Тиранијата на бројките: Рангирање на универзитетите во Македонија

Мартин Галевски, магистер по високо образовни политики и менаџмент на Универзитетот Кембриџ - Англија.

Ваквиот, монополизирачки дискурс, според кој бројките се прикажуваат како непобитни, не само што го редуцира знаењето во мерлива информација, туку и го деградира образовниот процес и го сведува на рамниште на гола наобразба, пишува Мартин Галевски, магистер по високо образовни политики и менаџмент на Универзитетот Кембриџ - Англија во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.
Минатиот месец Министерството за образование и наука во соработка со Институтот за образование при Шангајскиот Универзитет Џио Тонг ги објави резултатите од второто последователно национално рангирање на универзитетите во Македонија.
Ваквиот, монополизирачки дискурс, според кој бројките се прикажуваат како непобитни, не само што го редуцира знаењето во мерлива информација, туку и го деградира образовниот процес и го сведува на рамниште на гола наобразба.

Овој текст нема намера да ги интерпретира резултатите од последното рангирање. Причината за таквата одлука е методолошка, но пред сè (но и еднакво) суштинска. Имено, критериумите и методологијата според која се рангираа универзитетите при скорешното рангирање претрпе измени од првичното рангирање спроведено пред две години (со воведување два нови индикатори), па оттука, секој обид за споредбена анализа со резултатите од претходното рангирање е безмалку однапред осуден на неуспех. Дополнително, критериумите кои се користат во ваквите рангирања (не само кај нас туку и во светот) ретко ја земаат предвид различната почетна позиција на универзитетите и во континуитет им даваат предност на побогатите и постарите универзитети и оние кои во својата работа ставаат приоритетен акцент на истражувачката работа.

Но, суштинскиот проблем со рангирањата од ваков вид не се само методолошките недоследности, туку самиот идеолошки пристап на вреднување и оценување на високото образование, речиси без исклучок врз основа на „квантитативни методи на мерење на квалитетот“. Наместо користењето на квантитативни индикатори како додаток во склоп на поширока рамка за оценка на образованието, со рангирањата постои тенденција на замена на синтаксата со набројување, без притоа да се има предвид дека вреднувањето на високото образование и универзитетите е многу покомплексен процес одошто обична таксономија - несомнено доведувајќи до креирање на „тиранија на бројките“ како што тоа популарно го нарекува Алисон Вулф (Alison Wolf). Ваквиот, монополизирачки дискурс, според кој бројките се прикажуваат како непобитни, не само што го редуцира знаењето во мерлива информација, туку и го деградира образовниот процес и го сведува на рамниште на гола наобразба.

Статистичка фиксација е проблематична и од аспект што големиот дел од најважните функции на универзитетот не можат едноставно да бидат пресметани (како што тоа често се прави во бизнисот). Затоа тие мора да бидат проценети. Познатата максима на Ајнштајн „not everything that counts can be counted“ (сè што вреди не се вреднува) веројатно најдобро го отсликува проблемот со ваквиот вид рангирања во чувствителни и по многу нешта специфични области каква што е образованието. Оттука, Мајкл Сандел (Michael Sanderl) во неговата книга „Што парите не можат да купат: Моралните граници на пазарот“ (What Money Can’t Buy: The Moral Limits of Markets), се чини со право го поставува прашањето, дали пазарните механизми, во чиишто рамки спаѓаат и универзитетските рангирања, легитимно припаѓаат и може соодветно да придонесат за постигнување на јавното добро во определени клучни области како што се здравството или пак образованието - и дали наместо тоа, овие области треба да се постават врз принципи надвор од дофатот на пазарната логикa?
Како дел од причините за спроведување на рангирањето често пати се споменува и можноста од споредување на македонските универзитети со елитната „стотка“, без притоа да се има предвид дека рангирањето се спроведува само на национално ниво, така што не го става македонското високо образование во меѓународен контекст.

