Грчка рампа за македонската храна

Пазар во Битола.

Битола трпи последици од одлуката да не се внесуваат македонски производи во Грција на преминот Ники. Пазарџиите, угостителите, но и цела Битола сега е покуса за парите кои ги носеа гостите од Грција.
Веќе неколку месеци трае грчката погранична блокада на преминот Ники кај Меџитлија за внес на зеленчук и овошје од Македонија во Грција. Грчките државјани кои имаа навика да пазаруваат во Битола велат дека доколку купат храна повеќе од половина килограм гранични контроли им ја фрлаат во сметот. Тие објаснуваат дека контролите се воведени за да се заштити домашното производство на барање на Синдикатот на стопанската комора на трговски организации за земјоделски производи од Грција.
Не можеме да носиме, нè оставаат. Ако однесеш многу ќе ти фрлат. Велат, до половина килограм краставици, домати, компири можеш да пренесеш.
Нико Д. од Леринско.

„Не можеме да носиме, нè оставаат. Ако однесеш многу ќе ти фрлат. Велат, до половина килограм краставици, домати, компири можеш да пренесеш. Во пограничното село Кравари зедов 10 килограми компири и 24 килограми кромид, ми рекоа -Што е ова? Што правиш ти?“ Им реков - Ова не е за продажба, за дома е. Не, вели, ќе ти ги фрлам во сметот“, вели Нико Д. од Леринско.

Битола.


Забраната за внес на македонска храна во Грција ги удри по џеб битолските пазарџии каде соседите купуваа од тоалетна хартија до месо. Сега тезгите во пазарот се полни, а робата скапува.
Ако претходно јадеа и пиеја, сега едниот ќе јаде, другиот ќе пие. Или едно пиво две чаши. И тие штедат на потрошувачката, а капак им дојде тоа што им ја фрлаат робата на граница.
Васка Јанева, битолски угостител.

Секоја сабота доаѓаше по еден автобус од Костур, Катерини, Воден, Кожани, Птолемаида, Јанина. Доаѓаа по 300 луѓе по 100 евра,тоа се многу пари. Сега автобуси не доаѓаат, сè се сведе на нула. Ете, робата пропаѓа. Бидејќи доаѓаа во Битола да пазаруваат можете да сметате дека на тоа подрачје храневме уште 300. 000 луѓе. Сега во Битола го немаме прометот од 300.000 луѓе“, вели битолчанецот Цане Момировски.

Се жалат и угостителите во чаршијата, каде гостите од Грција навраќаа после шопингот да каснат нешто. Велат рестораните им остануваат полупразни. Се проценува дека прометот им е преполовен.

„Многу е намален прометот, порано во овој период од годината имаше многу повеќе, да пазаруваат, текстил да купуваат и посетеност во рестораните. Ако претходно јадеа и пиеја, сега едниот ќе јаде, другиот ќе пие. Или едно пиво две чаши. И тие штедат на потрошувачката, а капак им дојде тоа што им ја фрлаат робата на граница. Се од пазарот купуваа, креваа голема количина на пиперки, сега велат ќе ни забранат“, вели Васка Јанева, битолски угостител.

Грчките посетители тврдат забрана за внес на свежа храна од Македонија во Грција има само на Ники, а не и на другите два гранични премини Евзони и Дојрани.