Евроинтеграции и демократизација - очекувања од 2014

Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски и еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Членство во НАТО и преговори со ЕУ, нормализацијата на политичкиот живот и успешно спроведување на претседателските избори, се само дел од очекувањата или надежите за оваа година.
Нормализација на политичкиот живот во земјава, што, пак, подразбира претходно решавање на сите отворени прашања. Ова според опозицијата треба да биде главниот приоритет на државата во годината пред нас. Од СДСМ велат дека очекуваат Владата конечно да почне реално да работи и на евроинтегративниот процес на Македонија.
Очекуваме дека владата конечно ќе почне реално да работи на процесот на евроинтеграција на Македонија и исполнување на критериумите, а не цело време да се вади дека Грција е единствениот проблем.
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

„Очекуваме дека владата конечно ќе почне реално да работи на процесот на евроинтеграција на Македонија и исполнување на критериумите, а не цело време да се вади дека Грција е единствениот проблем. Ако се чита последниот извештај на Европската комисија, повеќе од очигледно е дека Македонија назадува во демократските процеси, слободата на медиуми, политичките затвореници итн“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Освен во делот на подобрувањето на животниот стандард, отворањето на нови работни места, подобрувањето на меѓуетничките односи, очекувам да се зајакне консензусот помеѓу партиите од власта и опозицијата околу стратешките интереси на државата.
Александар Спасеновски, ВМРО-ДПМНЕ.

Очекуваме во следниот период институциите да продолжат да ги остваруваат барањата на граѓаните потврдени со нивниот глас на последните парламентарни и локални избори, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во периодот пред нас очекувам повеќе резултати во неколку клучни области, посочува Александар Спасеновски од оваа партија.

„Очекувам во периодот пред нас, освен во делот на подобрувањето на животниот стандард, отворањето на нови работни места, подобрувањето на меѓуетничките односи, очекувам да се зајакне консензусот помеѓу партиите од власта и опозицијата околу стратешките интереси на државата, поврзано во дел се разбира со ЕУ, со НАТО, како и преговорите со Грција околу уставното име на нашата држава“, вели Спасеновски.

Еден од приоритетите за кои Демократската унија за интеграции смета дека се најважни во следната година е да се спроведат успешни претседателски избори, со акцент на тоа дека ДУИ ќе се ангажира во создавање клима за избор на еден консензуален претседател кој би бил избран од сите граѓани. Еве што друго очекуваат од владиниот коалиционен партнер.
Да успееме да ја пробиеме блокадата и да добиеме датум за преговори, како и членство во НАТО, со тоа што ќе направиме некаков напредок во надминување на спорот околу името со Република Грција.
Ермира Мехмети Деваја, ДУИ.

„Очекувам во 2014 година конечно да се заокружи таканаречениот проект Скопје 2014, бидејќи логички би требало тој да биде заокружен и завршен и конечно средствата од буџетот да бидат користени во други цели и намени, пред сè во развојни политики и на надворешен план да успееме да ја пробиеме блокадата и да добиеме датум за преговори, како и членство во НАТО, со тоа што ќе направиме некаков напредок во надминување на спорот околу името со Република Грција“, изјави Ермира Мехмети Деваја од ДУИ.

Со заминувањето на годината зад нас, сите погледи се свртени кон претстојната година. А, на почетокот од новата, сосема разбирливо е очекувањата да се големи. Дали и колку од нив ќе се исполнат, ќе сумираме на крајот на 2014 година.
Очекувам политичката опозиција дополнително да се фрагментизира, но затоа, пак, ќе зема замав антисистемскиот опозиционен револт кај граѓаните.
Арсим Зеколи, поранешен дипломат.

Во последното годишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов пред македонската јавност слушнавме отчет за сработеното во текот на мандатот.

Шефот на државата тогаш рече дека секогаш во моментите на предизвици, единствена мотивација му биле токму македонските граѓани и нивната желба за европска Македонија. Во миговите на разочарувања, единственото охрабрување ми беше сплотеноста на македонското многуетничко, многурелигиско и многујазично општество околу идејата за Македонија, рече претседателот Иванов.
Да се свртат кон капитални инвестиции, капитални инвестиции во смисла, не да се носат чудни инвеститори и богаташи со сомнително минато и со сомнително портфолио како Субрата Рој, туку да се донесат вистински инвестиции.
Соња Стојадиновиќ, политиколог.

„И покрај предизвиците и блокадите, истрајавме на нашата политика и ќе истраеме, што е наше ќе си дојде. Дотогаш да продолжиме да ја градиме Македонија во височина, со највисоки вредности, стандарди и критериуми. Да продолжиме да ја градиме Македонија како напредна, економски и демократски развиена држава. Да ја градиме Македонија како дом на сите нејзини чеда, на сите нејзини граѓани, да ја градиме победнички низ успехот, онака како што заслужува“, рече претседателот Иванов.

