Достапни линкови

Поглед во невидливиот живот на авганистанските жени


Новинарката Ана Бадхен една година живееше во мало село во северот на Авганистан, каде ја напиша последната книга насловена „Светот е тепих“. Таа ги следеше жените кои правеа теписи кои се продаваат за мало богатство во странство. Новинарката е загрижена за добросостојбата на жените во Авганистан по 12 години војна.

„Светот е тепих“ дава изненадувачки поглед во приватниот живот на жените во Авганистан. Во малото изолирано населено место Куоа, жените не мора да се забулуваат и слободно разговараат со мажите. Бадхен вели дека во селото нема потреба од сегрегација бидејки секој е сечиј пријател. Новинарката вели дека тоа е вообичаено за малите места низ Авганистан. Според неа, ситуацијата е поинаква во Мазар е Шариф, каде Бадхен живеела во големо семејство.

„Долго време живеев со жените во Мазар е Шариф во едно големо семејство со околу 24 или 27 членови. Беа многу деца и шест или седум жени. Со нив многу работевме во кујната. Однадвор, жените во Авганистан се речиси невидливи, но одвнатре тие се многу доминантни. Еден ден жените во кујната почнаа вулгарен разговор кој не би ги повторувала на радио. Тоа е еден вид експлозија во женското царство, ако тала сакате да го наречете.“

Однадвор, жените во Авганистан се речиси невидливи, но одвнатре тие се многу доминантни.
Ана Бадхен, автор на книгата „Животот е тепих“
На жените во земјата им е најдобро во семејства кои имаат пари, а таквите семејства живеат во градовите, вели авторката. Во Кабул има фабулозни богати жени кои одат на приватни универзитети, вели таа, додавајки дека ако жените сакаат да одат на било кој факултет мора да најдат возач кој ќе ги однесе на предавања и кој ќе ги врати дома. Не е многу безбедно за жените сами да се движат низ улиците појаснува писателката. По 12 години меѓународно присуство во Авганистан поради војната, Бадхен смета дека Соединетите американски држави не успеале да ги подобрат условите за живот за жените во земјата, што впрочем беше и една од целите на САД во Авганистан.

„И така е. Сега присуството на НАТО до одреден степен служи како браник меѓу различни милитантски групи кои ќе се вовлечат во граѓанска војна откако Алијансата ќе се повлече. Тоа се случи во 2001 година. Ќе има нови немири кои секако не се добри за човековите права“ заклучува новинарката и авторката на книгата „Светот е тепих“ во разговорот за Радио Слободна Европа.
XS
SM
MD
LG