премиерот Груевски и на лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам.


„Противкандидатот на Ѓорге Иванов што ќе излезе со нас во трка, за него ќе кажам три збора. Ќе ви кажам што е работата, работата е „кисел купус“, нема јагнешка насмевка, не знае да се насмее, а ако човек не се смее, тој не може да работи со народот. Јас да му излезам како кандидат за претседател ќе го победам со разлика од 60 отсто наспроти 40 отсто“, рече Бајрам.
Страшно е народот да се плаши за корка леб, да не гласа за единствениот кандидат-Албанец кој може многу да промени и помогне.
Илијаз Халими, кандидат на ДПА за претседател на Македонија.


Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пак, и во оваа кампања се обиде да го врати во игра неговиот „омилен“ противник, поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски.


„Тој негов советник, чие име е Стево, а презиме Пендаровски, денеска е противкандидат на претседателот Иванов, и сака да ја придобие довербата на народот за таа функција и да ги врати методите на неговиот ментор, неговиот шеф, гуру и идол Бранко Црвенковски. На Македонија не и треба нов Бранко или негов советник, нов сплеткарош и интригант, манипулант и човек со ставови исти како оние на Бранко. Кандидатот на Бранко нема да ја добие довербата на македонскиот народ и на мнозинството граѓани на Македонија, затоа што помина бранковото време“, порача Груевски од големиот митинг во Охрид.

Пендаровски на тоа одговори дека кампањата на неговиот противкандидат ја води премиерот. Ако дочекам Никола Груевски да ми даде поддршка ќе се откажам од претседателската трка, рече тој.

„Како што 5 години немавме Претседател на Република Македонија, така и сега немаме кандидат од владејачката партија во претседателска кампања. Имаме асистент или курир или помлад помошник на премиерот кој ни кажува што тој ќе направи“, одговори Пендаровски од Кавадарци.

Ако се суди по првите митинзи, се добива впечаток дека кампањата на претседателот Иванов ќе се води со силна поддршка на премиерот Никола Груевски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, додека Пендаровски како да се обидува да ја остави партијата што го поддржува во заднина, а тој да настапува како предводник на кампањата. Додека на митинзите на Иванов, зборуваат челниците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициони партнери, Пендаровски главно настапува сам, а на почетната Конвенција зборуваше и неговата сопруга.

Професорот по политички маркетинг Здравко Савески вели дека тоа е веројатно знак дека Пендаровски има повисок рејтинг од партијата што го кандидира, додека Иванов веројатно има понизок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ.

„Велам по се изгледа бидејќи во Македонија нема релевантни предизборни анкети. Ѓорге Иванов ќе сака да придобие дополнителни поени на сметка на партијата што го кандидира, значи ВМРО-ДПМНЕ, а Стево Пендаровски ќе сака да се издвои во однос на СДСМ за тоа евентуално да не му одземе поени кај неопределените гласачи“, вели Савески.

Според дел од експертите за политички маркетинг, пак, настапот на сопругата на Пендаровски веројатно е дел од стратегијата на неговиот тим за привлекување на женското гласачко тело, но оти изборите ќе покажат дали таа стратегија била успешна.

Кандидатот на ГРОМ Зоран Поповски, пак, ветува европска и слободна Македонија и поставување на граѓанинот во прв план.

„Кога Македонија ќе биде етнички стабилна, таа ќе биде и политички стабилна, кога е биде политички стабилна тогаш и економијата ќе ни расте. Во земја што не е стабилна луѓето не сакаат да инвестираат. Затоа, првиот императив е да ја стабилизираме државата од внатре. Пекаме за влегување во ЕУ, за влегување во НАТО, а внатре состојбите не ни се добри. Македонија сè уште не е демократска држава, сè уште луѓето шепотат, не смеат да си го кажат своето мислење“, рече Поповски пред граѓаните на Кичево.

Илијаз Халими ветува дека ќе биде претседател на сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност.

„Страшно е народот да се плаши за корка леб, да не гласа за единствениот кандидат-Албанец кој може многу да промени и помогне. На тетовскиот универзитет се шири страв. Срамота, за факултет да има ваков притисок. ДУИ да престане, ДУИ да престане со притисоците“, порача Халими пред жителите на Студеничани.

Раководството на ДУИ, пак, е во кампања во која ги убедува граѓаните да ги бојкотираат претседателските избори, за на тој начин да доведат до избор на консензуален претседател.

Државната изборна комисија во меѓувреме го заклучи Избирачкиот список за претстојните претседателски избори. Право на глас во првиот круг од изборите на 13 април ќе имаат 1.779.572 граѓани. Од ДИК соопштија дека во посебните избирачки списоци се запишани 1.707.228 гласачи, а оти на привремена работа во странство се 70.305. Од нив 8.332 се пријавиле да гласаат во дипломатско конзуларните претставништва.