Прв хуманитарен „Бал на различности“

Акција на Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“ од Скопје.

„Не гледај со очите, погледни со срцето...“ е мотото на првиот „Бал на различности“, што во организација на Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“ од Скопје, ќе се одржи утревечер од 18.30 часот, во Македонската опера и балет. Целта на овој хуманитарен настан е да се подигне свесноста за потребата за инклузија на лицата со посебни потреби во сите социјално-општествени сфери.
Крајно време е сите овие луѓе со посебни потреби да се чувствуваат слободни и да можат да бидат вклучени во секој сегмент од нашето општество – вели Ребека Јанковска Ристевски, во пресрет на првиот „Бал на различности“, зад кој како организатори застанаа Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“ од Скопје и Македонската опера и балет. Таа дополнува дека нивната цел е да ги извадат тие лица надвор од терапевтските сали и да ги измешаат со оние со нормален развој.
Секој човек на ова планета има свои способности да допринесе таа да биде подобро место за живеење, само треба да му се даде шанса за тоа. Затоа одовде и еден апел не само до лицата со посебни потреби туку и до нивните родители, да не се плашат, да бидат гласни, да ги бараат своите права, едноставно да го бараат она што им следува, а тоа се основните човекови права. Значи, не зборуваме за никакви луксузи, зборуваме за нешто што на нив им следува и со закон им е гарантирано.
Ребека Јанковска Ристевски, пејачка.

„Секој човек на ова планета има свои способности да допринесе таа да биде подобро место за живеење, само треба да му се даде шанса за тоа. Затоа одовде и еден апел не само до лицата со посебни потреби туку и до нивните родители, да не се плашат, да бидат гласни, да ги бараат своите права, едноставно да го бараат она што им следува, а тоа се основните човекови права. Значи, не зборуваме за никакви луксузи, зборуваме за нешто што на нив им следува и со закон им е гарантирано.“

Настанот, чие мото е „Не гледај со очите, погледни со срцето...“, сам по себе претставува презентација на успешни партнерства со инклузивен карактер што подразбира дека во двочасовната програма ќе бидат вклучени не само уметници и врвни солисти на МОБ, туку и мошне талентирани лица со посебни потреби. Така сопранистката Нада Талевска ќе настапи во дует со Џенгис Мемеровски и со аријата „Болеро на Елена“ од операта „Сицилијански вечери“, солистите на балетот Ивана Коцевска и Бобан Ковачевски ќе танцуваат на музиката од балетот „Слепа девојка“ чиј автор е Љубомир Бранѓолица, а првенката Весна Ѓиновска Илкова, во пијано придружба на Андреј Наунов, ќе ја исполни познатата „Арија на Сантуца“ од операта „Кавалерија Рустикана“.
Голема чест и задоволство е пред сè да се прими ваква покана да се настапува на ваков концерт каков што е овој чија цел е да се крене свеста на граѓаните за постоењето на овие деца и за нивното учество во секојдневниот живот како и секој нормален човек.
Нада Талевска, оперска пејачка.

„Голема чест и задоволство е пред сè да се прими ваква покана да се настапува на ваков концерт каков што е овој чија цел е да се крене свеста на граѓаните за постоењето на овие деца и за нивното учество во секојдневниот живот како и секој нормален човек“, забележува певицата Талевска и дополнува дека и се радува на изведбата со Мемеровски затоа што се работи за извонредно талентиран пејач кој досега зад себе има дузина настапи во разни хуманитарни проекти.

Програмскиот дел кој ќе се одвива во Салонот на МОБ ќе биде збогатен со перформанс на квартетот „Ер стрингс“ и инклузивна ревија подготвена од модната куќа „Елена Лука“. Моделите ќе бидат презентирани од успешни жени од повеќе сфери на јавниот живот и од деца и млади со посебни потреби. Некои од нив ќе се јават и како водители на шоуто кое ќе биде координирано од актерите Сашко Коцев и Гораст Цветковски.

„Во Македонија има многу предрасуди кон многу работи во целокупното живеење. Една од нив е и гледањето на тие лица со посебни потреби. Мене ми е исклучително драго што ќе настапам како водител и како шоумен. Знам дека билетите за балот се продадени, дека сите ќе дојдат, дека ќе биде убаво, дека децата што ќе бидат со нас и со кои неколку дена се гледаме и се подготвуваме ќе бидат комплетно спремни... Во принцип тие луѓе што доаѓаат на ваквите случувања немаат предрасуди. Проблемот е кај оние што ги заобиколуваат ваквите манифестации, а до нив може да се допре индиректно преку оние кои што ќе бидат таму“, истакнува Цветковски.

Инаку, во ревијалниот дел од овој настан со културен, но и хуман предзнак во кој ќе се собираат и средства за проекти кои ги засегаат лицата со посебни потреби, планирано е да музицира џез-гитаристот Тони Китановски и да се одржи поетско читање со Искра Донева и Александар Матовски Цако.