Партиските стеги посилни од празниот стомак

Не мора да значи дека она што се случува во Босна ќе се преслика тука, но сигурно ќе има влијание, затоа што поради високата невработеност, ниските социјални примања и блокираните сметки, се повеќе луѓе го чувствуваат товарот на сиромаштијата, велат аналитичарите.
Партиските и етничките стеги се уште се појаки од празниот стомак, велат аналитичарите. Но работите се менуваат, велат тие, можеби не утре или задутре, можеби не оваа година, но ќе дојде време кога оние што немаат леб да јадат ќе се обединат и ќе се побунат, исто како што се случи деновиве во Босна, посочуваат познавачите.
Настаните во Босна дури можат да бидат стимул за слични настани во Македонија, да ги охрабрат оние што немаат леб да јадат буквално да го кренат гласот и да земат да протестираат
Здравко Савески, универзитетски професор.
Состојбата во Македонија е доста слична со состојбата во Босна, вели професор Здравко Савески.

„Се работи за големо раслојување на населението каде што граѓаните се доста осиромашени, а притоа постојано се игра на националистичка карта и се одвлекува вниманието од реалните проблеми преку вештачки создадени национални тензии“, вели Савески.

Во Македонија се уште сè се гледа првин низ етничка, а потоа низ политичка призма, но се создава простор тие работи да се променат, вели социологот, професор Хисан Јашари.

„Етничкото гледање на нештата е примарно, тоа сите го знаеме. Меѓутоа се повеќе се создава простор луѓето да го надминат тој етнички праг и да се организираат на социјална основа. Меѓутоа исто така знаме дека тука во Македонија односите се специфични со оглед на фактот дека партиите манипулираат со населението на етничка основа.“

Критичка маса можеби во моментов немаме, меѓутоа тоа може да се создаде со оглед на фактот дека сите економски, сите социјални и сите психолошки фактори се тука да го создадат.
Хисен Јашари, универзитетски професор.
Не мора да значи дека она што се случува во Босна ќе се преслика тука, но сигурно ќе има влијание, додава Савески.

„Настаните во Босна дури можат да бидат стимул за слични настани во Македонија, да ги охрабрат оние што немаат леб да јадат буквално да го кренат гласот и да земат да протестираат.“

Висока невработеност, ниски социјални примања, блокирани сметки, се повеќе луѓе го чувствуваат товарот на сиромаштијата, вели професор Јашари.

„Критичка маса можеби во моментов немаме, меѓутоа тоа може да се создаде со оглед на фактот дека сите економски, сите социјални и сите психолошки фактори се тука да го создадат.“

Антивладините протести Босна и Херцеговина главно се реакција на скоро 40 процентната невработеност и проширената корупција. Тамошните аналитичари сметаат дека заедништво на обесправените, сиромашните и невработените, без оглед на нацијата е единствен начин да се излезе од националната хомогенизација во која политичарите го туркаат народот. Според познавачите најголем ноќен кошмар за сите политички елити во Босна е токму обединувањето на народот.

Британскиот неделен весник „Економист“ при крајот на минатата година во една своја анализа објави дека дури на 65 земји во светот им се заканува опасност од граѓански немири. Во земји со многу висок ризик за граѓански немири, спаѓа Босна и Херцеговина, а Македонија се наоѓа во категоријата со висок ризик. Неделникот наведува дека граѓанските и социјални немири се сè почести во светот, а се јавуваат како резултат на економски проблеми, диктаторски режими, а централен проблем е што луѓето немаат пари.