Блокадите продолжуваат, бизнисот трпи

Поради трговската војна меѓу Македонија и Косово, граничните премини и натаму се блокирани, политичарите се повикуваат на ТВ дуел, а штета трпи бизнисот.
Граничните премини Блаце и Јажинце на македонско-косовската граница и натаму се блокирани од превозниците на Макамтранс поради трговската војна меѓу двете земји. Истовремено, продолжува и блокадата на Косово за македонски производи, која почна во петокот.
Јас се надевам дека политичарите од двете засегнати страни извлекоа добра поука на некој начин и дека конструктивно ќе разговараат и ние ние целосно да се повлечеме.
Билјана Муратовска, генерален секретар на Макамтранс.

Но, генералниот секретар на Макамтранс, Билјана Муратовска вели дека во знак на добра волја решиле денеска да направат мали отстапки додека политичарите од двете земји преговараат за тоа како да се надмине ситуацијата.

„Така да денеска ќе ги пуштаме возилата да се движат по половина час на секои два часа со цел да се намали тензијата. Јас се надевам дека политичарите од двете засегнати страни извлекоа добра поука на некој начин и дека конструктивно ќе разговараат и ние ние целосно да се повлечеме за да можат нормално да функционираат и двете држави“, вели Муратовска.

Превозниците го блокираа Блаце.


Според Муратовска превозниците трпат големи загуби, како и бизнисмените и изрази надеж дека македонските и косовските власти ќе успеат да се договорат за да не бидат принудени да преземаат дополнителни мерки. Муратовска порачува дека и секоја вечер ги пропуштаат возилата кои носат стока од други држави, бидејќи не се залагаат да запре нечие стопанство, туку бараат работата нормално да функционира.
Само кратката краставица, односно корнишонот веќе имаше постигнато цена од 20 денари по килограм, но кога се создаде блокадата со Косово цената падна на 15 денари, а може и дополнително да е опадната.
Ристо Христов, земјоделец.

Земјоделецот Ристо Христов кој се бави со одгледување на зеленчук вели дека како резултат на блокадата со Косово цената на црвената индустриска пиперка најпрвин била намалена, но сега ја држи стандардната цена, за разлика од краставицата.

„Само кратката краставица, односно корнишонот веќе имаше постигнато цена од 20 денари по килограм, но кога се создаде блокадата со Косово цената падна на 15 денари, а може и дополнително да е опадната. Значи пиперката не, бидејќи се извезува за Грција и Хрватска и не претрпе пораз. Само на почетокот малку опадна цената, но сега ја има стандардната цена од 20 денари како во последните четири години“, вели Христов.

Македонскиот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски вчера ја повика вицепремиерката и министерка за трговија и индустрија на Косово, Мимоза Кусари Лила на заеднички тв дуел на кој ќе ги соочат аргументите во интерес на вистината и надминување на новонастанатата ситуација меѓу двете држави.