Ваквата игра на бројки, која несомнено е сè поприсутна во светски рамки, а беше евидентна и за време на првото рангирање кај нас, доведува и до висок степен на т.н професионален цинизам и фабрикување на податоците од страна на универзитетите, сè со цел „aдекватно“ да се одговори на целите според кои однапред знаат дека ќе бидат евалуирани. Па наместо зголемување на транспарентноста на високообразовните институции, опседнатоста со исполнување на определени индикатори, го прави токму спротивното: ја зајакнува недовербата помеѓу чинителите и создава култура на сомнеж, која ги корумпира и оние кои се сомнителни и оние кои сомничат.

Како дел од причините за спроведување на рангирањето често пати се споменува и можноста од споредување на македонските универзитети со елитната „стотка“, без притоа да се има предвид дека рангирањето се спроведува само на национално ниво, така што не го става македонското високо образование во меѓународен контекст. Оттука, секоја апроксимација за подобрување на квалитетот или приближување кон европските високообразовни стандарди е чисто реторичка и крајно паушална. Во моментов, приближувањето до најдобрите (барем според рангирањата) светски универзитети се чини недостижно и од низа други причини, главно поврзани со несоодветното финансирање на високото образование и недостатокот на академски кадар, особено оној кој покрај наставната функција би се занимавал интензивно и со истражувачка работа. Искуствата од поефикасните системи, на пример холандскиот и финскиот, покажуваат дека на популација од околу 6 милиони жители, оптимално може да се очекува постоењето на само еден врвен универзитет. Во земјите од Западен Балкан тоа би значело концентрација на еден таков универзитет во Србија, еден како комбинација на Хрватска и Словенија и еден универзитет поврзан со Албанија и Македонија. Во мала држава како нашата каде вкупниот број на универзитети и факултети е зголемен безмалку за три пати за нешто помалку од една декада (од 6 универзитети во 2006-та на 16 во 2014-та и од 38 факултети во 2004-та на 130 во 2014-та) несомнено ќе има далекусежни последици врз високото образование и што е најважно, девалвација на квалитетот на образовните услуги.

Настрана од „високата“ цена (сто илјади долари) за спроведување на рангирањето, се поставува и прашањето дали ваквото национално рангирање има смисла во релативно мали, но и млади високообразовни системи како македонскиот, кои се карактеризираат со висок степен на пресликување на образовната понуда (т.н институционална мимикрија), но уште поважно: „позајмување“ на професорскиот кадар кој не ретко работи на повеќе од еден универзитет. Рангирањата од ваков вид многу малку може да придонесат за воочување на разликите во квалитетот, бидејќи во практиката фактички не постојат јасни граници каде еден универзитет завршува, а каде започнува другиот.

Во иднина, без поголеми дилеми, рангирањето постепено ќе прерасне во механизам со кој државата ќе си обезбеди поширок простор за делување и маневар во високото образование. Впрочем, со новиот закон за административни службеници, веќе сме сведоци на една ваква малигна форма на државна патронажа, имајќи на ум дека истиот предвидува при вработувањето да се зема предвид и рангирањето на универзитетите според Шангајската листа, при што повеќе поени ќе носат универзитетите што се повисоко рангирани. Ваквиот предлог, освен што ги прекршува начелата на еднаквост при вработување пропишани со уставот на државата и законот за високо образование, недвосмислено создава и нерамнотежа, ставаjќи ги во подредена и незавидна положба високообразовните институции кои не се наоѓаат на врвот на табелата. Ваквиот чекор, е во најмала рака апсурден и противречен, ако се земе предвид дека токму подигнувањето на компетитивноста и воведувањето на пазарни механизми е една од основните причини поради кои државата се одлучи да го спроведе рангирањето. Доколку идните студенти решат да ѝ веруваат на ваквата листа, во голем дел ќе се намали бројот на студенти на приватните универзитети. Тие и онака бележат драстичен пад во уписите во последните неколку години, а како резултат од отворањето на дисперзираните студии и релативно поевтиното студирање на државните универзитети.