Постојана предизборна кампања, слабо владеење

Архивска фотографија: Седница на Државната изборна комисија.

Идниот месец ќе се одржат најскапите избори досега. Според пресметките на ДИК, предвремените парламентарни и претседателските избори ќе ја чинат државата повеќе од 8 милиони евра.
Честото одржување избори го стеснува просторот за добро владеење, партиите се во постојана кампања, буџетот се цеди и економијата е под притисок, велат упатените.
Тоа го истиснува просторот за добро владеење и често ќе забележите дека политичките партии константно се во кампања.
Крис Хеншо, директор на Националниот демократски институт во Македонија.

Директорот на Националниот демократски институт во Македонија Крис Хеншо, во неделното интервју за Радио Слободна Европа, забележува дека во последниве 10 години се организирале 11 избори.

„Тоа го истиснува просторот за добро владеење и често ќе забележите дека политичките партии константно се во кампања. Се создава надеж дека после овие избори, имајќи предвид дека следните избори – локалните, ќе бидат во 2017 година, ќе има простор за нов старт откако ќе се гласа за двете највисокорангирани функции во државата на претседателските и парламентарните избори“, вели тој.
Ние имаме само енормно и непотребно трошење на пари од буџетот за избори за да се остане повеќе на власта, за сè повеќе да се остваруваат личните и партиските интереси на штета на интересите на народот.
Соња Стојадиновиќ, политиколог.

Европа годинава повторно излегува на гласање, вели Хеншо и додава:

„Може да има повторно енергизирање на евроатланскиот процес и да се одвои време за добро владеење во следниве неколку години“, вели Хеншо.

За да има добро владеење во една држава потребен е континуитет, вели политикологот Соња Стојадиновиќ.

„Ние имаме само енормно и непотребно трошење на пари од буџетот за избори за да се остане повеќе на власта, за сè повеќе да се остваруваат личните и партиските интереси на штета на интересите на народот, на гласачкото тело и на интересите на државата, така што и во континуираните кампањи и непотребните енормни трошења, ние имаме само уништување на целиот државен систем и целата економија во Македонија“, вели Стојадиновиќ.

Изборите се скапа работа, а кон тоа одат и најавите дека идниот месец ќе се одржат најскапите избори досега. Според пресметките на Државната изборна комисија, предвремените парламентарни и претседателските избори ќе ја чинат државата повеќе од 8 милиони евра. За споредба, за претседателските избори во 2009 година, кои се одржаа заедно со локалните, биле потрошени околу 6 милиони евра. Според медиумските извештаи, најмногу пари се трошат за надоместоци за администрацијата која ги печати гласачките ливчиња. Дополнително, историски преглед кон минатогодишни буџети покажуваат дека најголемите дефицити се прават токму пред избори, а се чини и годинава тој тренд продолжува. Државата за помалку од два месеци потрошила половина од буџетскиот дефицит, поточно повеќе од 140 милиони евра повеќе отколку што успеала да собере пари од даноци и други давачки, покажуваат податоците од извештајот на Министерството за финансии.