Достапни линкови

ЕУ ја поттикна Србија, но не и Албанија


Србија постигна доволно напредок да почне пристапни преговори со Европската унија. Ова го решија шефовите на дипломатиите на Унијата на состанокот во Брисел на кој, освен за Македонија ја одложија одлуката и за евроинспирациите на Албанија.

Овие две балкански земји се меѓу осумтте кои се кандидати или потенцијални кандидати за придружување кон Европската унија, заедно со Македонија, Босна, Косово, Црна Гора, Турција и Исланд која засега го замрзна процесот кон Унијата.

Земјите можат да напредуваат само ако испорачаат широк спектар реформи. Процесот би требало да поттикне демократски промени во Србија која аплицираше за членство само пред четири години, како и да помогне во нормализирање на нејзините односи со Косово иако не го признава.

Шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон посредуваше меѓу премиерите на двете земји на 20 рунди разговори кои резултираа со извесен напредок.

„Задоволен сум што Советот ги призна овие напори. Прифаќањето на преговарачката рамка е важен чекор напред за Србија. Сега забрзано се подготвуваме за меѓувладина конференција, планирана за 21 јануари“, изјави еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Сепак, одлуката дојде и со предупредување дека на Србија се уште и претстојат предизвици во спроведувањето на договорот со Косово.
Задоволен сум што Советот ги призна овие напори. Прифаќањето на преговарачката рамка е важен чекор напред за Србија. Сега забрзано се подготвуваме за меѓувладина конференција, планирана за 21 јануари.
еврокомесарот за проширување Штефан Филе

Унијата преговора со Приштина за постигнување спогодба за стабилизација и асоцијација и покрај тоа што пет евро членки не ја имаат признато косовската независност.

„Уверен сум дека можеме да ги завршиме овие преговори на пролет“, рече Филе.

Од друга страна, Албанија доби задача да направи поголем напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал, па министрите решија до јуни да ја одложат нивната одлука дали таа земја треба да добие кандидатски статус.

Најголемо противење за Албанија изразија Холандија и Данска. За разлика од Албанија, министрите беа едногласни во врска Босна која е на списокот како потенцијална земја кандидат.

„Морам да ја искажам длабоката загриженост на Советот поради застојот на евроинтегративниот процес во Босна. Лично потрошив многу часови во разговори со тамошните лидери кои сега треба да преземат конечни чекори.“
Филе потенцира дека станува збор за примена на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот „Сејдиќ, Финци“, односно за промена на Уставот кој предвидува дека само Срби, Муслимани и Бошњаци, можат да бидат членови на претседателството на Босна.

Што се однесува до Црна Гора еврокомесрот Штефан Филе го поздрави почетокот на новите поглавија во преговорите, за правосудство и за внатрешни работи.

„Тоа е повик за длабоки и трајни политички реформи. Напредокот во овие области ќе го детерминира темпото на преговорите.“

Сите овие одлуки на евроминистрите треба да бидат потврдени и на дводневниот самит на Европската унија што почнува в четврток во Брисел.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG