Нимиц - Има зголемен интерес за решавање на спорот за името

Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц на прес-конференција во Скопје.

Од моите посети во Атина и Скопје можам да кажам дека забележав зголемен интерес и сериозен пристап кон можностите за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение, рече Нимиц по средбите со македонскиот државен врв.
Добив цврсто уверување од Владата дека решавањето на спорот за името е еден од главните приоритети, како и охрабрување за моите досегашни напори, рече медијаторот Метју Нимиц по средбите со македонскиот државен врв. Посредникот забележал зголемен интерес за решавање на ова прашање за чие затворање, како што рече, се потребни многу труд и бела коса.
Претставив неколку идеи и добив реакции. Од моите посети во Атина и Скопје можам да кажам дека забележав зголемен интерес и сериозен пристап кон можностите за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение.
Метју Нимиц, посредник на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција.

„Зборувавме за детали, за различни можности. Претставив неколку идеи и добив реакции. Од моите посети во Атина и Скопје можам да кажам дека забележав зголемен интерес и сериозен пристап кон можностите за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение“, рече Нимиц.

Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц на средба со премиерот Никола Груевски и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.


Охрабрен од сево ова ќе ги забрзам преговорите во Њујорк и ќе преземам натамошни чекори во однос на идеите што ги слушнав во Атина и во Скопје коишто беа конструктивни и добро осмислени, рече Нимиц.
Реакциите што ги добивам се навистина добро размислени и моите соговорници предлагаат сериозни можности околу тоа што е прифатливо, а што не.
Метју Нимиц, посредник на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција.

Позитивен беше неговиот одговор на прашањето дали после дваесет години гледа шанса за конечно решение на спорот за името. Нимиц не соопшти јавно кои предлози ги претставил, зашто, според него, тоа не би помогнало на процесот. Само кажа дека нема целосно нови предлози, туку различни контексти и формулации. Секогаш има простор за креативност, изјави Нимиц.

„Кога зборуваме за идеите, зборуваме за формалното, неформалното име, каде се користи, околу Уставот, околу употребата на придавките, јас предлагам формулации и потоа добивам реакции дали нешто е прифатливо или не. Меѓутоа реакциите што ги добивам се навистина добро размислени и моите соговорници предлагаат сериозни можности околу тоа што е прифатливо, а што не.“

Она што според Нимиц може да се дефинира како напредок во процесот е тоа што секоја страна ги разбира малку подобро грижите на другата страна и размислува за тоа дали понудената опција е прифатлива за другата страна.

Во меѓувреме, официјален Брисел потврди дека решението за името е важен услов за почеток на пристапните преговори за влез на Македонија во Европската унија. Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, изјави дека решавањето на спорот ќе значи чекор напред за добрососедските односи, истакнувајќи дека целосно го поддржуваат процесот предводен од Обединетите нации и посредникот Нимиц и прават сè за да ги охрабрат двете засегнати страни да дојдат до договор.