Собраниска расправа за бракот за засилување на хомофобијата

Илустрација.

Многу е чудно како оваа хомофобија која што е јасна во говорот, дури има и хомофобен говор на омраза, како всушност работи сама против себе, многу е необично. На некој начин, власта почна да се кара сама со себе, на тема што самата си ја зададе, вели професорката по родови студии Катерина Колозова.
Македонија е меѓу најхомофобичните држави во Европа, но се чини дека тоа воопшто не им пречи на политичките елити. Напротив, собраниската расправа за уставните измини со кои се предлагаше бракот да се дефинира како заедница меѓу еден маж и една жена дополнително ја разгорува хомофобичната кампања, реагираат организациите за права на ЛГБТ заедницата.
Штом го отворија прашањето како за теориска можност, дури и да се хомофобно и контра позиционирани, значи, веќе зборуваме за можност. Значи, создадоа терен за можноста, ако ме разбирате. Така што е многу чудно како оваа хомофобија која што е јасна во говорот, дури има и хомофобен говор на омраза, како всушност работи сама против себе, многу е необично. На некој начин, власта почна да се кара сама со себе, на тема што самата си ја зададе.

Катерина Колозова, универзитетски професор.

Неодамна објавениот извештај на меѓународната асоцијација ИЛГА покажува дека Македонија, е на европското дно според толеранцијата кон припадниците на ЛГБТ популацијата. Понетолерантни од Македонија се само Азербејџан, Ерменија, Русија, Монако, Молдавија и Украина. Сличен степен на нетолеранција кон ЛГБТ популацијата како во Македонија има и во Турција, Белорусија, Сан Марино и во Косово. Најтолерантна земја во Европа, според истражувањето на ИЛГА, е Велика Британија, а по неа следуваат Белгија, Норвешка, Шведска, Шпанија, Португалија и Франција.

Хомофобија во Европа, мапа.


Бурни реакции предизвика вчерашната изјава на пратеникот Драгиша Милетиќ од Српската напредна странка во Македонија, кој рече дека хомосексуалноста за него е болест, иако Светската здравствена организација веќе со децении не ја смета хомосексуалноста за болест.

„Не е омраза, за мене тоа е болест, а вие одете во чекор со модата, ама пазете, кога одите, мора да одите строго покрај ѕид“, рече вчера Милетиќ.
Собранието упатува една јасна порака дека во Република Македонија, говорот на омраза и дискриминацијата кон нехетеросексуалците, не само што се толерира, туку и се мотивира, охрабрува и поддржува.
Ирена Цветковиќ, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Универзитетската професорка по родови студии Катерина Колозова вели дека е несомнено дека во доминантниот политички јавен говор во Македонија владее хомофобичност, слично како и во земјите од регионот. Не се само политичките елити, македонското општество е хомофобично, вели таа. Колозова смета дека е парадоксално што дебатата за геј бракови во парламентот ја отворија токму оние коишто се противат на тоа, иако невладините организации што се занимаваат со таа проблематика никогаш не ги ставиле тие прашања на маса.

„Штом го отворија прашањето како за теориска можност, дури и да се хомофобно и контра позиционирани, значи, веќе зборуваме за можност. Значи, создадоа терен за можноста, ако ме разбирате. Така што е многу чудно како оваа хомофобија која што е јасна во говорот, дури има и хомофобен говор на омраза, како всушност работи сама против себе, многу е необично. На некој начин, власта почна да се кара сама со себе, на тема што самата си ја зададе“, вели Колозова.

Активистката Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ вели дека е згрозена од политичкиот варваризам и говорот на омраза кон ЛГБТИ луѓето на собраниската седница.

„Собранието упатува една јасна порака дека во Република Македонија, говорот на омраза и дискриминацијата кон нехетеросексуалците, не само што се толерира, туку и се мотивира, охрабрува и поддржува“, вели Цветковиќ.

Таа прашува како да се сфати постојаното инсистирање на владејачката партија да се води јавна расправа за истополови бракови во време кога ЛГБТИ заедницата е изложена на неказнето насилство, закани и дискриминација.

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ апелира до владејачката партија да ја запре, „перманентната пропагандна кампања против истополови бракови која поттикнува дискриминација и насилство врз основа на сексуална ориентација“.

По дводневна расправа, со 47 гласа гласови „за“, 26 „против“ и 12 воздржани 12, Собранието го отфрли предлогот поднесен од пратеникот Владимир од ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени според кои бракот ќе се регулира како заедница на маж и жена.