Безобразна кампања да се покаже дека сите новинари се исти

Сведоци сме на подла, безобразна и бескрупулозна злоупотреба на етерот со очигледна намера да се изедначат новинарите кои добивале милионски суми преку јавни набавки кои немаат никакви допирни точки со новинарството со оние новинари кои информираат и ги критикуваат овие постапки. Вакво понижување на јавноста не паметиме одамна, изјави директорката на МИМ Билјана Петковска.
Работата се сврти наопаку. Наместо да бидат во првите редови во борбата против корупцијата, новинарите се најдоа во ситуација да одговараат за обвинувања за корупција во сопствените редови. Меѓутоа, она што изостанува е реакција на соодветните институции кои тоа би го докажале, туку сè е оставено на некои препукувања, што не е доволно за тоа да се зборува со аргументи.
Корупција во македонското новинарство најверојатно има, ниедна приказна не е без основа, меѓутоа начинот на кој се води оваа кампања е малку смешен. Ми изгледа на префрлање на топката од некои многу поважни теми на нешто што е помалку битно.
Ѕвездан Георгиевски, новинар.

Актуелен е случајот со новинарската инволвираност во тендерот вреден над еден милион евра што го обелодени портпаролот на СДСМ. Оттогаш следуваа низа пресврти и подоцна како домино ефект некои медиуми и портали објавија серија текстови во кои се пишуваше за новинари кои имале фирми, но не беше децидно наведено дека парично ја оштетиле државата.

Независно од тоа дали има корупција во новинарството или станува збор за изолирани случаи од кои не е имуна која било друга професија, на голема врата се изнесе темната страна на македонското новинарство – корупцијата меѓу новинарите и уредниците.
Aко некој имал за цел да го засрами новинарството и професијата, тогаш тоа најверојатно ќе се случи, бидејќи ако ние наоѓаме на институции со затворени врати или институции кои не сакаат да покажат што се случувало до крај, тогаш тоа што ќе остане е цела оваа фама на корумпирано новинарство.
Назим Рашиди, новинар.

Новинарите велат дека институциите мора да разјаснат дали новинари биле корумпирани, нагласувајќи дека овие случаи длабоко ја девалвираат новинарската професија. Но, главната поена на повеќето укажувања е дека на сцена има обид да се релативизираат настаните, така што од конкретниот милионски тендер министерот за здравство се огради дека е инволвиран и подоцна се отворија низа шпекулации и афери за други новинари и нивни бизнис релации.

Она што започна како лавина по медиумите по откривањето на тн. Ивонагејт афера, веќе добива сериозни размери на нешто што јас би го ставила под наводници, како братоубиствена војна помеѓу самите новинари која излегува далеку надвор од темата која е легитимна – дали има корупција во новинарството.
Билјана Ванковска, универзитетски професор.
„Корупција во македонското новинарство најверојатно има, ниедна приказна не е без основа, меѓутоа начинот на кој се води оваа кампања е малку смешен. Ми изгледа на префрлање на топката од некои многу поважни теми на нешто што е помалку битно. Случајот со колешката Ивона Талеска, како сега се развива, делува доста коруптивно, а начинот на кој некои медиуми ја бранат со напади на други новинари само ја потврдува таа теза дека секоја мува на капата се брка. Значи се прелеа темата на тоа дали новинарите имаат фирми или немаат, што е сосема споредна работа и сосема, би рекол, неважна и за новинарството и за денешната состојба. Она што е битно е каде се трошат јавните пари и дали со јавните пари некои медиуми или новинари се корумпирани и поткупени“, коментира новинарот Ѕвездан Георгиевски.

Некои од новинарите мислат дека зад последните случувања во новинарството стојат центрите на моќ кои сакаат да ја осуетат моќта на 7-та сила. Други нагласуваат дека ситуацијата поприма драмски ефекти, каде се војува без скрупули и новинарска етика и оти тоа е обид да се инволвира новинарството во примитивна политичка битка.

