Нови закани од Северна Кореја

Северна Кореја упати уште една закана дека ќе ги нападне Соединетите Држави. Ова е одговор на, како што се наведува, американското покажување сила кога два стелт бомбардера, во рамките на заедничките воени вежби со Јужна Кореја, фрлиле маневарски бомби врз цели во близина на границата со Северна Кореја.
Северна Кореја ги стави во состојба на готовност ракетните системи за напади врз американска територија и врз американските воени бази на Пацификот и во Јужна Кореја.

Во соопштението на севернокорејската државна новинска агенција се прецизира дека лидерот Ким Џонг Ун по вонредниот состанок со генералите наредил стартегиските ракети да бидат подготвени за да можат во секое време да бидат употребени против непријателот.

Во соопштението се додава дека Ким рекол оти американските непријателски акции ја преминале фазата на закани и уцени.

Според него, дошло време да се израмнат сметките со, како што се наведува, американските империјалисти.
Јужнокорејските и американските разузнавачки служби ја следат подготвеноста на Северна Кореја да ги употреби нејзините ракети со краток, среден и долг дострел.
Ким Мин Сеок, портпарол на јужнокорејското министерство за одбрана.

Неколку часа по ваквото предупредување, јужнокорејската војска забележала интензивно движење на воени возила и трупи од другата страна на границата.

„Јужнокорејските и американските разузнавачки служби ја следат подготвеноста на Северна Кореја да ги употреби нејзините ракети со краток, среден и долг дострел“, изјави портпаролот на јужнокорејското министерство за одбрана Ким Мин Сеок.

Јужнокорејската новинска агенција Јонхап наведува неименувани извори во Сеул кои велат дека постоела реална можност Северна Кореја да ги оствари предупредувањата и да употреби сила.

До ова дојде откако вчера два американски стелт, односно невидливи, нуклеарни бомбардера од воздухопловната база Вајтмен во Мисури долетале над Јужна Кореја каде што секоја година американските и јужнокорејските сили одржуваат воени вежби.

Ние мора да ставиме јасно до знаење дека ваквите провокации од Северна Кореја ги земаме многу сериозно и оти ќе одговориме.
Чак Хејгел, американски секретар за одбрана.
Овие авиони можат да летаат долго без полнење гориво, а наменети се за специјални задачи за стратегиско бомбардирање.

Американскиот секретар за одбрана Чак Хејгел изјави дека испраќањето на двата бомбардера било вообичаен дел од воените маневри.

Сепак, некои експерти велат дека станува збор за акција без преседан. Најпрвин поради тоа што ретко јавно се кажува каде леталата се сместени, но и поради огромните трошоци за летот.

Според некои проценки, секој час летање на стелт авионите чини 135 илјади долари.

Ако се земе предвид тоа што целата акција траела над 20 часови, со оглед на должината на летот од 20 илјади километри, двата авиони потрошиле над 5,5 милиони долари.

Затоа, како што коментрираат дел од американските весници, би било добро оваа акција да го исплаши севенокорејскиот лидер. Во спротивно натамошното вакво покажување сила ќе чини многу пари.

Како и да е, секретарот за одбрана Хејгел смета дека севернокорејските провокативни акции и реторика ја имаат зголемено опасноста на Корејскиот Полуостров и оти Соединетите Држави се подготвени да дејствуваат на секаква активност од Пјонгјанг.

„Ние мора да ставиме јасно до знаење дека ваквите провокации од Северна Кореја ги земаме многу сериозно и оти ќе одговориме.“

Тензиите на Полуостровот пораснаа откако во минатиот месец Северна Кореја изведе трета нуклеарна проба, што пак водеше до воведување нови меѓународни санкции против таа земја.

Пред два дена Пјонгјанг оцени дека во секој момент би можело да дојде до војна. Претходно, Северна Кореја се закани дека ќе изврши нуклеарни напади врз Соединетите Држави и Јужна Кореја и најави дека еднострано ќе го поништи договорот за примирје со кој беше завршена Корејската војна во 1953 година.

Добрите познавачи на состојбите веруваат дека на Северна Кореја ќе и бидат потребни уште неколку години пред да развие технологија на нукеларни боеви глави со кои би можело да ги нападне Соединетите Држави.