АМАН под притисок, но упорен

За да може да успее идеја за референдум по едно вакво прашање мора да се воспостават основните принципи на демократијата во земјава вели професор Мирјана Најчевска.
Ќе оставиме еден кус период за да се собереме сите од сите градови во земјава, а потоа продолжуваме понатаму, велат од граѓанската иницијатива АМАН, откако минатата недела Собранието ја одби нивната иницијатива за враќање на евтината дневна тарифа на струјата и да се укинат плаќањата на граѓаните за услуги кои што не ги користат. Тие најавија дека ќе продолжат да реагираат со сите легални форми, па дури и со референдум, доколку се соберат доволен број потписи за тоа, вели Александар Гочев од АМАН.
Мислам дека доколку би се собрале тие 150 илјади потписи, дека референдумот ќе биде успешен, граѓаните ќе излезат и позитивно ќе одговорат, односно преку референдумот би го изгласале она што народните избраници во Собранието не го направија.
Александар Гочев, АМАН.

„Мислам дека доколку би се собрале тие 150 илјади потписи, дека референдумот ќе биде успешен, граѓаните ќе излезат и позитивно ќе одговорат, односно преку референдумот би го изгласале она што народните избраници во Собранието не го направија.“

За да може да успее идеја за референдум по едно вакво прашање мора да се воспостават основните принципи на демократијата во земјава. Во спротивно, ниту бројноста ниту начинот на изразување на незадоволството нема да влијаат на резултатите, убедена е професорката Мирјана Најчевска.
Во диктатурата, власта не зависи од граѓаните и затоа нема потреба ниту да обрнува внимание на нивното мислење и не ги интересира дали излегле 100, 200, 1000, 10 илјади или 100 илјади луѓе на улица.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.

„Значи, во диктатурата, власта не зависи од граѓаните и затоа нема потреба ниту да обрнува внимание на нивното мислење и не ги интересира дали излегле 100, 200, 1000, 10 илјади или 100 илјади луѓе на улица.“

Тоа е причината зошто кај нас ваквите протести не можат да станат помасовни. Власта едноставно во многу ситуации покажа дека нема намера да обрнува внимание на тоа што го мислат граѓаните, посочува Најчевска. Тоа и ја прави различна од еден видно подемократски амбиент недалеку од нас, посочуваа таа на примерот на соседна Бугарија, каде што незадоволството од високите цени на струјата доведоа до најава за оставка на бугарската влада. Оставката ја побараа десетици илјади граѓани и покрај претходно преземените чекори како што е најавата за поевтинување на струјата и одземање на дозволата за чешкото електродистрибутивно претпријатие.

Граѓаните во Македонија се сè уште апатични и пасивни и не веруваат дека можат самите нешто да променат, вели Гочев од АМАН.

„Можеби повеќе чекаат некој друг да промени во нивно име, но таа свест ќе се дигне на едно повисоко ниво се надевам и дека ќе почнат да размислуваат сами за себе и да ги бараат своите права“, додава Гочев.