Дијаспората против промена на името

Нa трибината со наслов: „Името е идентитет“, Македонците од дијаспората беа едногласни дека не треба да се менува името на земјата.
Македонците од дијаспората на семакедонскиот собир и чествување по повод 142-годишнината од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, порачаа да не се менува името на Република Македонија. Нa трибината со наслов: „Името е идентитет“, тие беа едногласни во ставовите. Во услови кога, велат, сè уште трае битката за признавање на македонското малцинство во дел држави, никако не смее да се дозволи нова промена. Но, и Македонците кои живеат во државите каде што ги остваруваат сите свои права, се против промена на името.

Ако се смени нешто, ќе се предизвикаат големи проблеми за нас. Ние можеби гледаме претесно, но и пошироко ако се гледа за сите Македонци, не е прифатлива промена на името.
Томе Апостолоски, претседател на Македонската координација во Хрватска.
„Ако се смени нешто, ќе се предизвикаат големи проблеми за нас. Ние можеби гледаме претесно, но и пошироко ако се гледа за сите Македонци, не е прифатлива промена на името“, вели Томе Апостолоски, претседател на Македонската координација во Хрватска.

Претставниците на македонската заедница во Бугарија, која брои околу 300.000 Македонци само во Пирин, велат дека се чувствуваат загрозени од односот на бугарската држава кон нив. Се жалат дека не им се дозволува да имаат македонско школо, македонско радио, македонска црква.
Сега попуштија малку, одиме слободно на тие прослави што ги правиме, како годишнината од убиството на Јане Сандански, каде чествуваме на Рожденскиот манастир, битката на македонскиот Цар Самоил.
Александар Манчев, ОМО Илинден.

„Сега попуштија малку, одиме слободно на тие прослави што ги правиме, како годишнината од убиството на Јане Сандански, каде чествуваме на Рожденскиот манастир, битката на македонскиот Цар Самоил“, вели Александар Манчев од ОМО Илинден.

Во Албанија живеат преку 100.000 Македонци, според претставниците на Македонската Алијанса за европска интеграција. Од оваа македонска партија бараат поголема интеграција во институциите на системот во Република Албанија.

„Концентрацијата на Македонците во Република Албанија не е така, на пример да сме концентрирани во една област, во една зона, многу е тешка комуникацијата, каде се наоѓа Преспа, каде Гора, каде Голо Брдо“, вели Таќо Гроздани, заменик претседател на Македонска Алијанса за европска интеграција.

Министерството за надворешни работи само минатата година со 200.000 евра финансирало македонски организации и здруженија во дијаспората, за проекти за заштита на идентитетот на Македонците.

Овој семакедонски собир, во организација на граѓанската иницијатива НЕ-ИМА, во Прилеп се одржува по 10-ти пат.