Зошто нема ништо од крајот на светот?

Денеска, како што веќе знаеме, нема ништо од крајот на светот. Заврши само есента, односно се случи, како и секоја друга година, уште една зимска рамноденица. Излезе дека некои погрешно ги протолкувале древните предвидувања и календари.
Светот, според, како што се покажа, толкувањата, а не според предвидувањата на календарот на Маите, веќе требаше да заврши или да почне да си го гледа крајот некаде во седум часот по средноевропско време. Всушност, приказните почнаа со тврдењата дека Нибиру, планета која ја предвиделе Сумерците, би требало да и се приближи на Земјата.

Таа катастрофа првично беше предвидена за мај 2003 година, но бидејќи тогаш немаше ништо од Судниот ден, датумот беше поместен за декември 2012 и тоа се поврза со завршувањето на еден од циклусите на календарот на древните Маи, односно зимската рамноденица.

Значи, како што објаснија од НАСА, станува збор за крај на тој календар, а не на светот. Напротив, како што прецизираа научниците, немало никакви планетрани поместувања чии ефекти би биле катастрофални за Земјата.
Не верувам во крајот на светот. Барем не во оваа година.
Дмитри Медведев, премиер на Русија

Едно од таквите поголеми поместувања се случи во 1962, па 20 години подоцна, но така, повеќе или помалку, е скоро секој декември и тоа не остава никакви последици врз Земјата.

Од друга страна и да имало некаква планета која би и се приближувала на Земјата, таа ќе била откриена уште пред десетина години, а сега би била видлива и со голо око.

Научниците велат дека е невозможно крајот на светот да дојде и поради наглото свртување на магнетните полови за 180 степени, што, според некои наводи, се случувало на секои 400 илјади години.

Нема ништо ни од теоријата дека Земјата наскоро ќе биде погодена од големи комети и астероиди. Последниот таков удар бил пред 65 милиони години и довел до исчезнување на диносаурусите. НАСА веќе утврди дека нешто слично засега воопшто не и се заканува на Планетата.

Истото научниците го тврдат и во врска со опасноста од гигантски соларни бури. Сончевата активност, како што се додава, се одвива во редовни циклуси кои кулминираат приближно на секои 11 години.

Наредната кулминација би требало да се случи до 2014, но и таа, како што се наведува, нема да биде поразлична од сите досегашни, односно ќе предизвика извесни нарушувања во работата на сателитската комуникација за што веќе начниците имаат развиено соодветна заштита.

Како и да е, оние што веруваа дека 21 декември 2012 година е Судниот ден и кои се собираа во неколку места во светот за да се спасат се најразочарани, ама по се изгледа и среќни, можеби и затоа што набрзо повторно ќе се појават некои нови датуми на Апокалипсата.

Или како што неодамна изјави рускиот премиер Дмитри Медведев: „Не верувам во крајот на светот. Барем не во оваа година“.