Театарот во Велес - 10 милиони евра

Иако основниот договор беше 2 милиони евра, за изградба на новиот велешки театар кој треба да биде готов во септември, досега се потрошени речиси 10 милиони евра.
Новиот велешки театар кој треба да биде готов во септември, иако беше најавено дека ќе чини 2 милиони евра, досега за неговата изградба се потрошени речиси 10 милиони евра. Оваа бројка е добиена според податоците на Бирото за јавни набавки. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска при последниот увид во изведбата на работите на новата театарска зграда пред еден месец изјави дека парите за изградбата на објектот се целосно обезбедени од Буџетот на Македонија, а колку чини новата театарска зграда ќе се знае по целосното завршување на работите.

„Велес заслужува да има еден ваков современ театар бидејќи театарската традиција е долга, а театарскиот ансамбл во Велес е еден од најуспешните во земјава. Оваа инвестиција ќе биде значајна не само за граѓаните на Велес, туку и за Македонија“, рече Канческа-Милевска.

Камен темелник за новиот театар беше поставен во мај 2008, кога е склучен и основниот договор со тетовската фирма Еуро Проект во вредност од 2 милиони евра. Според основниот договор објавен на Бирото за јавни набавки, градежната изградба на објектот требаше да заврши за една година, а комплетно да заврши до 2010 година.
Вид на набавка Фирма Сума
1. Основен договор: Изградба на театар во Велес ЕУРО ПРОЕКТ - Тетово 2.024.884 евра
2. Изведување на системи за сценски технологии Светлост театар Белград 4.727.672 евра
3. Дополнителни и непредвидени работи Светлост театар Белград 457.755 евра
4. Набавка на занаетчиско-енетериерни работи, мебел, опрема и осветлување ДПТГУ Делта Пром Дооел 1.767.844 евра
5. Изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за паркинг и партерно уредување ДПТГУ Делта Пром Дооел 398.736 евра
6. Изведба на мермерна фасада на објектот ЕУРО ПРОЕКТ - Тетово 229.866 евра
7. Промена на позиции за задоволување на акустични стандарди ЕУРО ПРОЕКТ - Тетово 159.356 евра
8. Изведување на променети позиции од Предмер пресметката на основниот Договор за изградба ЕУРО ПРОЕКТ - Тетово 87.697 евра
9. Проектирање на идеен и изведбен проект за внатрешно уредување АТЕЉЕ ПРОЕКТИНГ 26.044 евра
10. Проектирање на Изведбени проекти за градежна акустика и архитектонска акустика Светлост театар Белград 35.806 евра
11. Изработка на изведбен проект АТЕЉЕ ПРОЕКТИНГ 9.440 евра
12. Анекс договор за нарачка, изработка и откуп на основни проекти за сценски технологии ДИРИ „КОНСТАНТА ИНЖЕНЕРИНГ“ ДОО Белград 5.800 евра
ВКУПНО 9.930.900 евра
Според податоците објавени на страната на фирмата Еуро проект, таа соработувала во неколку наврати со јавни институции, добила неколку тендери за реконструкција на патишта, изградба на две фонтани во реката Вардар, изградба на систем за водоснабдување во Тетово, како и градежно занаетчиски работи во неколку училишта во кумановскиот и тетовскиот крај.
Велес заслужува да има еден ваков современ театар бидејќи театарската традиција е долга, а театарскиот ансамбл во Велес е еден од најуспешните во земјава. Оваа инвестиција ќе биде значајна не само за граѓаните на Велес, туку и за Македонија.
Елизабета Канческа-Милевска, министерка за култура.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во посетата на новиот театар што се гради во Велес.

Според податоците на Бирото за јавни набавки, за изведба на сценски технологии потпишан е основен договор во вредност од речиси 5 милиони евра и анекс договор на истиот за набавка, изработка и монтажа на сценска опрема во вредност од половина милион евра. Министерството за култура тие договори ги потпиша со белградската фирма „Светлост театар“. Интересен податок е тоа што велешката фирма „Делта пром“, која што извршила набавка на мебел, опрема и занаетчиско-ентериерни работи во вредност од 1 767.844 евра, а за дополнителни 400 илјади евра склучила договор за изведување на градежно-занаетчиски работи за паркинг и партерно уредување на објектот.

Аналитичарите кои се занимаваат со мониторирање на јавните набавки предупредуваат за можни злоупотреби на законот со помош анекс договорите кои неколкукратно ја зголемуваат првично најавената цена за изградба на еден објект.

„Ние имаме ситуација да сето тоа што се занаетчиски работи, скулптури, елементи од бакар, од дрво, сето тоа се прави како анекс на договорот, како да не се знаело претходно дека тоа треба да го има. Затоа велам, се остава простор за многу незаконитости, за многу неправилности, бидејќи овој исклучок што го дава законот веќе стана правило. Мислам дека тоа намерно се прави“, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернејшнал Македонија.

Министерката Канческа-Милевска на последната прес-конференција ги негираше тврдењата во јавноста за злоупотреба на јавните пари, тврдејќи дека сите договори за јавни набавки се склучени според законот.

Новиот театар во Велес зафаќа површина од 3.800 квадратни метри и ќе има две сали - голема со капацитет за околу 400 гледачи и мала со капацитет за околу 100 гледачи. Во него ќе има и луксузно фоаје, работилница и административен простор. Во новиот театар ќе има услови за изведба и на оперски и на балетски претстави. Дело е на архитектите Илија и Моника Стојчевски и Билјана Христова од атељето „Проектинг“.