Изборна трка со предност на власта

Премиерот Никола Груевски присуствува на пуштањето на детска градинка „Сонце“ во скопската општина Аеродром.

Користењето на јавни средства во предизборната камања е нечесно затоа што ги става кандидатите во нерамноправна положба. Тоа е како во трка на 100 метри, едниот тркач да почне со 20 метри предност, вели поранешниот антикорупционер Ариф Муса.
Цела влада во кампања за локалните избори. За време на кампања никој не мисли на одвојување на државата и партијата, и покрај тоа што тоа беше едно од барањата на ЕУ, и на забраната за злоупотреба на државни средства и средствата од јавни фондови.
Апсолутно може да се контролира и да се гледа дали ги користат општите добра за партиски интереси. Имаме прецизна законска регулатива, соодветна на Европската унија, само треба да се спроведува. Кај нас тешко се спроведуваат тие работи.
Ариф Муса, поранешен антукорупционер.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за образование и наука Панче Кралев во кочанското село Оризари денеска ќе постават камен-темелник за изградба на нова училишна спортска сала и свечено ќе пуштат во употреба нова училишна спортска сала. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ ќе засадат рози на зеленилото на булеварот „Климент Охридски“ во Скопје. Секој ден од изборната кампања некој од министрите придружува некој кандидат за градоначалник во предизборните активности, кои според нив не биле предизборни, ами редовни активности.

Министерот за животна средина Абдулаќим Адеми на поставувањето на соларни панели, во тетовско Теново.


Нашите соговорници, поранешните антикорупционери Драган Малиновски и Ариф Муса, се согласни дека се работи за недозволени активности.
Ова се случува секојдневно и нема никакво сомнение дека таквото ангажирање на министрите е надвор од нивната функција која ја извршуваат како министри, бидејќи ретко или скоро никогаш не можете да најдете или да ги поистоветите постапувањата на министрите на лице место со нивната основна функција.
Драган Малиновски, поранешен антикорупционер.

Однесувањето на владините функционери и на актуелните градоначалници кои се борат за втор мандат е незаконско и неморално, дециден е Муса. Од една страна е во спротивност со Законот за спречување на корупцијата кој забранува користење на јавните добра за лични и партиски интереси, вели тој, а од друга е нечесно затоа што ги става кандидатите во нерамноправна положба. Тоа е како во трка на 100 метри, едниот тркач да почне со 20 метри предност, вели Муса.

„Апсолутно може да се контролира и да се гледа дали ги користат општите добра за партиски интереси. Имаме прецизна законска регулатива, соодветна на Европската унија, само треба да се спроведува. Кај нас тешко се спроведуваат тие работи.“

Вклучувањето или обемот и начинот на кој министрите се вклучени во кампањата за локалните избори е дефинитивно недозволиво, вели Малиновски.

„На тоа бевме повеќе пати предупредувани од субјектите кои ги мониторираат изборните процеси и тоа беше една од главните забелешки во претходниот изборен циклус, за изборите 2011. Ова се случува секојдневно и нема никакво сомнение дека таквото ангажирање на министрите е надвор од нивната функција која ја извршуваат како министри, бидејќи ретко или скоро никогаш не можете да најдете или да ги поистоветите постапувањата на министрите на лице место со нивната основна функција.“

Членовите 11 и 12 од Законот за спречување на корупцијата, од донесувањето на одлуката за распишување на избори па се до завршувањето на изборите забрануваат нови инвестиции и вонредни исплати како и злоупотреба на буџетските средства и средства од јавни фондови.