За банкетот на знаењето – во чест на Арон Шварц

Новица Наков, блогер, истакнат член на македонската заедница за слободен софтвер

Арон беше дел од пошироко движење кое се залага за отворен пристап до информации, научни трудови и книги. Неговиот герилски манифест за отворен пристап ја исцртува борбата за пристап до знаењето кое сѐ повеќе и повеќе се дигитализира и станува дел од корпорациските облаци, пишува Новица Наков, блогер, истакнат член на македонската заедница за слободен софтвер во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Некаде во август 2010 се наоѓав на универзитетски кампус во САД. Бев на гости и со лаптоп, па додека читав статии на google reader кликнав на вест што во себе содржеше врска до истражување на употребата на социјалните медиуми од страна на ИТ гигантите во рекламирањето на нивните производи. Како да отворам уште една страница на јавниот интернет, мојот Firefox ми отвори pdf документ од академски журнал. Не обратив поголемо внимание на овој настан се додека не се обидов да дојдам до истиот текст кога се вратив во Скопје. За кратко, всушност, бев на „банкетот на знаењето“.

Ова - „банкетот на знаењето“ - е терминот што Арон Шварц го користи за да ја опише ситуацијата во која се наоѓат луѓето, пред сѐ студентите, професорите и другите универзитетски вработени, во развиениот запад кои имаат лесен и постојан универзитетски пристап до новите и старите истражување, научни трудови и книги

Ова - „банкетот на знаењето“ - е терминот што Арон Шварц го користи за да ја опише ситуацијата во која се наоѓат луѓето, пред сѐ студентите, професорите и другите универзитетски вработени, во развиениот запад кои имаат лесен и постојан универзитетски пристап до новите и старите истражување, научни трудови и книги.


Подоцна, во 2011, во уште една универзитетска тура во Гетеборг ќе бидам потсетен на можноста што ние, луѓето од другата страна на paywall-от не можеме да ја имаме. Најновата повторена одлика на светот е привилегијата за пристап до знаење.

Граничниот пристап до оваа привилегија или трошките од банкетот ќе ги добијам во 2012 кога и сам морав да пишувам еден подолг академски текст. Пријатели, познаници и интернет странци со пристап зад затворените мрежи ми помогнаа да дојдам до трудовите што ми беа потребни да ја завршам мојата работа. На крај се израдував кога видов дека македонскиот журнал каде што ќе се појават делови од мојата работа е со ознаката Open Access.

Ретко пишувам лични текстови. Денот кога последен пат пишував за Радио Слободна Европа беше денот кога интернет беше преплавен со вести за смртта на Арон Шварц. Тоа саботно утро беше едно од најмачните за мене. Се сеќавам како со неверување гледав во мониторот на сите твитови и како вест по вест читав за трагичниот настан. Не го познавав Арон, но сум запознаен со неговата работа и со делот од таа работа кој наводно беше нелегален.

Овде во Македонија не сме помеѓу оние привилегираните кои имаат пристап. Но, можеме да придонесеме отворајќи го пристапот до документите кои ние ги создаваме.

Овој текст е мал симбол во негова чест и краток повик за продолжување на неговата работа.

Арон беше дел од пошироко движење кое се залага за отворен пристап до информации, научни трудови и книги. Неговиот герилски манифест за отворен пристап (https://gist.github.com/4535453) ја исцртува борбата за пристап до знаењето кое сѐ повеќе и повеќе се дигитализира и станува дел од корпорациските облаци.

Овде во Македонија не сме помеѓу оние привилегираните кои имаат пристап. Но, можеме да придонесеме отворајќи го пристапот до документите кои ние ги создаваме и да подадеме рака на оние што се уште подалеку од масата каде што се служи знаењето.
Со зборовите на Арон приватизацијата на образованието може да се сопре со отворање на знаењето, споделување на информациите и истражувањата и заедничка соработка. Голем дел од работата допрва следи.


Фала Арон.