Кумановци се кренаа против сообраќајниот хаос

Граѓанска иницијатива за потпишување петиција за решавање на сообраќајниот хаос во Куманово.

Загинувањето на 15 годишната Теодора Цветковска на тротоар, пред пешачки премин, поттикна граѓанска иницијатива за потпишување петиција со која од надлежните ќе бараат средување на сообраќајот.
Дивеење на млади возачи со бесни автомобили и мотоцикли, најчесто исклучена вертикалната светлосна сигнализација и на најфреквентните крстосници, демонтирани флексибилни лежечки полицајци и отсуство,дури и немоќта на сообраќајната полиција, години наназад го создадоа сообраќајниот хаос во Куманово.
Сообраќајната полиција повеќе да биде присутна на улиците, да се постават лежечки полицајци и возачите да бидат повеќе внимателни кон пешаците.
Анкетиран граѓанин.

По загинувањето на 15 годишната Теодора Цветковска на тротоар, пред пешачки премин и продолжување со несовесното однесување на учесниците во сообраќајот, пред се на возачите, поттикна граѓанска иницијатива за потпишување петиција која ќе биде доставена до СВР Куманово и до надлежните во локалната самоуправа.

Граѓаните кои масовно ја поддржуваат иницијативата за безбедноста во сообраќајот велат:

„Нема грешка колку сме безбедни!“
Се работи за целиот град, а булеварите се најбитни. Ќе се обидеме да издејствуваме да се постават било какви сигнализации, знаци за предупредување пред крстосниците, за на некој начин да му се сигнализира на возачот да ја намали брзината.
Александар Димитровски, иницијатор на петицијата.

„Сообраќајната полиција повеќе да биде присутна на улиците, да се постават лежечки полицајци и возачите да бидат повеќе внимателни кон пешаците.“

„Многу лоша, прво немаме култура, немаме сообраќајци, знаци и прописи има, но некој ги вади, зошто не знам! На семафорот на Улицата „Моша Пијаде“ е хаос.

Кај Зелениот пазар никогаш не работат семафорите,на Булеварот „Трета МУБ“ исто така. Секаде да се постави се како што треба на младите не им помага. Возат добри, јаки автомобили, гледаат само напред...Возачките дозволи ги добиваат со пари,а да ги добиваат како јас кога полагав 1970 година, ќе видиме кој ќе положи.“

Александар Димитровски иницијатор за петицијата за надминување на сообраќајниот хаос во Куманово вели дека сообраќајната култура е на многу ниско ниво,а основната цел е да се разбуди совеста кај возачите:

„Се работи за целиот град, а булеварите се најбитни. Ќе се обидеме да издејствуваме да се постават било какви сигнализации, знаци за предупредување пред крстосниците, за на некој начин да му се сигнализира на возачот да ја намали брзината...“

Пропишаната брзина за возење во град или населено место речиси ниту еден од возачите не ја почитува. Нема запирања пред пешачки премини. Велосипедисти и мотоциклисти и пешачките патеки и шеталиштето на двата градски плоштади го користат за развезување, а од полицијата велат дека можат да интервенираат само кога ќе добијат налог, за што Димитровски вели:

„Треба да се подигне културата на граѓанинот,а сите ние сме учесници во сообраќајот. Подигање на совеста на граѓанинот.“

РСЕ: Дали со петицијата ќе се смени нешто:

„Се надеваме бидејќи ова е глас на народот. Последната жртва мислам дека ги свести поголем број од граѓаните. И да нема повеќе вакви случаи“, вели Даниела Тасевска, член на граѓанската иницијатива за собирање потписи.

„Според заинтересираноста на граѓаните да се потпишат, мислам дека ќе се свестат сите учесници во сообраќајот и еднаш за секогаш да се стави крај на сето ова. Освен лежечки полицајци, семафорите да работат, од Нова година рекоа и камерите дека ќе се пуштат,а не се, а возачките дозволи се добиваат и на 16 години,со пријателства, на убави очи,како што се вели. На плоштадот поминуваа со мотори и велосипеди и не запреа да видат зошто е петицијата“, вели Дарко Костовски, член на граѓанската иницијатива.

Димитровски појаснува дека иницијативата за надминување на сообраќајниот хаос е прифатена и од многу младински активисти во невладиниот сектор, а во иднина ќе следат реакции насловени „Разбуди се Куманово!,“ зашто состојбата станува алармантна со хаосот во градот.

Кумановската полиција често пати и во основните и во средните училишта се обидува преку разни проекти да ги едуцира младите за безбедноста во сообраќајот. И локалната самоуправа и градоначалникот Зоран Дамјановски преземаат мерки, меѓутоа, по се изгледа ова е комплексен проблем кој пред се и над се, треба да ја разбуди совеста кај луѓето. А надлежните пак, како што забележуваат граѓаните треба да соработуваат и заеднички да делуваат.