Каратистот Груевски го освои првото место во светската Премиер лига

Архивска фотографија: Каратистот Огнен Груевски.

По Наташа Илиевска и Мартин Несторовски лани, годинава и македонскиот каратист Огнен Груевски го освои првото место во категоријата до 84 килограми во годинашната светска Премиер лига.
Македонскиот каратист Огнен Груевски го освои првото место во категоријата до 84 килограми во годинашната светска Премиер лига. До овој подвиг во престижното натпреварување членот на Металург стигна благодарение на успешните настапи на пет од шесте турнири (настапи во Париз, Додрехт, Истанбул, Франкфурт и Салзбург, а не настапи во Џакарта) во Премиер лигата, вклучувајќи го и мартовскиот во холандскиот Додрехт, каде што се закити со златниот медал.
Овој подвиг за мене претставува големо искуство, голема награда, бидејќи може да се каже дека е дури и поголемо првенство од Европското, затоа што настапуваат од цел свет и во таа категорија настапуваат од секоја држава по повеќе натпреварувачи. Настапуваш на сите турнири, значи мора да си во форма цела година, што значи голем успех за мене, бидејќи јас успеав цела година напорно да вежбам, да останам во таа врвна форма, да останам на врвот на таа листа и да се изборам за оваа награда.
Огнен Груевски, каратист.

Каратистот Огнен Груевски.

Да биде успехот поголем, Груевски до највредниот трофеј во кариерата стигна откако во првата половина од сезоната се мачеше со повреда на грбот, која на крајот, сепак, не го спречи да стане само третиот каратист од Македонија кој триумфирал во Премиер лигата, по Наташа Илиевска (до 55 кг) и Мартин Несторовски (над 84 кг) минатата година. Со тоа, тој, на свое огромно задоволство, на најдобар можен начин го потврди својот, но и врвниот квалитет на македонското карате.

„Овој подвиг за мене претставува големо искуство, голема награда, бидејќи може да се каже дека е дури и поголемо првенство од Европското, затоа што настапуваат од цел свет и во таа категорија настапуваат од секоја држава по повеќе натпреварувачи. Настапуваш на сите турнири, значи мора да си во форма цела година, што значи голем успех за мене, бидејќи јас успеав цела година напорно да вежбам, да останам во таа врвна форма, да останам на врвот на таа листа и да се изборам за оваа награда“, изјави Груевски, кој годината што изминува ќе ја памети и по клупскиот и по индивидуалниот успех на домашната сцена.

„Металург стана повторно државен првак во Македонија, значи најдобри сме повторно во лигата. Бев избран за најдобар натпреварувач во лигата. Оваа престижна награда е и благодарение на нашиот спонзор Макстил и на мојот тренер Мирче Јанушевски, бидејќи без него немаше да се постигнат овие резултати“, додаде Груевски.

Сите овие успеси на повеќекратниот македонски шампион му наметнуваат императив во ист стил да продолжи и во иднина. Груевски е свесен за тоа и најавува нови трофеи уште во наредната година, кога главна цел ќе му биде она што не му успеа пред седум месеци, да oсвои медал на Европското првенство.

„Нема застанување тука. Моите амбиции се да ја задржам ако можам оваа Светска лига, значи да останам прв во мојата категорија и наредната година предизвик ќе ми биде на ЕП да го повторам, ако не и да го подобрам успехот од 2010 година, кога бев трет во Европа, во Атина. Верувам дека сум способен, штом сум прв во оваа лига, бидејќи тука настапуваат подобри каратисти во една категорија, така да мислам дека секој е победлив и секој може да ја освои таа медаља. Значи со напорно вежбање, со малку среќа мислам дека може да стигнеме до таа победа“, истакна на крајот каратистот кој во досегашната кариера се избори за бронза и на минатогодишната Универзијада во Сараево, каде што xво екипна конкуренција се закити и со сребрен трофеј.