Стечајците од „Копачка“ си ги бараат заостанатите плати

Неисплатените плати и придонеси се проблем на сите поранешни работници на пропаднатата дрвна индустрија „Копачка“ од Кичево.
Петре Илиоски е стечаен работник на поранешната дрвна индустрија „Копачка“ од Кичево. Живее со минимален додаток од 3000 денари, нема право на пензија, а здравјето го изгубил од сите стресови поради неисплатените бројни плати и неуспешната борба за опстанок, веќе 7 година откако останал без работа.
Сега надоместок само земам 3000 денари. Со 3000 денари не се опстанува, животот е сега скап, не можеме ние да опстанеме, тешко нас, 27 плати имам работено, заостанати, неисплатени, стаж немам платено 8 години, пензија нема услов, од што ќе живеам, јас сам се прашувам од што ќе живеам, здравјето ми е нарушено, не можам да одам, шест члена сме во фамилијата.
Петре Илиоски, стечаец од поранешната дрвна индустрија „Копачка“.

„Сега надоместок само земам 3000 денари. Со 3000 денари не се опстанува, животот е сега скап, не можеме ние да опстанеме, тешко нас, 27 плати имам работено, заостанати, неисплатени, стаж немам платено 8 години, пензија нема услов, од што ќе живеам, јас сам се прашувам од што ќе живеам, здравјето ми е нарушено, не можам да одам, шест члена сме во фамилијата“, истакнува Илиоски.

Љупче Петрески е исто така стечаен работник, кој што од 1994 година не е на работа. Едвај се снаоѓа како што вели, со маки ја школува својата ќерка, која е ученик во гимназија.
Тројца сме дома, никој не е вработен, девојчето гимназија учи, немам од кај да го издржам, социјална помош земам 2000 денари и стипендија сега ми дадоа за девојчето уште 2000 денари, вкупно 4000 денари и тоа е сè. А, 13 години стаж немам платено од Копачка, преку 30 плати имам за земање, ми ги немаат дадено. Си идат полно сметки за вода, за ѓубре, од каде ќе ги платиш, немаш, од каде, со што ќе ги платам, дали за детето да му ги дадам, дали за нас за дома да јадеме, со тие пари.
Љупче Петрески, стечаец од поранешната дрвна индустрија „Копачка“.

„Тројца сме дома, никој не е вработен, девојчето гимназија учи, немам од кај да го издржам, социјална помош земам 2000 денари и стипендија сега ми дадоа за девојчето уште 2000 денари, вкупно 4000 денари и тоа е сè. А, 13 години стаж немам платено од Копачка, преку 30 плати имам за земање, ми ги немаат дадено. Си идат полно сметки за вода, за ѓубре, од каде ќе ги платиш, немаш, од каде, со што ќе ги платам, дали за детето да му ги дадам, дали за нас за дома да јадеме, со тие пари“, се жали Петрески.

Неисплатените плати и придонеси се проблем на сите поранешни работници на оваа пропадната дрвна индустрија.

„Дванаесет години стаж да не плати, тоа е, заостанати плати веќе не прашувај, многу и да одиме на работа – така, тоа е срамота, и во директори, и во судови, сите се виновни и во стечаи, тоа немаше еден стечај, сите се виновни“, реагира револтиран Проко Велјаноски.

А, Раде Јорданоски, пак, останал без работа во вториот стечај.

„Од 2007 година немаме надомест земено, плати никакви, не лажат стечајниот и Одбор на доверители и бараме ова што побрзо да се заврши. Фирмата е во стечај, се сечи, се трупи таму, тоа железото што го дадоа, машините веќе се отуѓуваат таму, таму се прави гробишта“, вели Јорданоски.

И додека вработените бараат отчет од стечајниот управник Драган Филипоски, тој во телефонски разговор изјави дека не носи никаква вина во однос на стечајот во Копачка, зашто според неговите законски ингеренции, тој само ги спроведува одлуките на Одборот на доверители. Како што рече, имотот на фирмата е продаден во првиот стечај, а пред 5 години во оваа стечајна постапка биле продадени и машините. Парите од машините во висина од 180.000 евра може да се распределат на доверителите со одлука на Одборот, но кога ќе завршат судските постапки против фирмата за кои одборот има ангажирано адвокат. Според Филипоски, одговорот за стечајната постапка во Копачка треба да го даде стечајниот судија Јованка Стојаноска.

Судијката Стојаноска објаснува дека во моментов се водат две судски постапки: против Копачка и против сопственикот на машините, тетовската фирма, Пораш Шар. Откако ќе завршат, таа ќе го задолжи стечајниот управник да изготви план за распределба на парите на сите доверители. Како што рече Стојаноска, ќе вложи напори да се исплатат придонесите на сите вработените, но не може да гарантира дека ќе има средства и за исплата на нивните плати, бидејќи средствата се ограничени на 180.000 евра.