Фактот дека видовме дека многу лица од медиумите или новинари имале фирми, тоа ниту укажува веднаш дека има корупција, ниту може некој да го забрани.
Слаѓана Тасева, Транспаренси Интернејшнал Македонија.
Сето ова може многу лесно да се надмине и да има епилог доколку институциите правилно реагираат во согласност со законите и целосно ќе ги истражат случаите, но тука се поставува и прашањето дали и колку самите новинари ќе ја вратат етиката на професијата со тоа што ќе се застане на висината на задачата и помогне во истражувањето дали и колку постоело корупција, а со тоа ќе се демантираат шпекулациите дека новинарите се претвораат во мегафони на одредени центри на моќ чија што цел ќе биде обвинување на поединци, наместо информирање и анализи.

Новинарот Назим Рашиди истакнува дека сите треба да покажат колку има вистина во она што беше објавувано овие денови.

Релацијата власт - медиуми е проблематична веќе подолго време, тргнувајќи од начинот на спроведување на кампањите кои владата ги спроведува преку медиумите.
Драган Малиновски, поранешен антикорупционер.
„Институциите треба да докажат и покажат колку има вистина во тоа, ова е првата работа, сепак вториот момент е самите новинари, бидејќи и новинарството има моќ да истражува, па така сите ќе треба да докажат и да покажат колку има вистина во тоа што се зборува, но проблемот е во практиката, ние сепак ќе се соочиме со реалноста, а тоа е дека институциите понекогаш не ги исполнуваат сите очекувања, како што се случува во последниот период, така што ако некој имал за цел да го засрами новинарството и професијата, тогаш тоа најверојатно ќе се случи, бидејќи ако ние наоѓаме на институции со затворени врати или институции кои не сакаат да покажат што се случувало до крај, тогаш тоа што ќе остане е цела оваа фама на корумпирано новинарство што на крај нема да биде во полза на самата професија, но и на целото општество“, вели Рашиди.

Експертите, во своите анализи за актуелните настани, велат дека веќе не станува збор дали има корупција во новинарството и политички и бизнис влијанија, туку дека она што се случува е погубно за фелата.
Сведоци сме на подла, безобразна и бескрупулозна злоупотреба на етерот со очигледна намера да се изедначат новинарите кои добивале милионски суми преку јавни набавки кои немаат никакви допирни точки со новинарството со оние новинари кои информираат и ги критикуваат овие постапки. Вакво понижување на јавноста не паметиме одамна.
Билјана Петковска, директорка на МИМ.

„Она што започна како лавина по медиумите по откривањето на тн. Ивонагејт афера, веќе добива сериозни размери на нешто што јас би го ставила под наводници, како братоубиствена војна помеѓу самите новинари која излегува далеку надвор од темата која е легитимна – дали има корупција во новинарството, дали има политички, бизнис и други влијанија, тоа е посебна тема, сега се сведува дури на ad hominem битка, беспоштедна битка, копање по личниот интегритет, живот и професионален статус на тие луѓе, целата работа е извонредно спинување на она што практично треба да го прават медиумите. Тие веќе не се занимаваат со информации, туку со меѓусебни обвинувања, со афери, со тужби за клевети и слично. Сето тоа создава привид дека нешто се случува во македонската јавност, меѓутоа главните теми остануваат далеку по страна, мислам дека тоа е погубно за новинарството, а од друга страна не знам како новинарите би си го заштитиле својот интегритет“, коментира универзитетската професорка Билјана Ванковска.

За ЗНМ е неприфатливо во јавноста да се создаде перцепција дека најголемиот проблем во Македонија се новинарите.
Драган Секуловски, ЗНМ.
Новинарите генерално не се согласуваат дека корупцијата е широката слика на новинарството, зашто за тоа не само што немаат докази, туку немаат ниту уверување за тоа.

Антикорупционерите со оценка дека треба да се испита секој конкретен случај и да се види дали има елементи на кривично дело и дека и институциите врз основа на тоа може да покренат обвинение. Слаѓана Тасева од Транспарентност Македонија нагласува дека не е забрането новинари да имаат фирми, туку прашањето е како се финансираат и дали добиваат поддршка од владата за утре поинаку да информираат за нејзините политики.

