Достапни линкови

Македонија глува на критиките од ЕУ


Премиерот Никола Груевски и еврокомесарот Штефан Филе.
Премиерот Никола Груевски и еврокомесарот Штефан Филе.

Заклучоците на Советот на министри се доволно јасни за тоа како треба да се постапува идниот период, велат од СДСМ. Од власта велат дека остануваат посветени на реформите, а експертите порачуваат заклучоците да се сфатат многу сериозно.

Целосно спроведување на мартовскиот договор, донесување на изборниот законик и спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, спорот за името да биде колку што може повеќе јавен, овие се според опозицијата дел од мерките на кои власта треба да се фокусира во наредниот период. Заклучоците на Советот на министри се доволно јасни за тоа како треба да се постапува идниот период, вели претседателката на Советот за евроинтеграции на СДСМ, Лидија Димова.
Има нов момент во овие заклучоци, сега се споменува за првпат, а тоа е управувањето со јавните финансии, и тоа се проблематизира и мислам дека тука е фокусот.
Лидија Димова, Совет за евроинтеграции на СДСМ.

„Има нов момент во овие заклучоци, сега се споменува за првпат, а тоа е управувањето со јавните финансии, и тоа се проблематизира и мислам дека тука е фокусот. Сега донесувањето на буџетот е првата прилика кадешто ние можеме да покажеме, односно кадешто владата може да покаже дека има малку поголемо разбирање за што претставуваат јавните финсии.“
Известувачот во ЕП Ричард Ховит на седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции.
Известувачот во ЕП Ричард Ховит на седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции.

Покрај тоа што во Европската унија гледаат главен виновник за тоа што земјава не доби датум за преговори, од Демократскиот сојуз сметаат дека сега политичките партии во Македонија треба да организираат сериозна расправа за евроинтегративните процеси и да изградат сериозна стратегија како да се придвижи процесот напред.
Таа критика обврзува на еден сосема поинаков став, односно промена на пристапот во Македонија, што би значело постигнување и договор за еден внатрешен политички дијалог, меѓутоа и единствена позиција на Македонија во однос на спорот за името.
Малинка Ристевска-Јорданова, Институт за европска политика.

„Треба една сериозна расправа меѓу политичките партии, посебно во Парламентот и да се изгради една стратегија, еден државен консензус како натаму ќе се движиме“, изјави лидерот на Демократскиот Сојуз Павле Трајанов.

Експертите велат дека нацрт заклучоците на Советот на министри треба да се сфатат сериозно оти таму има многу поголеми критики на адреса на политичката криза во Македонија и во однос на некои аспекти на економските критериуми. Оваа критика обврзува на промена на пристапот на Македонија, вели Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика.

„Таа критика обврзува на еден сосема поинаков став, односно промена на пристапот во Македонија, што би значело постигнување и договор за еден внатрешен политички дијалог, меѓутоа и единствена позиција на Македонија во однос на спорот за името.“

Ристова- Јорданова вели дека за жал во Македонија не се наѕира таква разврска, туку се повеќе се зборува за предвремени парламентарни избори и не се чувствува волја кај владејачката партија да смени нешто во својата политика, имајќи предвид дека ова е исто така изборна година во Европската Унија.

„За очекување е дека ќе се зголеми притисокот од меѓународнит фактор воопшо, и дека ќе се зголеми внатрешниот притисок за промени пред се во насока на демократизација на државата, односно да престане овој тренд на загадување во однос на основните демократски стандарди.“

За вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими сега кога епилогот е познат најважно е Македонија максимално да се посвети на спроведување на реформската агенда, отворените прашања соседите и добрите меѓуетнички односи.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG