САД разузнавање: Национализам, без евроинтеграции = криза

Македонија е кризна точка на Балканот, посочува американското разузнавање. Одолголекувањето на членство во ЕУ и НАТО и вртењето кон национализам, изродува кризи.
За опозицијата делот од документот на американското разузнавање, а во кој Македонија заедно со Босна и Херцеговина се посочува како потенцијално кризна точка во Европа е само потврда на нивните ставови, дека Владата не е посветена на евроинтеграциите и наместо иднина, нуди славно минато.
Првата е големата сиромаштија која владее и која може да изроди социјални немири, кога ќе се изродат социјални немири само прашање на време ќе биде во дадени околности да дојде до нарушување на меѓуетничките односи.
Петре Шилегов, СДСМ.

„Со владата на ВМРО-ДПМНЕ ние доживуваме две вида на голема опасност. Првата е големата сиромаштија која владее и која може да изроди социјални немири, кога ќе се изродат социјални немири само прашање на време ќе биде во дадени околности да дојде до нарушување на меѓуетничките односи во Република Македонија“,
изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов

Според домашните експерти пак, особено загрижувачки се наводите дека македонската Влада продолжува да турка програми наменети за промоција на македонскиот национализам, на
сметка на евроатланската интеграција на земјата. Професор Нано Ружин вели дека не е спорно оти стоењето во место на Македонија во однос на евроинтегративниот процес, може да донесе низа ризици во однос на безбедносната ситуација во земјава.
Затоа е сосема логична таквата претстава дека Македонија влегува во едно турбулентно време.
Нано Ружин, универзитетски професор.

„Не само заради мултиетничкиот состав на државата, туку и заради социјалните, внатрешно- политички состојби и тензии коишто се појавуваа во изминатите неколку години. Затоа е сосема логична таквата претстава дека Македонија влегува во едно турбулентно време.“

Мултиетничките земји се потенцијално кризни подрачја каде не е тешко да се создадат конфликти, вели политичкиот аналитичар Ризван Сулејмани. Иако не е единствената причина, етничкиот елемент е особено важен за поттикнување на внатрешните конфликти.

„Ризикот од страна, е токму во тој поглед, веќе евроинтеграциите се јавуваат како многу битна работа. Живеејќи во свет без правила на игра е многу битно да бидеш под некој шатор, колку-толку да се гарантира некаква сигурност.“

Загриженоста на надворешните набљудувачи треба да биде сериозна порака до власта, вели професорот Ружин, чија цел треба да биде спречување на каква било дестабилизација во државата.

„Овој сигнал да се сфати најсериозно од страна на владејачката елита којашто е должна истиот елемент да го сподели и со опозицијата, во спротивно ние се уште ќе лебдиме како еден простор којшто е крајно дестабилизирачки.“

Во документот кој вчера беше претставен на сенатски распит, Македонија и Босна и Херцеговина се издвоени како потенцијално експлозивни на Западниот Балкан.
Во делот на Западниот Балкан стои дека без оглед на позитивниот развој на настаните во регионот лани, 2014-та ќе се карактеризира со длабоки етнички и политички поделби, при што ситуациите во Македонија и во Босна и Херцеговина добија назнака „особено експлозивни“. Американското разузнавање проценува дека што подолго се одолголекува со македонското членство во ЕУ и НАТО поради спорот со Грција околу уставното име на земјата и слабите билатерални односи со Бугарија, толку е поголем ризикот дека ќе нарасне етничката напнатост“, проценува американското разузнавање.