Она што особено загрижува е фактот дека сведочиме на случаи кога новинари се впрегнати во лична битка против свои колеги од други медиуми, поттикнати од нејасни причини.
Катерина Синадиновска, Совет за етика на ЗНМ.
„Фактот дека видовме дека многу лица од медиумите или новинари имале фирми, тоа ниту укажува веднаш дека има корупција, ниту може некој да го забрани. Фактот дека некој формирал фирма за да добие тендер е нешто сосема друго. Ова објавување сега на сите оние кои се поврзани со некоја фирма или имаат фирма, може да биде само обид малку да се разводни сериозноста на укажувањето за тоа како е добиен некој тендер. Сè додека некој не докаже дека некоја фирма добивала незаконски тендери од владата, тогаш нема никаков проблем, значи не им е забрането на новинарите да имаат фирми, ниту, пак, да работат со невладини организации“, изјави Слаѓана Тасева.

Новинарството одамна е на многу ниски гранки кога станува збор за егзистенцијата и она што значи плата за извршената работа и мислам дека во најголем број случаи таа ја навредува новинарската професија.
Мира Костиќ, новинарка.
Последните случаи засега се оставени без постапка од надлежните институции, меѓутоа за антикорупционерот Драган Малиновски, она што од поодамна паѓа во очи е спроведувањето на владините реклами преку одредени медиуми со кои се смета дека се влијае врз уредувачката политика. За него тоа е еден од најзначајните сегменти на корумпирање на медиумите од кој треба да се тргне за да се стигне до расветлување и на она што се случува сега.

„Релацијата власт - медиуми е проблематична веќе подолго време, тргнувајќи од начинот на спроведување на кампањите кои владата ги спроведува преку медиумите, селективниот начин, огромниот начин на трошење, селективниот избор на медиуми, мислам дека тоа во моментов доживува една кулминација преку вадење на одредени факти кои дефинитивно ќе мора да имаат јасна и брза разрешница“, вели Малиновски.

Експертите во својата анализа за актуелните случувања велат дека моментот кога се случуваат пишувањата за корупција во новинарството е политички деликатен и во пресрет на изборите кога вообичаено се вадат валкани работи за кои јавноста нема време да оцени што е основано, а што не зошто има многу нејаснотии. Тие велат дека новинарите кои се дел од оваа игра може да бидат девалвирани и дека наместо да се бават со теми поврзани со избори на нив ќе се гледа со друга призма. Меѓутоа се надеваат дека граѓаните ќе веруваат само на докази и нема да наседнат на нечесни игри.

„Мислам дека довербата во медиумите е одамна нарушена, меѓутоа ова е една ескалација која покажува метастазирање на целиот тој простор и македонската јавност треба да биде загрижена, иако јас се надевам дека нема да влезе во филмот на гладијаторски игри, дека сето ова е некаков спектакл кој се одвива пред очите на граѓаните со чувство дека нешто се случува, иако она што се случува е ерозија на и онака кревките демократски темели на македонската држава“, изјави Билјана Ванковска.

Со реакција се огласија и новинарските здруженија. Од МИМ со коментар дека станува збор за валкана игра во која губиме сите, и како професија и како држава.

„Сведоци сме на подла, безобразна и бескрупулозна злоупотреба на етерот со очигледна намера да се изедначат новинарите кои добивале милионски суми преку јавни набавки кои немаат никакви допирни точки со новинарството со оние новинари кои информираат и ги критикуваат овие постапки. Вакво понижување на јавноста не паметиме одамна. Неразбирлив е и молкот на институциите чија работа е всушност да се занимаваат со антикорупциски прашања“, изјави директорката на МИМ Билјана Петковска.

И ЗНМ со вознемиреност ги следи препукувањата меѓу новинарите. Тие велат дека медиумите како да заборавиле на својата основна улога да бидат куче чувар на владините активности и дебатата ја насочиле кон самите нив. Драган Секуловски од ЗНМ апелира новинарите да се насочат кон теми кои ги засегаат граѓаните и при известувањето да го почитуваат етичкиот кодекс, да ја почитуваат презумпцијата на невиност и да ги проверуваат информациите кај сите засегнати страни.

