Забрана за интернет обложување во странство како вовед во цензура

Не е проблематично на граѓаните да им се забрани да се обложуваат во странство, но не може владата да блокира одредени интернет сајтови, велат ИТ експертите.
Оневозможувањето на пристап до одредени интернет сајтови е карактеристично само за земји во кои не владее демократијата, велат нашите соговорници, коментирајќи ја одлуката на владата дека граѓаните во иднина нема да можат да се обложуваат на странските интернет обложувалници и игри на среќа. Според соопштението на владата, Државна видео лотарија ќе треба да ги замени тие сајтови за да се спречи одливот на приходите во буџетот на странските држави.
Обидот да се филтрираат некои страници, односно да се оневозможи пристап до некои интернет страници е преседан. Тоа го прават само држави како Кина и Северна Кореја.
Зоран Ричлиев, ИТ експерт.

ИТ експертот Зоран Ричлиев вели дека не е проблематично на граѓаните да им се забрани да се обложуваат во странство, но не може владата да блокира одредени интернет сајтови.

„Обидот да се филтрираат некои страници, односно да се оневозможи пристап до некои интернет страници е преседан. Тоа го прават само држави како Кина и Северна Кореја. Тие страници не се штетни, затоа што ние ја овозможуваме истата услуга овде. Да се забрани интернет обложувањето во странство е друга приказна“, вели Ричлиев.
Ако се блокира за да се промовираат локални сајтови на сметка на странските се создава еден таков систем на цензура каде што ако сакам утре ќе блокирам некој рандом сајт.
Виктор Дано, www.it.com.mk

Уредникот на информатичкиот портал it.com.mk, Виктор Дано, вели дека не е во ред владата да забранува странски сајтови кои се поиновативни, за да се фаворизираат локални. Со тоа, според него, само се нанесува штета на корисниците и се прави монопол, особено кога се работи за пари.

„Секако, ако се блокира за да се промовираат локални сајтови на сметка на странските се создава еден таков систем на цензура каде што ако сакам утре ќе блокирам некој рандом сајт и ќе кажам дека овој сајт е блокиран поради тие причини, поради тоа што има локална компанија, а всушност го блокираме за да спречиме некои мислења или некои споделувања на идеи“, вели Дано.

Според Ричлиев, апсолутно постои опасност за цензура на интернет содржините.

„Ако се забрани една страница, зошто не и некоја друга утре, значи тука е целата опасност. Не е доведено во прашање дали е дозволено интернет обложувањето во странство, туку зошто да се оневозможи пристап до некоја интернет страница којашто е легална, секаде е легална“, вели Ричлиев.

Владата информира дека проектот ќе биде реализиран од страна на Државната видео лотарија и странската фирма Австрија казино, која ќе вложи шест милиони евра во проектот и ќе има 49 проценти од сопственоста, што значи дека дел од заработувачката ќе заврши во друга земја.