Политиката пак ја „мати“ водата во Куманово

Macedonia - Kumanovo view, generic - N/A

Поради спор меѓу локалното ЈП Водовод и државното Водостопанство - Кумановско-липковско Поле, жителите на Куманово имаат намален притисок на вода во домовите.
Деновиве политичките несогласувања помеѓу ЈП „Водовод“ под надлежност на локалната самоуправа и „Водостопанство - Кумановско-липковско Поле“ под надлежност на Владата, кумановци ги почувствуваа со намален притисок на водата од водоводната мрежа. И додека Филип Филиповски, директор на „Водостопанство“, вели дека дотурот од неопходните 380 литри вода во секунда е намален на 160 литри вода во секунда е поради финансискиот долг и непотпишаниот договор од „Водовод“, тамошниот директор Виктор Божиновски смета дека во тоа има политика.
Самоволието на раководството во „Водостопанство - Кумановско-липковско Поле“ се повторува. Завршија изборите и нормално политиката си го зема својот данок, а нема никаква друга причина. Дотурот сега изнесува 160 литри вода во секунда. Апелирам до раководството во интерес на граѓаните да се врати дотурот на вода на количества кои беа нормални до намалувањето, а треба да се разговара и за дополнителни количества на вода поради растот на температурите, со што се зголемува и потрошувачката на водата.
Виктор Божиновски, директор на ЈП Водовод Куманово.

Граѓаните кои се најоштетени велат дека ова се случува поради политика.

Виктор Божиновски, директор на ЈП „Водовод“ Куманово.


„Никој не смее да остане без вода во Куманово, тоа е грев кон луѓето. Вода не смее да се забранува, а има судови и нека си решаваат. Не знам кој кому е должен. Треба да се плаќа, но не ги знам релациите помеѓу Водостопанство и Водовод.“

„Ако нема, треба да се цркне. Речиси сите се виновни.“

Дотурот на водата од двете акумулации Липково и Глажња до филтер станицата на „Водовод“ бил намален без писмена најава и известување од „Водостопанство“, за што Божиновски обвинува:

„Самоволието на раководството во „Водостопанство - Кумановско-липковско Поле“ се повторува. Завршија изборите и нормално политиката си го зема својот данок, а нема никаква друга причина. Дотурот сега изнесува 160 литри вода во секунда. Апелирам до раководството во интерес на граѓаните да се врати дотурот на вода на количества кои беа нормални до намалувањето, а треба да се разговара и за дополнителни количества на вода поради растот на температурите, со што се зголемува и потрошувачката на водата.“
Сега се повторува начинот на однос на одговорниот на „Водовод“ и на градоначалникот кои одбиваат да ги плаќаат сметките. За три години должат околу еден милион евра. Ако не ја наплатиме дистрибуцијата на вода не можеме да ги извршуваме законските обврски на терен. Директорот одбива да ги плаќа фактурите за месечна испорака на вода. Тоа доведува до блокирање на работите, ние не можеме бесконечно да дистрибуираме вода, а да не добиваме исплата.
Филип Филиповски, директор на Водостопанство - Кумановско-липковско Поле.

„Водовод“ ги плаќал сметките на „Водостопанство“ сè до минатиот месец кога „Водостопанство“ ја применило блокадата за старите долгови. Божиновски побарал да биде повлечена блокадата, а колку изнесува долгот, податоците во двете претпријатија се различни.

„И тоа е нормално затоа што тие ја качија цената на водата минатата година на 4,2, а годинава на 5,2 денари за метар кубен. Така што минатата година количеството дојдено до „Водовод“ како што направивме џентлменски договор да биде плаќано по 2,2 денари и да се враќаат по половина милион денари месечно од заостанатиот долг. Тоа функционираше нормално до минатиот месец, до поставување блокада од нивна страна, а минатиот месец на „Водостопанство“ му е исплатено два милиона денари.“

„Водовод“ нема дополнителни средства, договорот не е потпишан поради 130 отсто зголемената цена на водата од „Водостопанство“, а Божиновски додава дека локалното претпријатие ќе ги преземе сите мерки за да не се случи Куманово да остане без вода. За тоа Божиновски ги известил Министерствата за животна средина и земјоделство, шумарство и водостопанство, бидејќи основач на „Водостопанство“ е Владата, за да се надмине проблемот.

Филиповски од „Водостопанство“, пак, вели дека мерките што биле преземени и минатата и годинава биле успешни за нормалното водоснабдување.

„Сега се повторува начинот на однос на одговорниот на „Водовод“ и на градоначалникот кои одбиваат да ги плаќаат сметките. За три години должат околу еден милион евра. Ако не ја наплатиме дистрибуцијата на вода не можеме да ги извршуваме законските обврски на терен. Директорот одбива да ги плаќа фактурите за месечна испорака на вода. Тоа доведува до блокирање на работите, ние не можеме бесконечно да дистрибуираме вода, а да не добиваме исплата“, вели тој.

РСЕ: Зошто го намаливте дотурот на вода?

„Водостопанство не го намали дотурот на водата, вработените одат на терен на сопствен трошок за да ги извршуваат обврските. Доколку „Водовод“ е заинтересиран да обезбеди вода треба да потпише договор, ги изгубија споровите на сите судови. Одбегнување на потпишување на договорот е одговорност.“

Тоа укажува дека топката на одговорноста ќе се префрла од една на друга страна, а неизвесно е дали Куманово ќе биде со нормално водоснабдување, особено што како по неславна традиција вентилите се затвораат во време на викендите и празниците.