Јанчевски - Каматите нема да растат, банките имаат пари

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Интервју со Ѓорѓи Јанчевски

Логично е кога има поголема понуда од побарувачка каматните стапки да паѓаат. Ако паѓаат каматните стапки на кредитите, логично е да паднат и каматните стапки на депозитите, вели претседателот на Здружението на банкарството Ѓорѓи Јанчевски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Неодамна изјавивте дека банките се полни со пари и дека нема потреба да растат каматните стапки на кредитите. Што би ги мотивирало банките да пуштат повеќе пари во оптек? Дали има подобрување во општата состојба на реалниот пазар и намалување на ризиците?

Па, 2013 година во банкарскиот сектор е карактеризирана како година со доста висока ликвидност на целиот банкарски сектор. Тоа се случи од причини што претходната година на некој начин бевме во рецесија или на некоја нулта состојба. Сето тоа се одрази и на кредитирањето, кога некоја земја има рецесија не може да има зголемено кредитирање, а во исто време депозитите растат. Кога го изјавив тоа дека банките се полни со пари, мислата ми беше дека имаме поголема ликвидност и дека поради тоа тие пари одат или во благајнички записи или во државни записи и обврзници. Од јули навака, бидејќи имаме два квартали со зголемен пораст на БДП-то, тоа се нели некои први знаци на излегување од рецесија. Основна работа на банките е да собираат депозити од граѓаните и од фирмите и да ги пласираат тие пари. Едно од најчестите прашања беше зошто банките не ги кредитираат фирмите. Банките ги кредитираат фирмите, арно ама тоа кредитирање е со помал обем. Повеќе бевме фокусирање на кредитирање на населението. Намаленото кредитирањето кај фирмите се должи на некои враќања да кажеме на некои кредити кај некои банки и стекнување со хипотеки, на тој начин нели се дава привид на нето износот на кредитите.

Дали стопанството е ризично за кредитирање, имајќи ги предвид овие услови, ако веќе земаат кредити за да финансираат тековни потреби?

Можеме да зборуваме поединечно за ризични фирми и за ризични проекти. Стопанството сè уште е во некоја добра кондиција, во смисла бројките што ги покажува статистиката, тоа значи дека оние негативни глобални влијанија во смисла на рецесија, на намалени стопански активности кај нас на некој начин, можеби поради тоа што сме помала економија, можеби поради странските директни инвестиции и слободните царински зони, кои веќе со 20 отсто учествуваат во извозот на Македонија, тие допринесоа ние да имаме подобри бројки и една од ретките земји и во регионот со некој пораст на БДП-то.

Дали домашното задолжување на владата предизвикува проблеми во поглед на кредитирањето на стопанството, имајќи предвид дека владата поинтензивно се задолжува во последно време?

Во моментот владата е задолжена околу 1 милијарда евра, зборувам за државни записи и за обврзници издадени од страна на државата. Како што реков, банките во тоа имаат 580 милиони евра пласирани во државни хартии од вредност. Нема влијание на кредитирањето, затоа што високата ликвидност дава простор да има пари за сите. Сметам дека тоа задолжување не е лошо додека процентот на задолжување се контролира. По некои укажувања сè уште не сме влезени во зона на висок процент на задолжување на државата, а од друга страна, од аспект на трошоци, кога веќе има ликвидност во банкарскиот сектор, не е лошо државата да се задолжува со далеку пониски каматни стапки, отколку да излезе надвор на меѓународните пазари и да бара кредити или да издава обврзници. Во тој случај цената ќе биде далеку повисока. Повеќе се поставува прашањето за кои намени ќе се трошат тие пари.

Како банките гледаат на капацитетот на државата да се раздолжи?

Гледано наназад, ние не сме имале проблем со државата, зборувам ние како банки, затоа што ние купуваме дел од тие државни записи. Немало никаков проблем на раздолжување на државата со нас банките. Банките кога даваат пари на одреден субјект, во случајот тоа е државата, ја гледаме нивната кредитна историја и го гледаме капацитетот на задолжување, така што кредитната историја им е во ред, ликвидна е државата, функционира буџетот и како држава функционираме затоа што основните параметри, исплата на пензиите, исплата на долговите функционира. Имаше минатата година некој застој, сега мислам дека и со новиот закон за финансиска дисциплина на некој начин ќе се наметнат обврски за сите субјекти за уредно подмирување на обврските. Износот и процентот, што во моментов е околу 34 отсто, сè уште не е алармантен.

Дали ако банките послободно почнат да го кредитираат населението, дали ќе се зголеми ризикот од неисплатливи или токсични кредити? Затоа што имаме висока стапка на невработеност и висока стапка на сиромаштија.

