Авганистан и американското воено присуство

Илјадници авганистански достоинственици и племенски старешини се собрани во Кабул на таканаречната Лоја Џирга за да дискутираат за безбедносниот пакт меѓу Вашингтон и Кабул. Текстот на договорот е усогласен меѓу двете страни, но неговото одобрување се уште е под знак прашалник.
Со договорот, на Соединетите држави им се дава ексклузивно право да имаат 15 илјади војници во Авганистан до 2024 година. Тие, како што се наведува во текстот, нема да имаат за цел авганистански цивили во нивните домови.

„Како што е споменато во овој договор, внимавајте, тоа е многу важно, американските сили нема да влегуваат во домовите на авганистанскиот народ при воени операции, освен во исклучителни итни случаи и само кога животот на американските граѓаните е во опасност“, рече на денешната сесија на Лоја Џирга авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, додавајќи дека ќе имало и многу војници од муслиманските земји.


Од друга страна, американското присуство ќе значи и продолжување на директната финансика помош за авганистанската влада која годишно изнесува околу 4 милијарди долари.

Претходно, американскиот државен секретар Џон Кери во Вашингтон изјави дека тој и Карзаи го усогласиле конечниот текст на билатералниот договор со кој ќе биде регулирано присуството на американските сили откако во идната година завршува борбената мисија на НАТО во таа земја.

„Сега е на народот на Авганистан. Кога го напуштив Кабул откако со Карзаи завршивме голем дел од преговорите рековме сега договорот треба да го разгледа Лоја Џирга.“
Американските сили нема да влегуваат во домовите на авганистанскиот народ при воени операции, освен во исклучителни итни случаи и само кога животот на американските граѓаните е во опасност.

Кери додаде дека не постои никаква можност Соединетите држави да му се извинат на Авганистан за досегашните цивилни жртви.

„Претседателот Карази не побара извинување. Немаше никава дискусија за извинување. Тој не побара такво нешто. Ние разговаравме само за билатералната безбедносна спогодба.“

Портпаролот на Карази Ајмал Фаизи деновиве изјави дека претседателот побарал писмо од Барак Обама во кое тој ќе ги признаел американските грешки за време на 12 годишната војна во Авганситан.

Откако Големиот совет или Лоја Џирга кој го сочинуваат 3 илјади истакнати авганистанци од целата земја ја прифати спогодбата тогаш таа оди на одобрување во паралментот и на потпис кај претседателот Хамид Карзаи.

Советот може да ревидира или да отфрли кој било дел или клаузула од безбедносниот пакт.

Талибанците оценија дека сегашниот собир на Лоја Џирга претставува фарса.

„Не побаравме од никој да учествува на оваа Лоја Џирга и ние во основа сме против сегашниот собир. Тој се користи од авганистанската влада да запечати некои нејзини веќе донесени одлуки“, изјави за Радио Слободна Европа Гајрат Бахир, заменик лидер на авганистанската милитантна група Хезб е Ислами.

Инаку, Лоја Џирга е уникатно тело за Авганистан во кое традиционално племенски старешини на Паштуните, Таџиките, Хазарите и Узбеките се собираат за решаваат за прашања важни за земјата.

Оваа институција е стара со векови и во историјата се занимавала со решавање на меѓуплеменски несогласувања и спорови. На Лоја Џирга се гледа како на суштински процес кој ја поврзува целата земја.