Дел од експертската јавност смета дека оваа година е однапред изгубена, пред сè поради изборите во ЕУ и фактот што Брисел и Вашингтон полека го свртуваат вниманието кон случувањата во Украина, Грузија и Молдавија.

Нашите приоритети се под број 1 – членство во НАТО и под број 2 – членство во ЕУ. На тој начин безбедноста и благосостојбата на нашата држава ја врзуваме со земјите на континентот.
Денко Малески, универзитетски професор.
Поранешниот дипломат Арсим Зеколи вели дека Македонија е жртва поради тоа што е опкружена со земји-членки на НАТО, така што, според него, нема поголемо влијание кое би можело да има негативни последици врз регионот, но од друга страна ние ја плаќаме цената на самоизолација, вели Зеколи.

„На внатрешен план за жал оваа стагнација и оваа самоизолација ќе резултира со натамошно слабеење на институциите на демократијата и јакнење на институциите на присила проследено и со внатрешна декомпозиција на интраетничка основа, и кај Македонците и кај Албанците. Очекувам политичката опозиција дополнително да се фрагментизира, но затоа, пак, ќе зема замав антисистемскиот опозиционен револт кај граѓаните“, вели Зеколи.

Јас се надевам дека во наредната година ќе смогнеме некакви сили да изградиме некаков национален консензус и да пристапиме кон тоа прашање час поскоро.
Петар Арсовски, комуниколог.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека во 2014 година најголемо внимание треба да се посвети на подобрувањето на општиот политички амбиент, подобрувањето на политичката волја за дијалог, како и создавање на една заедничка визија за иднината во која треба да се движи земјава.

„Ние сме по тоа прашање поделени, сакате етнички, сакате политички, на секаков начин и тоа е една од главните пречки за да тргнеме напред. Се надевам дека оваа година тој амбиент општо ќе се подобри, како во дијалог меѓу партиите, така во дијалог меѓу етничките заедници“, вели Арсовски.

Организирање на фер избори, прво претседателски, а потоа и вонредни парламентарни, ако дојде до тоа. Ова е според политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ, еден од најважните приоритети за оваа година. Не смееме да си дозволиме инциденти, а пожелно е да се работи и на департизација на администрацијата и масовните вработувања во државните институции, вели Стојадиновиќ.

„Да се свртат кон капитални инвестиции, капитални инвестиции во смисла, не да се носат чудни инвеститори и богаташи со сомнително минато и со сомнително портфолио како Субрата Рој, туку да се донесат вистински инвестиции“, вели Стојадиновиќ.

Од 1991 година па до денес, Македонија има две стратешки цели кои никако не успева да ги оствари, анализира првиот амбасадор на земјава во Обединетите нации, Денко Малески. Професорот вели дека членството во НАТО и во Европската унија треба да останат наши приоритети, оти тоа ни гарантира поголема сигурност и поспокојна иднина.

„Нашите приоритети се под број 1 – членство во НАТО и под број 2 – членство во ЕУ. На тој начин безбедноста и благосостојбата на нашата држава ја врзуваме со земјите на континентот и тоа секако е една добитна позиција за Република Македонија, мала држава којашто само во ваков сојуз може да го компензира отсуството на моќ, потенцијал и може да гледа поспокојно на својата иднина“, изјави Малески.

Со оглед на моменталната стагнација која според Зеколи се случува кај нас, ако ништо друго, барем на внатрешен план тој очекува три клучни моменти. Враќањето на слободата на медиумите, борбата против корупцијата и партизација на системот и окрупнување на граѓанскиот фактор во македонското општество.

„Враќање на слободата на медиумите, тоа ќе биде conditio sine qua non за какво било политичко придвижување и враќање на критичката јавност на граѓаните кон партиите, како од власта, така и од опозицијата. На втор план ќе бидат зајакнати барања за борба против корупција, организиран криминал и партизација на системот и трето, окрупнување на она што се вика граѓански фактор базиран врз социјална основа, растоварен од идеолошки или етнички примеси, што ќе биде и најтешкиот момент со оглед на тоа што сè помалку има простор за тие гласови што бараат такво окрупнување на некоја опозициона свест“, вели Зеколи.

Слободата на медиумите е наша стара болка и се надевам дека и на тој план ќе има промени, вели аналитичарот Арсовски.

