Kој не сака решавање на спорот за името?

Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц на средба со премиерот Никола Груевски и со министерот за надворешни работи Никола Попоски во Скопје на 11 јануари 2013 година.

За Павле Трајанов од ДС, Грција има стратегија да не го решава спорот за името со Македонија, додека Тито Петковски од НСДП вели дека е потребна иницијативност од македонска страна.
Власта молчи по писмото на грчкиот премиер Андонис Самарас до премиерот Никола Груевски, во кое, како што дознава Дневник, тој го одбива претходно понудениот предлог за директни средби на највисоко ниво за да се интензивираат разговорите за спорот за името. Опозицијата најави реакција во текот на денот, а во меѓувреме коментираа помалите политички партии од власта и опозицијата.
Во 90-тите години грчкиот државен врв донесе стратегија или платформа којашто во основа содржи прво да го отвори ова прашање околу името на Република Македонија, да изгради систем на решавање на ова прашање, но никогаш да не го реши. Тоа е нивната главна стратегија.
Павле Трајанов, Демократски сојуз.

Во Демократскиот сојуз изјавија дека одговорот на Самарас не е изненадување, туку потврда на, според нив, грчката стратегија за нерешавање на спорот.

Грчкиот премиер Андонис Самарас.


„Во 90-тите години грчкиот државен врв донесе стратегија или платформа којашто во основа содржи прво да го отвори ова прашање околу името на Република Македонија, да изгради систем на решавање на ова прашање, но никогаш да не го реши. Тоа е нивната главна стратегија“, изјави лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов.
Таа иницијативност меѓу другото подразбира и како Македонија мисли да го реши проблемот, што вложува Македонија во смисла кој е предлогот на Македонија. Ако веќе ги отфрлате сите предлози на Нимиц, тогаш што нудите вие.
Тито Петковски, НСДП.

И за Тито Петковски од НСДП нема ништо ново во одговорот на Самарас, како и во изјавите на словенечкиот претседател Борут Пахор дека е потребно земјава да покаже гест со кој ќе ја увери меѓународната заедница дека има иницијатива за решавање на спорот. Иницијативата, посочува Петковски, не значи само праќање на куртоазни покани за средби, туку многу повеќе.

„Таа иницијативност меѓу другото подразбира и како Македонија мисли да го реши проблемот, што вложува Македонија во смисла кој е предлогот на Македонија. Ако веќе ги отфрлате сите предлози на Нимиц, тогаш што нудите вие“, вели Петковски.

Трајанов, пак, уверува дека што и да направи Македонија, колку и предлози да понуди, Грција е таа која постојано ќе ги одбива и ќе го одолговлекува процесот.

„Ние можеме и натаму да бидеме во офанзива, да предлагаме решенија, дали преку дипломатските канали, дали преку посредници и тоа би било добро да бидеме во некаква офанзива, но факт е дека Грција не е подготвена конкретно да се вклучи во разговори и да го реши овој спор“, вели Трајанов.

Од ДУИ, пак, соопштија дека на вчерашната средба на лидерот на ДУИ Али Ахмети со американскиот амбасадор Пол Волерс, Ахмети побарал поголема и директна ангажираност од Вашингтон за да се олесни постигнувањето на компромис со јужниот сосед, притоа истакнувајќи дека ќе продолжи со промотивната кампања за придобивките на земјата од зачленувањето на НАТО.

Инаку, во одговорот што Самарас му го испрати на Груевски пишува дека нема потреба од средби бидејќи Грција не била таа што ги блокира македонските евроинтеграции, туку самата Европска унија не дозволувала Македонија да оди напред.