Гломазната администрација го гуши приватниот сектор

Целата јавност беше сведок на лотариско ТВ вработување на 1600 луѓе во државната администрација. Премиерот најавува работа за уште 300 административци. Гломазната администрација од друга страна го гуши приватниот сектор во Македонија. Според економистите, цехот ќе го платат приватните компании, кои ќе мора и да отпуштаат луѓе.
Гломазна администрација може да го задуши приватниот сектор, сметаат дел од економистите, по владините најави за вработување на повеќе лица на државен трошок.
Ако ефикасноста се зголеми, тогаш тоа е добро, ако се види дека некаде имало недостиг на вработени па тоа не функционира добро, но сепак сега се повеќе предлагаат врзувања на тие административни работи за електронска технологија која не бара човечка рака.
Владимир Глигоров, економски аналитичар.

Професор Владимир Глигоров од Виенскиот институт за економски студии, вели дека вработување на стручни лица со цел зголемување на човечкиот капитал во крајна линија не е лошо.

„Ако ефикасноста се зголеми, тогаш тоа е добро, ако се види дека некаде имало недостиг на вработени па тоа не функционира добро, но сепак сега се повеќе предлагаат врзувања на тие административни работи за електронска технологија која не бара човечка рака“, вели Глигоров.
Натамошното товарење на стопанството и на граѓаните со даноци, оттаму и буџетот се зголемува, значи сето тоа е грабеж на граѓаните и на стопанството, осиромашување на стопанството.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Јавната администрација, меѓу другото, се финансира од даноци, казни и од придонесите кои ги плаќаат фирмите и граѓаните. Дел од стопанствениците се загрижени од тоа што наводно со ребалансот на годинашниот буџет се предвидува прибирање на значително повеќе пари во народната каса од казни. Главно прашање е колку е ефикасна администрацијата, за сметка на товарот, додава Глигоров.

„Така како што стојат работите и во Македонија и во слични земји, можеби поарно е да се гледа кога се одземаат овие сектори каде има инвестирање во човечки капитал, тогаш веројатно е подобро да се гледа каква е ефикасноста на јавниот сектор, а не да се зголемува вработувањето во него.“

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, вели дека како што се проширува јавниот сектор, се зголемува и потребата за негово финансирање.

„Натамошното товарење на стопанството и на граѓаните со даноци, оттаму и буџетот се зголемува, значи сето тоа е грабеж на граѓаните и на стопанството, осиромашување на стопанството, осиромашување на просторот, стеснување на просторот за работа, обратно дури приватниот сектор ќе биде принуден да отпушта работници за да ги намали расходите“, вели тој.

Постапките на власта во последно време укажуваат на подготовки за избори, смета Хајредини.

„Не само најавата за нови вработувања, туку и најавата, што е невообичаено, дека ќе се зголемат платите дури во октомври идната година и пензиите идната година, нормална влада, нормален премиер во европските земји, тоа не го прави“, вели Хајредини.