„Јас се надевам дека на тој план ќе има некакви промени, иако последниот Закон за медиуми не го навестува тоа, затоа што тој се одвива во некаква затворена атмосфера без вклучување на сите јавни чинители, но добро е што тоа поле предизвикува внимание и на тоа сме малку посериозно фокусирани и постои повеќе јавна дебата. Тоа ми дава некаква надеж дека тој амбиент може да се подобри во наредниот период“, вели Арсовски.

Она што според Стојадиновиќ мора да се промени е односот на политичарите, недостигот на политичка култура и зрелост. Дијалогот подразбира доблест да се признаат грешките и да се слушне и мислењето на другиот. Македонските политичари на признавањето на грешките гледаат како на политичко самоубиство, а не како на доблест, што е апсолутно погрешно, вели Стојадиновиќ.

„Да се води дијалог, да не урлика и да не се дерат како уличари во парламентот, да не се навредуваат говорниците, да не се омаловажуваат експертите кои се поканети во Собрание по која било основа, едноставно да не се однесуваме како доведени од улица, зборувам за пратениците и за политичарите кои се однесуваат во стилот – кој си ти да ми кажеш“, вели Стојадиновиќ.

Во однос на надворешната политика на Македонија, Зеколи смета дека нема да има поместувања во однос на спорот за името со Грција.

„Мислам дека новата игра за одвлекување на вниманието и купување време сега ќе биде насочена кон Њујорк и тоа ќе биде со ист резултат за купување време, како што се случуваше и со судскиот спор во Хаг, но ова не е легално-правен спор, ова е политички спор во кој не станува збор за судски одлуки, туку станува збор за политичка волја за изнаоѓање компромис или ако ништо друго, барем за навлегување во сериозен дијалог кој нема да служи за заситување на домашната јавност, туку за решавање на меѓудржавен спор кој постои меѓу овие две земји“, вели Зеколи.

Во моментот, македонската надворешна политика зависи од евроатланските интеграции, а тие, пак, од спорот за името. Очекувањата на Арсовски и на тој план се големи. Тука го вклучува и задржувањето на стратешките партнерства со главните центри на моќ Брисел и Вашингтон, кои, според него, за една мала земја како нашата се од суштинско значење за промоцијата на сопствените политички стратегии на надворешен план.

„Јас се надевам дека во наредната година ќе смогнеме некакви сили да изградиме некаков национален консензус и да пристапиме кон тоа прашање час поскоро, бидејќи секоја година која поминува без да станеме членка на ЕУ и НАТО, не само што е изгубена година за државата, туку е една година повеќе која треба да ја одработиме во процесот на преговори, така што за секоја една губиме две и тоа мора да биде приоритет на нашата надворешна политика“, вели Арсовски.

И Стојадиновиќ смета дека евроатланските интеграции треба да останат наши приоритети, но истовремено додава дека е потребна промена на нашиот однос кон тие процеси. Треба да престанеме да ја бараме вината кај некој друг, без да се свртиме кон себе и да признаеме кои се нашите грешки и што научивме од нив, вели Стојадиновиќ.

„Цело време бараме вина во надворешните фактори, а не ја бараме вината и во нас во поглед на тоа што сме направиле за да ги исполниме критериумите. Цело време покажуваме со прст кон Грција како главен виновник за целиот застој во државата, но не сме се свртеле кон самите себе, да се погледнеме во огледало, да признаеме и да кажеме што досега сме промениле и сме напреднале, барем во погледот на евроинтеграциите. Секогаш некој друг ни е виновен и секогаш ние сме жртвата. Тоа треба максимално и драстично да се промени, едноставно да си ја прифатиме својата вина и да тргнеме во правец на решавање на проблемите“, вели Стојадиновиќ.

Во меѓувреме, остануваат забелешките кои Европската комисија ги потенцираше во последниот извештај за напредокот на нашата земја. Таму беше констатирано влошување на меѓународниот углед на земјава по прашањето за слободата на медиумите. Извештајот констатираше поларизација на медиумскиот простор по политички линии и врши економски притисок врз медиумите и нивните сопственици. Останаа забелешките за неспроведениот првомартовски договор, политичкиот дијалог, реформите во правосудството. Во однос на економијата беше нотирано зголемување на трговскиот дефицит и јавниот долг, а беше оценето дека невработеноста, особено кај младите, е загрижувачки висока, со барање до Владата да преземе мерки за да се поправи ситуацијата.

ЕК побара да се избегнуваат дејствија и изјави кои негативно влијаат на развојот на добрососедските односи. Токму тие забелешки, според аналитичарите, треба да бидат насоки за тоа на што властите треба да се фокусираат наредниот период и да покажат јасна волја дека ако не сите, ќе успеат да спроведат голем дел од нив.