Вељаноски - Илинден ја води Македонија напред

Според претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, посветеноста кон градењето на подобра иднина се уште е најголемиот императив.
Илинден е темелот на нашата државност и самобитност. Илинден е гранитното сведоштво за влогот на генерации пред нас. Илинден е мотив за акција и посакувана енергија. Овој ден е незапрливиот импулс кој Македонија ја водел и ќе ја води само напред кон нови победи. Ова го порача претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за време на неговото обраќање по повод одбележувањето на 110-годишнината од Илинден, пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ. Методија Андонов Ченто во Скопје.
Да го сочуваме тоа што го имаме, да го почитуваме тоа што како непроценливо богатство сме го затекнале. Безусловно да го уважуваме и да го негуваме споменот за славните илинденски епопеи, конечно мораме да го надоградиме сето тоа со своето дело и да го оставиме на поколенијата што гордо чекорат по нас.
Трајко Вељаноски, претседател на Собранието.

Според Вељаноски, посветеноста кон градењето на подобра иднина се уште е најголемиот императив.

„Да го сочуваме тоа што го имаме, да го почитуваме тоа што како непроценливо богатство сме го затекнале. Безусловно да го уважуваме и да го негуваме споменот за славните илинденски епопеи, конечно мораме да го надоградиме сето тоа со своето дело и да го оставиме на поколенијата што гордо чекорат по нас.“

Според Вељаноски македонскиот народ знае точно каде оди и кои вредности ги споделува и каде припаѓа. Сакаме да бидеме дел од ЕУ и НАТО, но одиме натаму како што Илинден не научи да одиме, порачува Вељаноски.

„Тоа е цврсто, гордо, чесно и одговорно. Без самопочит вредноста на секое остварување е значително намалена, ќе продолжиме по правецот кој сме го зацртале, но без притоа да заборавиме дека Македонија е една и неделива. Ние не сме без идентитет, семе без корен, куќа без темел, тоа им го должиме на нашите предци, на нашата иднина, на нашите деца, на нашите поколенија.“

Вељаноски вели дека денес се соочуваме со предизвици со кои се проблематизираат државните и националните обележја, традицијата и корените . Воедно тој порача дека битката за подобро утре продолжува.

„Продолжува со совладување на предизвиците, заедно посилни од кога и да е, битка за подобра иднина, битка за повеќе работни места, за повеќе инвестиции, за подобри болници и училишта, за подобар стандард. За поголема грижа за секој од нас, особено за оние најранливите. Се бориме и се обединуваме да создадеме подобар живот за сите нас, овие битки се тешки, но ќе победиме.“

Вељаноски ја предводеше собраниската делегација која положи цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, како и пред спомениците на Никола Карев и на АСНОМ. Собраниски делегации денеска присуствуваат и на централното одбележување на Илинден во Крушево и во Меморијалниот центар во Пелинце.