Кој е виновен за неисчистените канали - жителите или надлежните?

Селаните се жалат дека државата со децении не ги исчистила одводните селски канали, но надлежните велат дека 70 проценти од главната каналска мрежа е исчистена, а селската ја затнуваат жителите.
Во пелагониско со години не се исчистени делови од одводната каналска мрежа, па при секој пороен дожд се поплавуваат пониските битолски села и дел од пелагониската житница. Жителите и надлежните си ја префрлуваат вината меѓу себе за тоа кој треба да ги чисти каналите. Селаните и земјоделците велат дека државата со децении не ставила рака врз одводните селски канали, но и поголемите канали како Петтиот кој е најголем собирач на отпадните води и реката Црна.
Треба каналите да се исчистат, 50 години не се исчистени.
Анкетиран жител на Пелагонија.

„Од Петти канал доаѓа најголемиот проблем. Покрај смрдеата, се враќа водата назад, односно канализацијата им се враќа назад на луѓето во дворовите, визбите. Петтиот канал не е исчистен и не ја збира канализацијата да овозможи проток надолу.“

„Треба каналите да се исчистат, 50 години не се исчистени.“
За најголемиот дел од проблемите што се јавија со поплавата вината ја сносат самите жители од селата зашто негрижливо се однесуваат кон одводната мрежа, сами фрлаат ѓубре во неа, си копаат места каде сакаат да вршат испусти за наводнување, а не ги затвораат.
Димче Јошевски, регионален штаб за справување со кризи од Битола.

„Во селото има еден канал кој не може цела вода да ја прифати.“

„Ниско е, канали нема, никој ништо не презел. Да донесат барем некоја цевка да ставиме. Ова не е од вчера, вака е при секој дожд“, реагираат жители од селата Кравари и Логоварди.

Од Битолско Поле, следбеник на водостопанското претпријатие задолжено за одводнување, кое долги години беше во стечај, велат дека се задолжени да ја одржуваат главната каналска мрежа, што значи поголеми канали и реки, а не селските одводни канали кои се затнати.

Од регионалниот штаб за справување со кризи велат дека 70 проценти од главната каналска мрежа е исчистена, а селската ја затнуваат жителите на селата и тие треба да ја одржуваат.

„За најголемиот дел од проблемите што се јавија со поплавата вината ја сносат самите жители од селата зашто негрижливо се однесуваат кон одводната мрежа, сами фрлаат ѓубре во неа, си копаат места каде сакаат да вршат испусти за наводнување, а не ги затвораат“, изјави Димче Јошевски од регионалниот штаб.

Сепак, при обилните врнежи најголема опасност демне од реката Црна која не е исчистена три децении и има талог од еден метар.

„Доколку се излее Црна тогаш поплавите ќе бидат екстремни. Ако достигне над 4,30 метри водостој постои опасност, а моментално се намалува водата во река Црна. Дополнителните канали околу Црна и низ цела Пелагонија се полни со вода“, изјави Илија Србиновски, началник за земјоделство во Битола.