Негрижа за спомениците од НОБ во Кичево

Бистите на народните херои се исчезнати, а спомен костурницата каде се погребани останките на 555 борци од НОБ е во многу лоша состојба.
Три бисти на паднати борци од НОБ, а меѓу нив и на народни херои, веќе две години се исчезнати од постаментите во Алејата на хероите во Кичево. Спомен костурницата каде се погребани останките на 555 борци од НОБ капе од сите страни при секој дожд. А, Китино Кале каде се сместени овие споменици од историското минато е оставено на забот на времето. Скалите се распаѓаат, објектите каде некаде се одвивал социјален живот тонат во заборав, се краде железната арматура од нив, несовесните граѓани и на постаментите пишуваат графити, фрлаат отпадоци.
Не можеме да најдеме средства, никој не сака да донира, секој пат сме барале 50, 60 пати сме барале само телефонски за прием кај градоначалникот.
Војне Матески, претседател на општинската организација на Сојузот на борци од Кичево.

Кичевската боречка организација е сериозно загрижена за овој проблем и досега во многу наврати барала поставување на нови бисти на хероите и целосно санирање, како на Спомен костурницата, така и на Китино Кале.

„Во централен одбор во Скопје немаат пари, исто како ние што немаме, ни пари, ниту ништо, истото е секаде со боречките организации. А, ние не можеме да најдеме средства, никој не сака да донира, секој пат сме барале 50, 60 пати сме барале само телефонски за прием кај градоначалникот“, изјави Војне Матески, претседател на општинската организација на Сојузот на борци од Кичево.
Старата власт се трудеше и на неколку пати ни даде средства, ни даде компјутери да се служиме, меѓутоа џабе кога немаме со што да работиме, немаме интернет.
Сретен Лазарески, секретар на општинската организација на Сојузот на борци-Кичево.

Кичевската боречка организација е сместена во крајно лоши услови. Телефон нема, немаат пари ниту сметките да ги плаќаат редовно. А, неколку пати биле обиени вратите, но крадците и немаат што многу да земат од просториите.

„Во тешки услови работиме, немаме значи никакви основни средства што треба да ги има една организација. Старата власт се трудеше и на неколку пати ни даде средства, ни даде компјутери да се служиме, меѓутоа џабе кога немаме со што да работиме, немаме интернет, не можеме да комуницираме со нив“, истакнува Сретен Лазарески, секретар на општинската организација на Сојузот на борци-Кичево.

Членовите на оваа организација не се надеваат многу дека ќе се подобри финансиската состојба. Сепак им е битно што сè уште има членови и почитувачи на делото на борците од НОБ, кои за секој значен празник од македонската историја ги посетуваат сите спомен обележја од градот, за да се поклонат и да им оддадат почит на оние кои велат се најзаслужни за оваа денешна наша слобода. Но, сепак, тие инсистираат локалната власт да најде средства да се санира Китино Кале и да се стават нови бисти.

Од Општина Кичево немаат конкретен одговор на ова прашање. Секретарот Рамиз Реџепи кусо информира дека се подготвува проект, но кога и како ќе се реализира, тоа е отворено прашање засега.