„За ЗНМ е неприфатливо во јавноста да се создаде перцепција дека најголемиот проблем во Македонија се новинарите. Добро е што новинарите се занимаваат со теми поврзани со корупција, меѓутоа потребно е во тврдењата дека новинарите се корумпирани да се истражи кои се тие што наводно ги корумпираат. Во секоја професија се можни случаи на корупција, но дали ако еден или двајца судии, министри, пратеници, државни службеници или бизнисмени се корумпирани, значи дека целата професија е корумпирана? Центрите на моќ секогаш имаат можност да корумпираат неколку претставници на одредена професија и таа професија целосно може да биде претставена како нечесна пред јавноста. Последните случувања им одат во прилог само на центрите на моќ кои би сакале да се урне довербата на јавноста кон медиумите. Со тоа губат сите новинари и целата јавност“, вели Секуловски.

Советот за етика во медиумите ги осуди нападите меѓу самите новинари и забележа дека примерите на вршење на професионалните стандарди во новинарство стануваат сè почести.

„Она што особено загрижува е фактот дека сведочиме на случаи кога новинари се впрегнати во лична битка против свои колеги од други медиуми, поттикнати од нејасни причини, заборавајќи притоа дека основната цел на новинарството не е и никогаш не била лична дискредитација и лични навреди, а особено не обиди за линч внатре во сопствената фела“, изјави Катерина Синадиновска од Советот за етика.

Некои новинари анализираат дека главниот проблем во новинарството е сè поголемото осиромашување и ниските плати што ги примаат и оттука произлегуваат дилемите дали корупцијата е последица на системската поставеност на медиумите, кои наместо општествен коректив, стануваат огласни табли на власта, независно кој ја претставува, како и на бизнис елитите.

„Новинарството одамна е на многу ниски гранки кога станува збор за егзистенцијата и она што значи плата за извршената работа и мислам дека во најголем број случаи таа ја навредува новинарската професија, односно го навредува оној што е новинар и работи за 200, 300, еве максимум 400 евра, така што, најлесно е да се купи човек кој нема средства за егзистенција, а кој повеќе издржува, кој помалку, кој повеќе е професионалец, кој помалку“, вели новинарката Мира Костиќ.

Како еден од главните проблеми се посочува недостигот на услови за економски независна работа, па оттука не е туѓо вплеткувањето на новинари, сакајќи или несакајќи, во политички или бизнис игри на одредени моќници.

„Новинарскиот труд пред сè и медиумот како таков е потценет. Тоа го направивме самите ние, новинарите. Значи, вие добивате бесплатни весници, весници за многу евтини пари, тие весници од некаде мора да живеат, а ако живеат тие весници или тие телевизии или тие медиуми од некаде, тие живеат од некои туѓи пари. Ако живеат од маркетиншки пари, политички пари, какви било пари, тие повеќе не работат во интерес на јавноста, туку во интерес на тој што ги плаќа и нормално дека ќе работат вака како што работат сега. Таа поделба е направена пред сè врз некоја економска основа“, оценува Ѕвездан Георгиевски.

Поделбите во новинарството зад себе имаат подолго минато, но кога зборуваме за овие појави, според некои посочувања, најважно е новинарите да не заборават на својата функција што ја имаат, да не заборават на професионалните стандарди и на етичкиот кодекс на новинари.

„Поделбата не е ни толку драматична, бидејќи секогаш ќе имаме различни мислења. Поради тоа има различни медиуми и поради тоа има медиуми во светот кои отворено ќе кажат кого поддржуваат или кого не поддржуваат во политичка смисла. Проблемот е во професионалноста. Кога нешто ќе излезе во јавноста, треба до крај да се разјасни што е точно и што не е точно и тоа што ќе го објават да биде засновано на факти. Ако има одредено обвинување за одреден колега, тоа треба да биде документирано, а не како дел од некоја суета или некој инает кој постои поради одредена историја од претходно“, вели Назим Рашиди.