Процентот на нефункционални кредити кај населението е далеку понизок. Нефункционални се 6,8 отсто. Во корпоративниот сектор, значи кај претпријатијата, тој процент на нефункционални кредити е 15,2 отсто, а просекот е 11,8 отсто и во повеќе наврати сум изјавил не е некоја алармантна бројка за банките да се загрижат. Има тренд на зголемување на нефункционалните кредити, но сè уште е во рамките на толеранцијата. Капиталот и парите одат таму каде што се најсигурни и таму каде што најбрзо и најлесно ќе се оплодат. Во моментот банките повеќе даваат кај граѓаните затоа што функционира наплатата, тоа значи дисперзија на ризикот затоа што тоа се мали кредити, максимум може да биде 100 или 150 илјади евра кај станбените кредити. Друго е кога ќе дадеш 5 или 10 милиони евра на една фирма и во случај таа фирма да доживее колапс или проектот да не успее, во тој случај поголема е загубата. Барем досега, македонските граѓани се дисциплинирани во извршување на своите обврски, а и самиот процент на нефункционални кредити укажува на тоа. И покрај тешкотиите што ги имаше македонската економија, немаше големо намалување на вработеноста. Банките и кога даваат пари си имаат критериум, банките не даваат од око, на овој ќе му дадам, на овој не му давам, туку си има критериуми врз основа на кои се даваат тие пари, така што од тие причини кога одд страна на фирмите беше намалена побарувачката за кредити и кога немаше нови проекти, ние бевме повеќе фокусирани на населението.

Банките во регионот се соочуваат со потешкотии. Дали постои ризик од прелевање на проблемите на домашниот пазар кај банките кои имаат странски капитал?

И во врска со тоа повеќе пати сум давал изјави, даваше и гувернерот. Банките кои имаат странски капитал, во случајот и ние како НЛБ Тутунска банка, македонските пари се во македонските фирми и кај македонските субјекти, зборувам дека македонските депозити не одат во Словенија, па да има одредени ризици. Тоа се однесува и за нас и за другите банки со странски капитал што значи од една страна има заштита од законот, а од друга страна ние си имаме полна автономија во работењето.

Се шпекулира дека во иднина ќе се намалат каматните стапки на штедните влогови. Дали тоа може да ги обесхрабри штедачите?

Кај каматните стапки на штедните влогови и воопшто кај каматните стапки, еден од основните закони во економијата е понудата и побарувачката, што значи дека во моментот или оваа година, кога одговарав на претходното прашање реков дека оваа година е карактеризирана со доста висока ликвидност, што значи дека во моментов имаме поголема понуда од побарувачка. Логично е кога има поголема понуда од побарувачка каматните стапки да паѓаат. Ако паѓаат каматните стапки на кредитите, логично е да паднат и каматните стапки на депозитите. Сè уште каматните стапки се пристојни, бидејќи би дал илустрација, за нашите девизни депозити, доколку ги чуваме во странски банки, ние добиваме, да кажеме, на еврото, некаде околу еден или помалку од еден. Така што сметам дека согласно условите на пазарот сè уште се пристојни каматните стапки и сè уште ќе одат кај банките во депозити, бидејќи Македонија нема друга развиена форма на финансиски пазари кои даваат можност да се инвестира. Македонската берза беше на некој начин обид да се развие нов вид, како нов пазар да се развие нов вид на инвестирање, но вака како што функционира пазарот на капитал и инвеститорите, сè уште не им дава сигурност на граѓаните повеќе да инвестираат во тоа. Веројатно сè уште немаат некоја сигурност, за како алтернатива, место во банкарски депозити, тие пари да се инвестираат на берза.

Актуелни се и измените на законот за проценка. Дали овие измени ја отежнуваат работата на банките и дали ќе донесат повеќе трошоци за оние граѓани кои имаат хипотекарен кредит?

Ние како банкарски сектор пред некое време реагиравме околу овие измени на законот. Целта на таа прес-конференција беше дека би сакале и ние како еснаф, како сектор да учествуваме во креирање на закони кои се однесуваат и на нашето работење. Во рамките на Здружението на банките имаме комисии со врвни експерти, банкарски експерти кои си ја знаат работата и сметаме дека можеме да дадеме допринос околу креирање на одредени закони, нормално советодавно, законодавецот си ги носи тие закони согласно неговите постапки и процедури. Бидејќи во случајот никој не нè извести дека ќе има промени во тој закон, сега се носат измени на тој закон што го воведува тоа што еднаш го коригиравме. За нас не беше јасна логиката зошто тоа се менува, од друга страна ние како банки вработуваме проценители, инвестиравме во софтвери, затоа што, особено кај населението, има многу станбени кредити, има многу потрошувачки кредити и тоа побрзо го обавувавме во рамките на банката. Со новиот закон тоа не се дозволува, само овластени проценители кои имаат фирма може да ја вршат таа дејност, на некој начин банките не ќе може тоа да го обавуваат. На тоа доаѓаат и трошоците кои би се јавиле затоа што по наше согледување, проценките во рамките на банките беа 2-2,5 илјади денари, сега е да кажеме дадена цена која ќе биде далеку повисока. На тоа се надоврзува прописот на НБРМ дека банките секоја година мора да прават евалуација на веќе дадени кредити и хипотеки, што значи тие проценители, зашто си имаат ценовник и ќе треба да го почитуваат, тоа ја зголемува и секоја година граѓаните ќе бидат изложени на трошоци.