Рецитал на пијанистката Христина Велјаноска во КИЦ

Христина Велјаноска, пијанистка.

Со дела од Бах - Кабалевски, Шопен, Менделсон, Прокофјев и Албениц, утревечер, со почеток во 20 часот, во Културно-информативниот центар во Скопје, рецитал ќе одржи пијанистката Христина Велјаноска. Овој перформанс, на победничката на последниот Меѓународен натпревар „Пиетро Арџенто“ во Италија, се одржува во рамките на циклусот „Доаѓаме...“ со кој се претставуваат младите таленти кои веќе ја аргументирале својата концертна перспективност.
Христина Велјаноска за својот пијанистички рецитал, кој се одржува во рамките на циклусот „Доаѓаме...“ на Културно-информативниот центар од Скопје, одбра да свири дела од Бах-Кабалевски, Шопен, Менделсон, Прокофјев и Албениц.
Во програмата има од сè по нешто. Таа поседува и виртуозитет за да се покаже техниката што ја поседува пијанистот, има и убава мелодија за да се привлече вниманието на публиката.
Христина Велјаноска, пијанистка.

„Во програмата има од сè по нешто. Таа поседува и виртуозитет за да се покаже техниката што ја поседува пијанистот, има и убава мелодија за да се привлече вниманието на публиката... Притоа можеби не секое дело е разбирливо на прво слушање, но кога малку повеќе ќе се задлабочи во него убедена сум дека ќе му се допадне. Едноставно оваа музика е премногу убава и верувам дека
никој од присутните нема да има проблем да се опушти и да ужива во неа“, истакнува младата уметница во предвечерието на својот солистички концерт.
Не сум гладна за награди. Со вежбањето, со учењето, со напредувањето тие самите си доаѓаат. Меѓутоа, поважно од сè е тоа што сите настапи, сите натпревари се можност за стекнување на огромно искуство и многу помагаат во изградбата на секој еден музичар.
Христина Велјаноска, пијанистка.

Таа вели дека за овој свој настап се подготвувала во текот на изминатиот семестар и дека најважно и е да успее да го постигне пожелуваниот степан на концентрација.

„Психички човек треба да е многу подготвен. Сево ова бара откажување од многу работи. Дури и не е важно можеби да се вежба по цели денови, но битно е да се постигне потребната концентрација. Едноставно, кога ќе се седне да се свири буквално како да навлегуваш во друг свет. Како да не си присутен на местото каде што се одржува концертот и треба комплетно да се внесеш за да го доловиш периодот во кој што е напишано делото.“

Родена 1994 година, Велјаноска ја имала среќата нејзиниот музички талент да биде откриен многу брзо. Нижо и средно музичко училиште завршила во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а сега е студент на прва година на Факултетот за музичка уметност во класата на професор Нина Костова – Јаневска. Учесник е и добитник на бројни награди и признанија на државни и меѓународни натпревари, од кои посебно за издвојување се специјалната награда со освоени најголем број поени на Интернационалниот натпревар што се одржа во 2009 година во Рагуза на Сицилија и победата на Меѓународниот натпревар „Пиетро Арџенто“, Џола дел Коле, во Италија.

„Не сум гладна за награди. Со вежбањето, со учењето, со напредувањето тие самите си доаѓаат. Меѓутоа, поважно од сè е тоа што сите настапи, сите натпревари се можност за стекнување на огромно искуство и многу помагаат во изградбата на секој еден музичар.“

Христина Велјаноска забележува дека, иако не потекнува од музичко семејство, нејзината љубов кон пијаното се случила на прв поглед – слушајќи изведба на некое дело во домот на некоја своја другарка. Вели дека сега тајните на инструментот ги открива посегајќи по изведбите на големите мајстори како Свјатослав Рихтер, Кристијан Цимерман, Рубијншајн, Борис Березовски и други. Таа е свесна дека пред неа е период на многу работа и откажување, но себе си еден ден се гледа како успешен пијанист кој покрај рециталите ќе одржува концерти со разни формации и како педагог кој ќе им го пренесува знаењето на оние што допрва доаѓаат.

„Многу жртви бара оваа професија, многу часови поминати во седење на столчето пред клавирот, многу пропуштени излегувања. Сепак, јас себе во иднина се гледам како успешен пијанист, со настапи, со концерти, се надевам што побројни и ете, можеби еден ден, како професор за да го пренесам своето стекнато знаење на помладите генерации.“