Маричиќ – Македонија добива препорака за преговори на стара слава

Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

Мислам дека тука е во прашање кредибилитетот на Европската комисија и на ЕУ во целина и бидејќи ја дала еднаш таа оценка, ја одржува затоа што и дава шанса на Македонија, вели Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование во интервју за Радио Слободна Европа.
Македонија повторно е во статус кво ситуација по декемвриската одлука на Советот на ЕУ. Во меѓувреме, додека го очекуваме октомврискиот извештај во оваа 2014 година, што е она на што Македонија треба да поработи за да ги подобри состојбите во земјата?

Првата област е спроведувањето на приоритетите од Пристапниот дијалог на високо ниво, а тоа во превод значи судство и темелни права, избори, значи проблемите со комплетниот изборен процес, јавна администрација, економски систем и слобода на изразување. Пристапниот дијалог на високо ниво е веќе да речам умртвен инструмент, инструмент кој не дава никакви резултати, но тие се приоритетите во рамките на кои Македонија мора да делува. На ова се надополнети уште два услови, едниот е договорот од 1 март, којшто требаше да стави точка на кризата после 24 декември 2012 и насилното отстранување на пратениците и новинарите од Собранието и второто се секако добрососедските односи, коишто подолго време нè оптоваруваат, но жално е тоа што Македонија со текот на времето не покажува подобрување во овие области. Значи проблемите си стојат, ние наводно нешто работиме, а резултати од тоа нема и затоа фрустрацијата е поголема секоја година, а чекајќи го секој следен извештај практично и самите не знаеме што чекаме и што очекуваме.

Велите дека проблемите стојат и нема решавање, а земјава секоја година добива препорака за преговори. Може ли да се заклучи дека таа е на стара слава?

Дефинитивно да. Мислам дека тука е во прашање кредибилитетот на Европската комисија и на ЕУ во целина и бидејќи ја дала еднаш таа оценка, ја одржува затоа што и дава шанса на Македонија, поради спорот со името, но и поради проблемите во регионот и историјата на регионот и дава шанса да не ја врати назад, туку да ја одржи на статус квото, меѓутоа ако вие стоите во место, а сите други во регионот напредуваат, тоа значи дека вие сте назад.

Велите дека последниот инструмент на Европската комисија е умртвен. Зошто е умртвен и кои се последиците од таквата ситуација?

Неговото воспоставување беше фалично, да речеме, во старт. Ако се сеќавате, тој беше смислен почетно како дијалог меѓу владата и Европската комисија за да се премости онаа блокада од Грција во делот на спорот за името. Година-две, период додека да се реши спорот за името, тие се надеваа дека тоа ќе се случи, да тече и реформскиот процес, меѓутоа начинот на којшто се постави Акциониот план за мерките коишто треба да влезат во тој дијалог на високо ниво, ние кога ги видовме јасно беше дека тој не може да даде резултати. Тоа се технички мерки коишто се во суштински области, меѓутоа имаат технички пристап. Ако е критериум за подобрување на слободата на изразување состанок меѓу владата и ЗНМ, тогаш сметајте и гледајте колку е тоа суштински и колку може тоа да направи некаква промена. Беше тоа само практично една игра меѓу владата и Европската комисија за одржување на препораката за Македонија. Тоа успеа првата година, но еве веќе втората година од неговото воспоставување веќе никој не го ни споменува тој пристапен дијалог на високо ниво.

Кои ќе бидат сега последиците од таквата ситуација?

Како последица може да биде и зголемување на евроскептицизмот, намалување на довербата во европските интеграции, бидејќи вие кога воспоставувате некој инструмент зад којшто стоите и како Европска комисија и како влада на државата, тоа подразбира дека ќе даде некакви резултати. Кога не дава на крајот резултати, што помогна тој дијалог освен што ја одржа препораката, тогаш луѓето што го следат тоа и очекуваат подобрување си велат, ете уште еден неуспешен инструмент којшто само дополнително нè разочарува.